Category Archives: Настан

Димитров во Делчево: 30 септември ќе биде празник на иднината

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров вчера го посети Делчево. Тој ја искористи посетата да разговара со младите од Делчево, а се виде и со градоначалникот Горан Трајковски. Министерот исто така имаше свое обраќање на градската трибина.

Со младите од Делчево и околината стана збор за предизвиците со кои тие се среќаваат, а како еден од најголемите проблеми со кои се среќава Делчево и другите околни места беше идентификуван одливот на способни млади во странски земји, луѓе кои инаку директно би придонеле кон развој на регионот.

Министерот Никола Димитров на трибината ја пренесе истата порака која им ја пренесе и на младите претходно – на 30 септември ќе направиме крупен чекор кон подобра иднина за Делчево. Позитивниот исход од референдумот значи и далеку поголема заинтересираност на странски компании, заинтересираност која брзо ќе се преточи во нови работни места, поголеми плати и општ развој на Делчево. На Делчево му е потребна поголема странска инвестиција да го искористи потенцијалот кој го има. Наша историска обврска е да обезбедиме шанса за нашите идни генерации да имаат просперитетен и удобен живот – дома. 30 септември ќе биде празник на иднината.

Активностите на министерот Димитров продолжуваат денеска во Валандово, Гевгелија и Струмица.


Премиерот Заев од Неготино: Оваа генерација, по 27 години, ќе одлучи да бидеме граѓани на ЕУ, политичарите ќе мора да ја почитуваат и спроведат одлуката во Парламентот

Одлуката е сериозна и одговорноста се однесува на иднината на нашата татковина и на нашите граѓани. Да бидеме дел од светот, а не сами во светот. По 27 години, ред е да се интегрираме во ЕУ. Да го фатиме чекорот, да бидеме граѓани на ЕУ, повика премиерот Зоран Заев на граѓанската трибина во Неготино.

Тој посочи дека 27 години политичарите говорат за НАТО и ЕУ, затоа што тоа се нашите стратешки определби и дека е дојден сега моментот за исполнување на тие аспирации.

Се правеле политички калкулации за чување рејтинзи, а помалку се мислело на државата. Зарем желбата во 1991 година не беше да одиме напред? Не се исполнија очекувањата, затоа 27 години зборуваме за ЕУ и НАТО. Како мал пазар тешко ќе опстанеме, можеме само заедно, правото и европските вредности ни требаат. Еден е животот, ајде да го живееме, повика  претседателот на СДСМ и премиер, Заев.

Тој објасни дека договорот од Преспа ги остварува вековните аспирации на нашите претци.

Оваа генерација мора да ја зграпчи оваа шанса, затоа што нема друга алтернатива, нема план Б. Ако ја пропуштиме може да чекаме во следните 50 години. Борбата беше да имаме грутка земја признаена од цел свет, во којашто живее македонски народ признаен од цел свет, којшто зборува македонски јазик признаен од целиот свет. Тоа го имаме, рече  премиерот, Заев.

Должност е, кога ќе излезе мнозински народ и ќе гласа За, со огромно За на референдумот, ние политичарите да се поклониме и може само да ја спроведеме одлуката во Парламентот. Овој народ секој пат бил за Македонија и за идните генерации. Си го знам народот. На 30 септември ќе гласаме за европско Неготино, За европска Македонија, порача претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, на граѓанската трибина во Неготино.


Шекеринска во Свети Николе: Одлуката на 30 септември ќе ја носат тие што ќе излезат да гласаат, тие што знаат каде сакаат да се движи Македонија

27 години во Македонија има консензус за ЕУ и НАТО и сега треба да ја зграпчиме шансата. Одлуката на 30 септември ќе ја донесат оние кои ќе гласаат. Ние како влада ќе го почитуваме ставот и гласот на тие што ќе бидат мнозинство на референдумот ЗА или против. Нема да дозволиме на тие што сакаат да седнат на маса и да зборуваат за амнестија да ја уценуваат Македонија. Одлуката нема да ја донесат тие туку Македонија – изјави министерката за одбрана Шекеринска на трибина во Свети Николе.

