Category Archives: Настан

Премиерот Заев од Охрид: Ова е најважниот глас во историјата на нашиот народ, македонскиот јазик ќе биде официјален јазик во Унија со 500 милиони луѓе!

– Овде, крај езерото, повеќе од 3.500 ученици се описмениле на Свети-климентовиот универзитет за потоа да патуваат низ Европа и да го шират словото и знаењето стекнато тука. Охрид бил голем центар на писменоста, културата и византиската уметност со векови.

Ако е тоа така, кажете ми тогаш дали има поголем влог за одбрана на нашиот идентитет, од фактот што со нашата интеграција во ЕУ, македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на ЕУ!

 

 

Дали добро ме чувте? Македонскиот јазик ќе е официјален јазик во Унија на нации којашто брои петстотини милиони луѓе, рече премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, на митингот синоќа во Охрид.

– Дојдов тука, во Охрид за да ве повикам сите вас, сите прогресивни сили во државата, а тоа се пред и над сѐ граѓаните, граѓаните Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи, Еѓипќани… сите!

Ќе се одважиме во новиот историски момент што ги повикува нашите генерации и ќе гласаме За европска Македонија!

Oвој историски момент ги повикува и членовите на ВМРО-ДПМНЕ да одлучат и да ја поддржат иднината на Македонија во европското семејство.

Вистинскиот патриот на 30 септември ќе излезе За европска Македонија, додаде  претседателот на СДСМ и премиер, Заев.

Тој потсети на вчерашната порака на американскиот секретар за одбрана на САД, Матис.

– Американскиот секретар Матис рече дека 29 земји членки на Алијансата се обврзуваат да нѐ штитат! Ова е најважниот глас во историјата на нашиот народ.

На 30 септември излегуваме масовно и гласаме заедно да одиме напред, за европски Охрид, За европска Македонија, порача претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, на митингот во Охрид.

 

 

Заев: Со НАТО добиваме траен мир, безбедност, стабилност, сигурност и економски просперитет!

„Со НАТО почитувани граѓани добиваме траен мир, безбедност, слобода, стабилност, сигурност. Да не ве потсетам на мајките коишто губеа деца по бојни полиња. И во НОБ и во конфликтот паднаа човечки животи. Треба да знаат сите мајки и татковци со НАТО добиваме траен мир. Никогаш повеќе војна во Македонија. Тоа е огромна придобивка, мирно да спиеме. Нашите деца и внуци никогаш повеќе во војна затоа што членот 5 од НАТО вели ако една земја членка е нападната тоа значи дека сите земји на НАТО се нападнати“, порача Претседателот на Владата на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев на граѓанската трибина на коалицијата „Заедно за Европска Македонија“ во Струга.

Тој рече дека силно верува во нашиот европски народ кој секогаш носел храбри историски одлуки како што е и референдумската одлука на 30-ти септември со која се испишува новата современа историја на нашата земја.

 

 

„Дојде денеска секретарот за одбрана на САД, Матис и тоа ни го кажува. 29 земји членки на НАТО ќе ве штитат вас како 30-та земја членка. И зборува јавно кои се вредностите од придобивките на НАТО. Но на крајот НАТО носи и економија, носи инвестиции, и домашни и странски, и повисоки плати и нови работни места за граѓаните.“ зборуваше премиерот Заев пред стружани.

Зборувајќи за придобивките што ги почувствувале земјите од членството во НАТО премиерот Заев рече дека во Бугарија странските директни инвестиции се зголемиле за 4 пати по зачленувањето во НАТО, во Романија и Бугарија процентот на невработеност од 17% паднал на 5.3% и во таа насока тој потенцираше дека НАТО носи подобар економски стандард.

„Европската Унија носи европски вредности. Кога се бореше нашата репрезентација на чело со Наумче велевме да влеземе во Европа. Да се избориме за Европа и шампиони да станеме, тоа е целта. Ама и секој клуб, не мора да е репрезентација главна цел му е, ако не шампиони, ако може во Европа да влеземе. Граѓанските организации лекции ни држеа на нас политичарите 27 години за вредностите на ЕУ. Јас и многу политичари од нив ги знаеме тие вредности на ЕУ и затоа денеска тежнееме да ги исполниме тие вредности. Но на крајот ЕУ и НАТО носат повисок економски стандард, мотивирачки и квалитетни плати, за да ни останат младите тука, носат владеење на правото, сигурност и безбедност“ порача премиерот Заев на граѓанската трибина во Струга.