 

 

Со овој Договор имаме шанса да влеземе во ЕУ и НАТО како Македонци, како луѓе што го сочувале идентитетот, а македонскиот јазик во ЕУ ќе стане официјален јазик во заедница од 500 милиони луѓе. Договорот ги заштитува работите кои ни се најважни – рече министерката.

Таа зборуваше за бенефитите од членството на Македонија во ЕУ и НАТО. НАТО значи дека во случај на опасност за земја членка се активираат сите сили и капацитети на Алијансата. Рече дека во секоја земја откако станала членка на НАТО, следел раст на економијата, инвестициите и работните места и повеќекратно намалување на невработеноста. Членството во ЕУ значи пристап до многу поголем износ на европски пари и можност за фирмите да поделат повисоки плати, единствен начин да ги задржиме младите дома. Ако во Македонија имаме 260 000 евра европска помош дневно во Хрватска дневната сума европски пари на располагање е 3,5 милиони евра – рече министерката.

Таа рече дека оваа генерација нема да ги остави проблемите на младите туку ќе ги реши.

– Ова го правиме за вас, но нема да успее без вас – порача Шекеринска и повика на масовно гласање на 30 септември за европска Македонија.

 


Премиерот Заев од Демир Капија: Со секој глас ЗА на 30-ти септември за Македонија отвораме нови фондови и можности за влог во капитални инфраструктурни проекти!

Претседателот на Владата на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев на неколку дена пред одржување на референдумот, оствари средба со граѓаните на Демир Капија. Посочувајќи ги бенефитите од членството на Македонија во НАТО и во ЕУ, Премиерот Заев истакна дека за земјата тоа ќе донесе стабилност, економски просперитет, повисоки плати за граѓаните и подобар стандард. Премиерот Заев пред жителите на Демир Капија објасни и каква била состојбата во некои земји пред, и по нивното зачленување во двата големи сојузи.

 

 

„Пред да бидат членки на НАТО и на ЕУ, невработеноста во Бугарија била 17,3%, кога станала членка на НАТО, Бугарија и на ЕУ, невработеноста паднала на 5,5%. Странските инвестиции се зголемиле за 3 до 5 пати повеќе од претходно. Во Романија платите пораснале за 400%, во Бугарија платите претходно биле 244 евра, сега се 550 евра. Затоа се бориме и ние да ги достигнеме“, рече Премиерот Заев.

Ова како што рече тој, ќе се случува и во Македонија. Премиерот Заев истакна дека со отворање на европските фондови, ќе се почувствува директна финансиска поддршка за младите, за земјоделците, но и за сите важни сектори во општеството; здравство, социјала, комунална инфраструктура, образование.

„Тенденцијата на Европа е рамномерен развој насекаде на територијата на ЕУ. Сите земји кои се под 85% од просекот на развој на ЕУ, тие директно ги ползуваат сите фондови на ЕУ. И социјалниот и за земјоделие и кохезивниот фонд.

Ова нас не ни се отвара како можност после 5, 10 години. Буквално од 1 октомври го почнуваме скринингот, преговорите, а поглавјата ги отвораме во јуни 2019-та година – тоа се неколку месеци од сега. Со отворање на поглавјата, се отвораат фондовите и затоа не смееме да ја пропуштиме оваа историска шанса, додаде Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев.

Пред граѓаните на Демир Капија, Премиерот Заев зборуваше и за важноста на договорот со Грција, како и за фактот дека оваа генерација има привилегија, шанса, но и огромна одговорност за неколку дена, на 30 септември да донесе вистинска одлука за иднината на Македонија, но пред се за иднината на своите деца и внуци.

„Сега на 30-ти што и да направиме секако ќе влијае. Ако сме ЗА, ќе влијаеме за да ги отвориме сите можни перспективи. Ако сме против, јас сум убеден дека ќе ни биде жал. А тие што ќе бојкотираат – знам дека ќе се срамат. Тоа ти е како – какво семе ќе засадиме. Ако засадиме ЗА ќе никне убава лозинка, ќе даде убав род и богат плод. Ако засадиме ПРОТИВ, ќе никне една прачка која што нема да даде никаков род. Ако засадиме БОЈКОТ, ќе останат само трња и троскот“, заклучи Премиерот Заев повикувајќи ги граѓаните на Демир Капија в недела со кренати глави и со убава насмевка да гласаат ЗА европска Македонија.