Пред граѓаните на Струга свое обраќање имаше и ракометниот великан и стружанец, Наумче Мојсоски кој рече дека важно е да се гласа за на референдумот за конечно нашата земја да не биде претставувана во светот под времената референцата БЈРМ или FYROM и спортистите конечно да добијат еднаков третман и можности за развој на нивните кариерите во Европа.

Пред стружани се обратија и пратеникот во Собранието на Република Македонија, Јован Митрески и политичкиот аналитичар Алберт Хани кои зборуваа за важноста на историската одлука пред којашто се исправени граѓаните и за неопходноста од членство на земјата во Европската Унија и НАТО.

 


[Интегрално обраќање] Премиерот Заев На 30 септември ставете ја вашата најубава насмевка и излезете за иднината на европска Македонија!

Е ова е нашата земја македонска, е ова е европска Македонија.

Ви благодарам почитувани мои сограѓани за оваа огромна масовност. Овие илјадници наши граѓани излегле овде, ден недела, да испратат една многу сериозна порака во вистинско време на вистинско место. Ви благодарам што дојдовте поради пораката од денешниот ден, а пораката е, сакаме иднина, сакаме европска Македонија.

Почитувани граѓани, сите ја чувствуваме одговорноста во времето во коешто живееме.

Ова е одговорност на нашата генерација. Ова е одговорност токму на нас. Од нас зависи иднината на нашата Македонија. Од нас зависи иднината на нашите деца, и иднината на децата што доаѓаат после нашите деца.

Никој друг за нас не може да ја донесе оваа одлука. Но јас знам, нашиот народ, нашиот мултиетнички народ, во нашата заедничка, убава Македонија е исправен сериозно прекрупна одлука, и знам дека ќе се носи со сериозноста на одлуката.

Ќе обезбедиме иднина на нашите деца, ќе обезбедиме европска Македонија.

Не беше пред еден век, 8-ми Септември 1991 година. Тогаш, нашиот народ, обединето, сплотено, заедно, здружено, донесе одлука. Гласаше за нашата независност. Исполни вековна аспирација на нашите дедовци и прадедовци. И тогаш не беше лесно. И тогаш имаше дилема. Дали ќе не биде. Дали некој ќе се намерачи на нашата земја.

Како ќе обезбедиме греење на градинките и училиштата во нашата држава? Како ќе одиме напред како другите земји, а немавме национална валута? Се уште многу прашања беа поставени пред нас. Но луѓето гласаа со разум. Гласа со љубов за својата земја. И излегоа во огромно мнозинство, сплотени и донесоа одлука,  со којашто и тогаш и ден денес, сите се гордееме.

Гласаа за независна Република Македонија.

Јас бев млад. Имав 17 години. И слушав и во мојата Струмица, и во мојата Македонија, како имаше озарени лица, џагор, радост, среќа. Затоа што сме отвориле душа и срце, и сме донеле исправна одлука. Сме обезбедиле парче грутка земја за генерациите што доаѓаат.

И од тогаш наваму, и јас , како тогашен млад човек, заедно со сите граѓани, сонуваме еден сон, кој што денеска има голема шанса да стане наша реалност. Сонувавме за земја која ќе биде рамо до рамо со сите модерни развиени демократски земји, каде што децата ќе имаат перспектива, добро образование, квалитетно здравство, каде што ќе има економски раст и развој, каде што ќе има прогрес, каде што ќе има насмеани и озарени лица. Сонуваме сите, почитувани сограѓани, 27 години, и еве денеска донесовме крупни одлуки, и денеска сме исправени, конечно да го оствариме овој наш сон. Конечно сите заедно да ја зграпчиме оваа уникатна шанса, конечно да излеземе и да се исправиме пред предизвикот на нашата генерација, конечно да обезбедиме европска иднина за нашите деца, за генерациите после нас.

Ова наше заедничко патување, сиве овие 27 години, е на дофат на остварување, за сонот наш заеднички за европска Македонија. Сите генерации од почетокот на независна Македонија, зборуваа за перспективите од Европската Унија и НАТО. Не постоеше собир во Скопје или било каде во Македонија, кога се ветуваше Европска Унија и НАТО, затоа што тоа се нашите стратешки цели.