 


Николовски: Патот кон ЕУ и НАТО ги отвора вратите за инвестиции на странските компании во земјоделството

Патот кон Европската Унија и НАТО ги отвора вратите за инвестиции од странските компании во македонското земјоделство, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на денешните средби со земјоделци и претставници од бизнис секторот во општина Босилово.

Само по поканата на НАТО за членка во Алијансата во јуни годинава, Македонија има најава за 50 нови инвестиции во агро-секторот. Во таа насока МЗШВ подготвува јавен оглас за доделување слободно земјоделско земјиште во државна сопственост за површина над 3 хектари. Огласот се однесува за реализација на нови инвестиции, како што се подигање нови насади и изградба на земјоделски комплекси. Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски од Босилово изјави:

 

 

– Огласот кој што се подготвува за доделување на државно земјоделство земјиште под закуп на три хектари ќе се однесува и на бизнис секторот односно на сите домашни и странски инвеститори коишто се заинтересирани за нови земјоделски капацитети. Условите под кои ќе се даваат површините е да се достави посебен деловен план за инвестиции и одреден број на вработувања. Нашата цел е секое слободно парче земја на државата да го ставиме во функција на земјоделците, на целокупната економија, и максимално да ги искористиме  сите потенцијали, изјави Николовски.

Усогласувањето со Европските регулативи и перспективата Македонија да стане членка во Унијата резултира и на приливот на директни странски инвестиции. Само во првото полугодие од годинава нивото на вкупните странски директни инвестиции во земјава изнесува 327 милиони евра, што е 3 пати поголем од истиот период лани.

МЗШВ активно работи и на мерки за зголемување на конкурентноста на земјоделските стопанства на домашниот и меѓународниот пазар. Следејќи ги европските препораки, МЗШВ поттикнува и формирање на земјоделските задруги и консолидација на земјоделско земјиште.

Членството на Македонија во ЕУ и НАТО ја прави земјата привлечна и сигурна за домашни и странски инвеститори. Тоа значи повеќе инвестиции и повисоки субвенции, стабилен пласман, поголем пазар, сигурен откуп и повеќе приходи за нашите земјоделци.

 


Министерката Шекеринска од Свети Николе: На 30 септември граѓаните ќе донесат вистинска одлука за иднината

Министерката Радмила Шекеринска денеска во Свети Николе разговараше со Светиниколчани за претстојниот референдум, а се сретна и со градоначалникот на општината.

„На 30 септември имаме шанса да обезбедиме Македонија да биде безбедна, стабилна држава, да не се грижиме за тоа дали ќе не биде, дали ќе ги зачуваме истите граници, дали ќе ја зачуваме стабилноста, но во исто време и да и гарантираме на нашата земја повеќе пари за патишта, повеќе пари за локална инфраструктура, подобро платени работни места, подобро образование и здравство. Ова се теми за кои мора да дискутираме и ова се теми на кои сите други држави кои станаа членки на НАТО и ЕУ, веднаш забележаа позитивни резултати“, рече министерката.

 

Шекеринска истакна дека референдумот на 30 септември е важен за да им се обезбедат истите привилегии на младите во Македонија, што ги имаат младите во земјите-членки на НАТО и ЕУ, да се обезбедат европските средства и фондови за државата и за општините. Министерката истакна дека вратите за нашата држава се отворени, факт кој го потенцираа сите светски политичари и влијателни луѓе кои ја посетија Македонија.

„Успеавме да ја отвориме вратата за Македонија, но дали ќе го преминеме прагот, дали ќе ги добиеме тие средства, дали ќе ги добиеме тие шанси зависи од граѓаните на нашата земја. Затоа повикот ми е до сите граѓани на Република Македонија, да го искористат своето право на глас, затоа што одлуката на 30 септември ќе ја донесат оние кои ќе излезат да гласаат“, рече Шекеринска.