Нашите стратешки определби. Тоа се прашања зад кои што стоиме сите. Сите граѓани по етничка определба, сите граѓани по политичка определба, сите граѓани по верска и културолошка определба. НАТО и ЕУ не поврзува сите. Затоа, оваа аспирација, конечно имаме шанси да ја зграпчиме и да бидеме горди оти сме успеале.

Кога стана веќе јасно дека политичарите во државата, и институциите, Влада, Парламент, почнаа да носат исправни одлуки.  Откога стана јасно дека си го обединивме општеството, се сплотивме дома сите со нашата убавина на различности кои што ја има само Македонија од целиот свет. Кога стана јасно конечно дека сме решени да ги отстраниме пречките, кои што не кочеа сиве овие 27 години, да склучуваме договори, да градиме пријателства, почнаа и параметрите во државата да се дигаат. Конечно после години имаме раст од 3,1 % на БДП, имаме зголемен извоз за 17% во првото полугодие во споредба со лани.

Имаме намалување на невработеноста во државата од 21,7 на 21,1 %. Имаме зголемување на вработеноста на младите за 7,2 %, и имаме за едно полугодие 325 милиони евра странски инвестиции. Три пати поголеми од лани истото време. Имаме раст и развој, а само во најава е иднината на која што толку и се радуваме, и толку ја очекуваме.

Можете ли да замислите почитувани граѓани, какво ќе биде темпото, каква ќе биде динамиката, колку ќе биде растот во државата, колку ќе има странски инвестиции во Македонија?

Можете ли да замислите, колку брзо ќе паѓа невработеноста во Македонија, можете и да замислите колку брзо ќе се враќа среќата во државата? Можете ли да замислите дека ќе ја спречиме конечно миграцијата на младите луѓе од нашата убава Македонија.

Затоа почитувани мои сограѓани, патриотизам е да си ја осигуриме иднината на нашата земја. ЕУ и НАТО се единствениот пат по кој што сака, може и треба да се движи Македонија.

За нас не постои алтернатива, затоа што за нас тоа е нашата надеж, затоа тоа е нашата верба, затоа што тоа е нашата мотивација, затоа што тоа е нашата водилка за подобар живот, на сите граѓани, овде, во европска Македонија.

Затоа, почитувани сограѓани, поучени од сите овие 27 години, како се преговарало, колку пати имало неправди, како сме биле закочени, итн итн.

Донесовме одлука храбро да влеземе ние нашата одговорност ја презедовме и јас и владата што ја водам и нашиот парламент донесовме одлука, не калкулиравме никако, затоа што пред се и пред сите наши политики и пред нашите политички партии ја ставивме Република Македонија, после 27 години поучени склучивме договор решивме спор, добивме пријател, донесовме договор конечно после 27 години со Република Грција.

Почитувани пријатели, мора сите да знаеме дека договорот е фер и праведен и двете страни подеднакво добиваат. Некој вели еве ја опозицијата и во Грција и во Македонија се нешто се противат и двете страни, значи исто сме добиле или исто сме изгубиле, јас ве уверувам дека со договорот со Грција, двете страни добија и ништо помалку овој договор обезбедува перспектива, пријателство, интеграција, среќа, економија, инвестиции, развој, обезбедува европска иднина.

И видовте дека направивме компромис, затоа што само компромисот може да не мрдне од мртва точка, само преку компромис може да има напредок, доста беше калкулирање во државата, знаат и малите деца дека мораше и мора да се реши прашањето со името со Грција. Затоа донесовме храбра и државничка одлука, затоа знам дека и нашиот народ ќе донесе исправна, државничка, татковинска, родољубска, историска одлука за Република Македонија.

Прифативме додавање на зборчето „северна“ во нашето уставно име, и сите знаат дека тоа е факт, и сите знаат дека тоа правично, од историска Македонија, ние сме северниот, горниот дел. Учевме дека има Егејска и Пиринска Македонија, и сега што ќе го нападнеме Солун, ќе освојуваме во 21 век други земји.

Не, почитувани пријатели, Македонија сите етнички граѓани е определена да ги отвори границите, да гради пријателство, да подава рака, да создава иднина, затоа донесовме храбра одлука, и отидовме знаејќи дека мораме едно да заштитиме, да го заштитиме нашиот македонски идентитет, и не само што успеавме, успеавме ем да го заштитиме нашиот идентитет и јазик, туку и да го потврдиме и да го зајакнеме. Грција го призна нашиот македонски јазик, Грција го призна и го прифати нашиот македонски идентитет, најдовме формула како да се признаеме на темелите на минатото да градиме иднина, испишавме европска историја.