Министерката повика граѓаните да го искористат демократското право на глас – за или против, и додаде дека Владата ќе го почитува мислењето на мнозинството граѓани кои ќе го искористат своето граѓанско право. „Сметаме дека на тој начин Македонија ќе стане и подемократска, но она што е најважно подобра земја, побогата земја, земја која што ќе создава шанси за своите млади“, заклучи министерката Шекеринска.

 


Спасовски: Да ја прифатиме подадената рака за влез во ЕУ и НАТО, секој глас ЗА носи повеќе странски инвестиции

Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски вчера се сретна со жителите на неколку населени места од општина Крива Паланка кадешто со граѓаните разговараше за процесот на интеграција и придобивките од влезот на Македонија во ЕУ и НАТО.

Присутните граѓани изразија огромна поддршка за остварениот напредок на Македонија во последната година и ги поздравија можностите што се отвораат со пристапувањето на Македонија во ЕУ и НАТО.

 

 

– Светските и европските лидери ни подадоа рака, се отворија вратите за влез во НАТО и ЕУ.  Имаме историска шанса да станеме рамноправен дел од најсилните светски сојузи и да ги живееме сите придобивки како и останатите членки на ЕУ и НАТО. Ова е историска шанса за нашата генерација да обезбедиме иднина за нас и нашите поколенија, посочи Спасовски.

Министерот Спасовски пред присутните зборуваше за придобивките од членството во ЕУ и НАТО, потенцирајќи ги можностите за повеќе странски и инвестиции, како и пристапот до нови фондови и развојни линии за поддршка на стопанството, земјоделството и инфраструктурата.

„Се наоѓаме во клучен период за нашата татковина, исправени сме на една недела од најважната одлука за нашата генерација, да избереме иднина наместо неизвесност, да избереме просперитет и европски можности и вредности. Секој глас ЗА на референдумот е глас за повеќе странски инвестиции, за нови работни места и повисоки плати, за инвестиции во инфраструктурата. Секој глас ЗА на референдумот е глас за напредок и развој, за пристап до нови фондови и поголема поддршка за земјоделството и стопанството. Затоа, на 30 септември да гласаме ЗА за нашата иднина“ – порача Спасовски.


Премиерот Заев од Гевгелија: Да не чекаме уште 27 години, да го фатиме возот што ја носи Македонија во Европа

– Сите ќе се радуваме на историската одлука на 30 септември. Сите сме свесни пред колку исправна одлука сме исправени. Ова е чест на нашата генерација. Знам дека имаме одговорен народ којшто води грижа за своите деца и за своите поколенија. Да не чекаме уште 27 години, да го фатиме возот што ја носи Македонија во Европа, порача премиерот Зоран Заев на граѓанската трибина во Гевгелија.

Тој рече дека македонскиот јазик заслужува да биде официјален јазик во ЕУ.

 

– Постигнавме договор но знаевме што мора да сочуваме, јазикот и идентитетот. И Грција ги призна. Таму во договорот стои македонски јазик. Знам дека е непријатно чувството со географската одредница, но ги знам придобивките. Овој референдум е важен како во 1991 година затоа што за век и веков треба да ја осигураме нашата Македонија. Имаме држава признаена од цел свет, во којашто живее мнозински македонски народ признаен од цел свет, којшто зборува македонски јазик признаен од цел свет. Ги постигнавме сите цели на нашите татковци и дедовци, додаде претседателот на СДСМ и премиер Заев.

Тој се обрати до младите и до родителите.

– Немојте да преспиете, зборувајте со вашите родители, баби и дедовци, имате право на добра иднина. Но и родители, важно е и ние да разговараме со сите. Не е исто нашите млади дали ќе ги имаат сите права како нивните врсници од Европа или ќе останат сами, изолирани. Ова од нас зависи., рече претседателот на СДСМ и премиер Заев.

Тој од трибината во Гевгелија се обрати и до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

– Рече денеска во Охрид дека немаат план за бојкотирање. Ако е така пријателе ајде направи уште еден чекор. И твоја е оваа Македонија. И ти имаш деца и јас имам деца. Во име на тоа што не може да се постигне подобар договор, во име на ЕУ и НАТО, приклучете се заедно да ја испишеме модерната историја на европска Македонија, повика претседателот на СДСМ и премиер Заев.