Затоа почитувани граѓани, да бидете горди, затоа што имаме најдобар договор на свет, подобар не може никој, никој да добие. Договорот ги исполни вековните аспирации на нашите татковци, дедовци и прадедовци. И кога се бореле во Крушево на Илинден и кога се бореле во Народно ослободителна броба и кога се радувавме за независноста на Македонија, конечно добивме држава признаена од сите, од целиот свет, во којашто живее доминантно македонски народ признаен од целиот свет, којшто зборува македонски јазик признаен од целиот свет, никој повеќе не не спори, не призна целиот демократски свет, не призна Европа, не призна светот.

Ја приметивте мојата среќа и маѓепсаност во моето лице и гордоста што ми ја овозможи Европскиот парламент. Премиер на мала Македонија, да зборува на Македонски јазик и да добие стоечки овации од десничарите, левичарите, либералите, зелените политички партии, сите. Имаме можност пред Европа да зборуваме за европските вредности, за нашата верба во модерна и демократска Европа.

Почитувани граѓани, ова е голема чест и можност за сите нас, за сите граѓани во Република Македонија. Ајде да не дозволиме да ја разочараме таа доверба што ни е дадена од сите наши големи пријатели ајде со гласање ЗА на овој референдум, да му покажеме на светот дека го почитуваме пријателството и ја почитуваме подадената рака.

Сакам во оваа прилика неповторлива, во оваа прилика кога Македонија овде на оваа улица и крајот не и се гледа, да ги поздравам сите што се овде, и да ја искористам можноста да се заблагодарам како Македонец, на нашите сограѓани Албанци, на нашите сограѓани Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, сите во оваа наша убава мултиетничка Македонија. Ви благодарам за солидарноста, ви благодарам што имавте разбирање за нас Македонците, борејќи се за нашиот македонски идентитет. Сакам да ве уверам, дека ако беше загрозен албанскиот идентитет ќе се борев исто како и за македонскиот идентитет, исто ќе го направев и за турскиот идентитет, и за српскиот и за ромскиот, и за бошњачкиот и за влашкиот, и за сите.

Оваа ваша солидарност, оваа ваша демонстрација на единство, ја прави Македонија тоа што е, ја прави Македонија и јас и вие да се гордееме до небо, да држи лекција на различна обединета Европа, да каже дека ова е Европа во мало, ова ваше солидарно и европско однесување е најсилната гаранција дека Македонија ќе биде и членка на НАТО и членка на Европската Унија.

Почитувани граѓани, вие граѓаните сте архитектите на иднината на нашата земја. Вие сте градителите на наша Македонија. Дојдоа пријатели од цел свет и ни кажаа јасно и гласно појасно здравје, зборуваа на Македонски јазик, кажуваа “Ве чека НАТО, ве чека Европска Унија, ви нудиме пријателство, ви нудиме соработка, конечно сакаме да споделиме со вас се што имаме и вредности и перспективи, и слабости но и предности”, да бидеме рамо до рамо сакаа да ни кажат, секој од големите светски лидери којшто дојде во Македонија и ќе доаѓа до референдумот, да ни понудат иднина, да ни понудат перспективи, затоа ние сме тие коишто треба да им одговориме, сите на многу внимателен јазик кажаа “Ние сме тука за вас, но зависи од вас, од вашата одлука”, некои ни кажуваа дека клучот е во нашите раце. Кај нас граѓаните, клучот од портите на НАТО и ЕУ се токму кај нас.

Почитувани граѓани, ние сме градителите, неимарите, архитектите на нашата иднина, видовме за 27 години се, видовме и победи и подеми, видовме и среќа и жалост во оваа Македонија, но сите знаеме дека не чекориме со посакуваното темпо, коешто го заслужуваме, чекоревме кога бевме во заедница во бивша Југославија, нашето место е внатре, интегрирани во современиот свет, во ЕУ и НАТО, сите знаеме дека токму ние ја носиме одлуката за иднината на нашата земја.