– На 30 септември секој граѓанин да стави тула во изградбата на иднината на европска Македонија. 30 септември е ден на новата модерна македонска историја да излеземе сите, заедно и да гласаме, за европска Гевгелија, За европска Македонија, порача претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, на граѓанската трибина во Гевгелија.

 


Спасовски во Крива Паланка: Влезот во ЕУ и НАТО со заштитен идентитет и јазик е остварување на сонот на претходните генерации

Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски денеска е во посета на Крива Паланка каде што се сретна со граѓани и пензионери од оваа општина.

На средбата, министерот Спасовски истакна дека на 30 септември граѓаните слободно и без пристисоци, самостојно ќе решаваат за својата иднина.

– Правото на глас е неприкосновено, а тајноста на гласањето е загарантирана. Никој не смее и нема да врши никакви закани, уцени, притисоци околу процесот на гласање. Институциите ќе гарантираат беспрекорно спроведување на референдумот и секој што ќе го попречува избирачкото право на граѓаните, ќе биде соодветно санкциониран, порача Спасовски.

Пред присутните министерот Спасовски порача дека интеграцијата во ЕУ и НАТО е стратешки интерес на Македонија поставен пред 27 години, во 1991 година и истакна дека референдумот на 30 септември е прв чекор кон остварување на сонот на претходните генерации за влез во најсилните светски сојузи со признаен и зајакнат македонски идентитет.

– Оваа одлука е државотворна, нашата татковина ја исправивме на јасен пат, добивме датум за преговори со ЕУ  и нашата држава ќе биде 30та членка на најмоќната алијанса – НАТО, признаена со свој единствен идентитет и јазик. Ова е момент за  одлука, ова е момент за иднина. Да го оставриме сонот на нашите предци, Македонија да биде дел од најсилните светски сојузи со загарантиран македонски идентитет и македонски јазик. Да покажеме сите заедно дека сме за подобар живот, за европски вредности и еднакви услови за сите. На 30 септември да гласаме ЗА европска Македонија – порача Спасовски.


Шекеринска во Карпош: Нашиот јазик и културно наследство се потврдени, во сојузот со 500 милиони ќе бидеме многу посилни!

Владата се обврза дека ќе одработи покана за членство во НАТО, датум за почеток на преговори со ЕУ и дека граѓаните ќе можат да се изјаснат на референдум за својата иднина – сето тоа го обезбедивме.

Но, не се сите заинтересирани за доброто на Македонија. Ги повикувам сите да излезат и да гласаат за иднината- рече министерката Шекеринска на граѓанските собири во Карпош – во Злокуќани, Бардовци и во Влае.

Таа рече дека Договорот го потврдува македонскиот јазик и идентитет а доказ за тоа е аплаузот кој Премиерот го доби во Европскиот парламент бидејќи покажа дека може на својот македонски јазик да зборува европски.

– Три децении плаќавме висока цена за едно нерешено прашање. Не сакавме да го префрлиме на нашите деца да го решаваат. Ако ја пропуштиме оваа шанса, во договорот кој ќе се постигне за 20 години нема има Македонци и македонски јазик.Државнички и патриотски е да го зачуваме овој Договор во кој се погриживме македонскиот јазик и идентитет да бидат загарантирани – рече Шекеринска.

Таа зборуваше за придобивките од зачленувањето во ЕУ и НАТО, безбедноста, финансиската поддршка што секоја општина ќе ја почувствува, партнерството во Сојуз со 500 милиони луѓе од развиените  европски земји.

– Македонија има 2 милиони луѓе, но ако сме во сојуз со 500 милиони, појаки сме- рече Шекеринска.

Светот секојдневно ни дава поддршка но одлуката на референдумот за својата земја ќе ја донесат оние кои ќе излезат да гласаат.

– Затоа ни треба масовност, затоа секој глас е важен. Да не се разбудиме на 1 октомври со чувство дека не сме успеале. Како што го добивме кандидатскиот статус во 2005, јас гарантирам дека по успешниот референдум ќе станеме членка на НАТО, а НАТО членството е клучниот чекор кој го забрзува патот кон членството во ЕУ- рече министерката.