Сакам да ја искористам приликата да се обратам и во мое и во ваше име овде присутни, овде пред канцеларијата на Европската делегација, до сите неопределени или сеуште неодлучни граѓани во оваа наша земја, немојте да мислите дека има некоја резервна варијанта, немојте да мислите дека ова секако ќе го биде, не, демократија, народот мора да ја донесе оваа одлука. Јас направив се што можев, Владата донесе одлука, Парламентот донесе одлука, ветивме референдум, еве го референдумот, тоа е највисоката и врвна алатка за секоја демократија. Само преку референдум, само преку одлука на граѓаните ќе имаме обезбедена и осигурена иднина на нашата Македонија.  Алтернатива нема, се е бездна, се е кањон, се е пропаст, се останато е не вредно за размислување.

И затоа сите сме исправени пред сериозна одлука, за сериозни одлуки се презима акција, се гласа, се излегува, се одлучува, дома не се седи. Не се бараат било какви изговори затоа што се работи за иднината и на татковината, и на децата наши и на генерациите што доаѓаат после нас. Немој да мислите дека вака или онака некако ќе ја биде,  не, ќе ја биде само ако излеземе сите сплотени, здружени во братство и единство, единствени, за единствена европска Македонија.

Почитувани граѓани, ова е наша граѓанска и родителска одговорност.

Партиите не вредат овде, партиите немаат никаква функција овде, никакво влијание овде, партиите после 30-ти септември можат повторно да се борат меѓу себе, ова е за единствената наша партија, Република Македонија.

И ова е обврска и право на секој наш граѓанин, и не смееме ниту да помислиме, од било која причина, да бараме изговори, ова е наша одговорност пред нашата татковина, ова е наша одговорност од прв до последен пред Република Македонија, ова е наша и граѓанска и родителска одговорност пред нашите деца и нашите внуци, ова е наша одговорност за иднината на европска Македонија.

Затоа, почитувани родители, погледнете ги во очи Вашите деца, и ќе го препознаете повикот на иднината, повикот на европска Македонија.

Само седнете со нив, или гледајте ги од страна и ќе сфатите што нашите деца заслужуваат.

Заслужуваат перспектива, заслужуваат иднина.

Доста беше меѓупартиско измачување.

Сите мораме да ги разбистриме главите и да ја сфатиме одговорноста, нашите деца се наша одговорност, никој друг нема да ја обезбеди нивната иднина.

Ние родителите сме должни да ја обезбедиме нивната иднина.

Драги млади, оваа иднина останува на Вас. Оваа Македонија која што ни ја дале нашите татковци нам, и ја оставаме на Вас, младите луѓе, да ја чувате, но и да ја живеете. Затоа почитувани млади луѓе, немојте несериозно да ја сфатите работата, ова е повеќе од сериозно, ова е повеќе од секој поединец, од секој политичар, ова е повеќе од се’ на светот, ова е за Вашата иднина, ова е за Вашата, за нашата заедничка Македонија.

Младите се авангардата не Европа, ќе докажеме почитувани млади, дека младите се и авангардата и на европска Македонија.

Затоа почитувани граѓани, немојте да имате дилема, ниту има план Б ниту има план Ц, ниту има друга алтернатива, никој не нуди ништо.

Еве на 14 дена сме од гласање, тоа е нашата единствена алтернатива во Македонија.

Затоа да нема дилеми, во акција сите, излези и гласај за европска Македонија!

На 30-ти да се дотерате со најубавата облека, да ја ставите најубавата насмевка на Вашето лице, да го земете за едната рака Вашиот најмил или Вашата најмила, а во другата рака да ја фатите иднината, да излезете да гласате, да се вратите дома, и да ги гушнете своите деца, и да бидете горди оти сте донеле одлука, за Вашите деца, за нашата европска Македонија.

Ова е непропустлива шанса, исто така да ја искористам приликата и да ги повикам и оние што се уште немаат став, односно имаат страв.

Време е за став, време е за историска одлука.

Ќе бидам многу внимателен, бидејќи пресериозно е времето пред кое што сме исправени. Во сериозно време треба сериозни одлуки.

Затоа ќе кажам, почитуван пријателе Мицкоски, знаеш дека подобар договор ниту можело, ниту ќе може да се постигне, а заедно сите сме за Европската Унија и НАТО. Знаеш кога веќе не може подобар договор да се постигне, како, како поинаку Македонија ќе оди во ЕУ и НАТО, има ли друга алтернатива, ова единствена шанса која што сега ја имаме, зарем и од ова ќе правиме политички калкулации, зарем и за ова ќе се караме, зарем не слушаш дека народот ни вика, дајте за една работа заедно да застанеме. Те повикувам и тебе и сите членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, ова не е за Заев и Мицкоски, ова не  е за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ниту за било која партија во Македонија, ова е за нашата татковина – Република Македонија.

Ако ни биле лидерите претходно за ЕУ и НАТО, ако ние двајцата сме за НАТО и ЕУ, ајде заедно да застанеме и да одработиме за НАТО и ЕУ, ако не за НАТО и ЕУ да одработиме за Македонија, да одработиме, да твоите и моите, за нашите деца, да одработиме за генерациите кои доаѓаат после нас, ајде  заедно  за ова прашање да застанеме сите и да обезбедиме и осигуриме независна Република Македонија.

Почитувани граѓани 30-ти септември е ден на избор. Сите знаеме дека ќе дојде и 30-ти септември и ќе помине и прашање е како ние ќе се чувствуваме. Заради важноста на историскиот момент, неповторлив, заради честта на оваа генерација на која што и се падна да ја донесе оваа историска одлука, јас ве уверувам дека оваа шанса не смееме да ја пропуштиме.

На 1-ви октомври сакам сите кога ќе станеме и ќе се погледнеме во огледалото, да бидеме насмеани и со озарени лица, горди лица, чесни граѓани коишто осигуриле и обезбедиле иднина и за својата татковина ,но и  за своите деца и нашите поколенија.

Немојте да дозволите да ви горчи во градите, немојте да дозволиме да се објаснуваме дали сме имале толку капацитет или не. Немојте оваа шанса да ја пропуштиме, затоа што шансата ни е на дофат, толку малку фали да ја достигнеме историската шанса за нас и за нашите деца и за нашата Македонија.

Ве повикувам сите на 30-ти септември со кренати глави да ја зграпчиме шансата и да бидеме горди граѓани на европска Македонија.

Што и да правите тој ден на 30-ти септември почитувани граѓани, сериозно ќе влијае на иднината на вашите деца, на нашата земја Македонија, што и да правите, па вие одлучете.

Дилеми не смеете да имате, излезете да ја завериме нашата независност. Излезете затоа што зависи само од вас и од никој друг. Ставете белег, ставете ваша тула градејќи ја иднината на Македонија.

30 -ти септември е ден за избор, 30-ти септември е ден за акција, 30-ти септември не е ден за седење дома, 30-ти септември е ден за гордост, 30-ти септември е ден за среќа, 30-ти септември е ден за испишување историја, 30-ти септември е ден за европска Македонија.

Излези за европска Македонија!


Коалицијата „Заедно за европска Македонија“ во Скопје: На 30 септември граѓаните ќе донесат татковинска, родољубска и историска одлука за европска Македонија

„Ни остана уште еден, последен чекор за остварување на сонот за европска Македонија“, истакна премиерот Заев на централниот настан на кампањата на Коалицијата “Заедно за европска Македонија” во Скопје.

„Патриотизам е да ја осигураме иднината на нашата земја и нашите деца, Tука создаваме можности за нашите синови и ќерки – во Македонија. Тоа e патриотизам. Патриотски е да се осигураме дека нашата следната генерација има иднина тука, дома!“, рече Заев, и нагласи:

„Гордата македонска земја се здоби со целосно признавање на нашиот народ, нашиот јазик, нашето наследство. Нашиот јазик е заштитен. Нашиот идентитет е обезбеден засекогаш. Во четвртокот, одржав говор во Европскиот парламент.Одржав говор во срцето на Европската Унија на македонски јазик. На нашиот македонски јазик, кој ќе биде официјален јазик на Европската унија“, потенцираше премиерот Заев.

Тој порача дека граѓаните се архитекти – градители на македонската иднина – секој граѓанин на 30 септември да стави по една тула во иднината на европска македонија!

„Нема коцкање со нашата иднина! Никој не може да си дозволи да остане настрана. Сите имаме јасна и конкретна, граѓанска и родителска должност “, рече премиерот Заев и додаде дека нашата земја и нашата иднина не се на ВМРО или на СДСМ, и дека таа и нејзината иднина им припаѓаат на сите нејзини граѓани!

„Да го направиме 30 септември свечен ден. Облечете ги вашите најубави облеки, ставете ја вашата најубава насмевка, во едната рака земете го вашиот најмил или најмила, а во другата – иднината. Гласајте горди за нашата земја, за вашата и за иднината на вашите деца и идните генерации. Секој ваш глас е битен“, нагласи Заев на централниот настан на кампањата на Коалицијата “Заедно за европска Македонија” во Скопје, и повика опозицијата да излезе и да гласа за европска Македонија

Во завршницата на својот говор премиерот Заев дека да се излезе на референдумското место на 30 септември е избор за семејство на ЕУ и НАТО или избор за изолација и целосна неизвесност. За небиднина!

„Тоа е избор за сигурност и безбедноста, или избор за немир и нестабилноста.Тоа е избор за раст на економијата или за стагнација. Тоа е избор за исполнување на нашиот сон од иднината – иднината за нашите деца, внуци и за сите идни генерации. Гласот на 30 септември е глас за иднината на наша Македонија“, порача премиерот Заев на централниот настан на кампањата на Коалицијата “Заедно за европска Македонија” во Скопје.

На настан во Скопје говореше и Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, кој во своето обраќање посебен акцент стави на придобивките од зачленувањето на земјата во ЕУ и НАТО со подтигнувањето на договорот со Грција, и потенцираше:

„Природно застанавме зад европската кауза, длабоко убедени дека само Европска Македонија ги прави среќни сите. Длабоко сум убеден дека ние ќе бидеме уште посреќни по 30-ти септември, а часовникот на историјата ќе тропне и на совеста на оние што без некоја рационална причина се двоумат да кажат Да на евроинтеграциските процеси на земјата. Денес сме тука ги охрабриме сите да ни се придружат и да го направат вистинскиот избор. Да прославиме вечерта на 30-ти септември и да им подариме на генерациите по нас достоинствена татковина, татковина која нема проблем ниту со историјата, ниту со географијата, Татковина која е заедничка и рамноправна за сите“, рече Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери.

На денешниот централен настан на коалицијата „Заедно за европска Македонија“, говореше и новинарот Томислав Кежаровски, кој стана симбол за борбата за слобода на новинарската професија.

„Ќе заокружам „ЗА“, за држава каква што заслужуваме, за членство во ЕУ. Членството во ЕУ е гаранција за слободни медиуми, за слобода на изразување. Слободните и независни медиуми го помагаат прогресот на општеството. Ако останеме надвор од ЕУ, ќе останеме изолирани во бурните балкански води. Тоа не го сакаме. До 30 септември секој од нас треба да има средба со својата совест и со разумот. Нека размисли и нека донесе одлука додека гледа во своите деца пред себе. Отворете им ја вратата на своите деца и на сите идни генерации, на нашата земја“, порача новинарот Томислав Кежаровски.

Ова е глас од вас, за вас. Ниту наградувате, ниту казнувате некого партиите на власт или од опозицијата. Вашиот глас е за вашата иднина, рече Кежаровки и продолжи:

„Мојот глас „За“ е за мојата татковина. За моето семејство, но за стотици, илјадници, граѓани, за моите пријатели. Нема вакви или онакви, нема ваши и наши. Сите сме исти, сите сме еднакви, сите сме граѓани кои го засллужуваат местото во Европска Македонија“, нагласи Кежаровски.

Популарната актерка Сања Арсовска, како еден од говорниците на денешниот собир за европска Македонија, порача дека никој не смее на сегашните и на идните генерации младите им ја попречи иднината за нивно образование и професионално усовршување во Европска Униија, и нагласи дека нејзиниот глас е глас „ЗА“ е за европска Македонија.

„Ние сме генерација со голем жар за промени. Деновиве ја чувствувам таа верба. Таа верба  ми дава право да бидам уверена дека сите деца, сите идни генерации ќе живеат во сатбилна. Патот е пред нас, и реформите во име на тие генерации мора да продолжат, за да стигнеме таму каде што сме тргнале.  Одлуката „ЗА“ на 30 септември е надпартиска и надетничка одлука. Тоа е одлука за европска Македонија“, рече Арсовска.

За повеќе фотографии: https://flic.kr/s/aHsmsxCjKz

 

Премиерот Заев: На 30 септември ставете ја вашата најубава насмевка и излезете за иднината на европска Македонија!

„Блиску сме до остварување на сонот. Ни остана само уште последната делница од патот. Уште едно патување: Нашето заедничко патување до остварување на сонот за европска Македонија“, истакна премиерот Заев на централниот настан на кампањата на Коалицијата „Заедно за европска Македонија“ во Скопје.

Во својот говор тој потенцираше дека членството во НАТО е нашата сигурна иднина, иднина на безбедност, стабилност и мир. Членство  во сојуз за иднина во која никој не може да ги загрози границите на Македонија, рече Заев, и додаде:

„Патриотизам е да ја осигураме иднината на нашата земја и нашите деца, Tука создаваме можности за нашите синови и ќерки – во Македонија. Тоа e патриотизам. Патриотски е да се осигураме дека нашата следната генерација има иднина тука, дома!“

За таквата иднина е постигнат договорот со Грција, рече премиерот Заев, и нагласи дека во таа иднина, како и досега, се потврдува дека влегуваме во НАТО и ЕУ како Македонци и Македонки кои зборуваат македонски јазик.

„Гордата македонска земја се здоби со целосно признавање на нашиот народ, нашиот јазик, нашето наследство. Нашиот јазик е заштитен. Нашиот идентитет е обезбеден засекогаш. Во четвртокот, одржав говор во Европскиот парламент.Одржав говор во срцето на Европската Унија на македонски јазик. На нашиот македонски јазик, кој ќе биде официјален јазик на Европската унија“, потенцираше премиерот Заев.

Тој порача дека сега е време сите да излеземе да гласаме и дека нема друг да ни ја заврши работата. Граѓаните се архитекти – градители на македонската иднина – секој граѓанин на 30 септември да стави по една тула во иднината на европска македонија!

„Нема коцкање со нашата иднина! Никој не може да си дозволи да остане настрана. Затоа ве повикувам: Сите имаме јасна и конкретна, граѓанска и родителска должност. Македонија ќе оди напред само доколку и јас, и вие, и вашите најблиски, комшии, пријатели – сите заедно, да излеземе и гласаме на 30-ти септември“, рече премиерот Заев и додаде дека нашата земја и нашата иднина не се на ВМРО или на СДСМ, и дека таа и нејзината иднина им припаѓаат на сите нејзини граѓани!

Премиерот Заев им порача на сите граѓани, на Македонците, Албанците, Србите, Бошњаците, Ромите и Власите, и на сите други:

„Да го направиме 30 септември свечен ден. Облечете ги вашите најубави облеки, ставете ја вашата најубава насмевка, во едната рака земете го вашиот најмил или најмила, а во другата – иднината. Такви убави, најубави, излезете на вашето референдумско место и гласајте горди за нашата земја, за вашата и за иднината на вашите деца и идните генерации. Секој ваш глас е битен“, нагласи Заев на централниот настан на кампањата на Коалицијата “Заедно за европска Македонија” во Скопје.

Во својот говор тој се обрати и до опозицијата и повика да бидат закопани политичките и индивидуалните суети, и да повикаат да се излезе и да се гласа за европска Македонија

Во завршницата на својот говор премиерот Заев дека да се излезе на референдумското место на 30 септември е избор за семејство на ЕУ и НАТО или избор за изолација и целосна неизвесност. За небиднина!

„Тоа е избор за сигурност и безбедноста, или избор за немир и нестабилноста.Тоа е избор за раст на економијата или за стагнација. Тоа е избор за исполнување на нашиот сон од иднината – иднината за нашите деца, внуци и за сите идни генерации. Гласот на 30 септември е глас за иднината на наша Македонија“, порача премиерот Заев на централниот настан на кампањата на Коалицијата “Заедно за европска Македонија” во Скопје.


Премиерот Заев од Кавадарци: Со најубавта насмевка излезете на гласање и донесете вистинска одлука за вашите деца и за својата Македонија!

Претседателот на Владата на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев синоќа во Кавадарци на граѓанската трибина во организација на коалицијта „Заедно за Европска Македонија“  ги поздрави многубројните граѓани со пораката дека нашата иднина е во Европска Македонија и ги повика кавадарчани да ја зграпчат историската можност позитивно да одлучат за членство на нашата земја во ЕУ и НАТО со што ги осигуруваме и обезбедуваме безбедноста, трајниот мир, економскиот просперитет и стабилност на нашата државата.

Говорници на граѓанската трибина беа и актерот Љупчо Бубо Каров и пејачката Кристина Арнаудова кои ги повикаа своите сограѓани да ја дадат поддршката и да излезат на гласање на референдумот за европска Македонија, заедно да одлучиме земјата да тргне посилно напред и да обезбедиме иднина за нашите деца.

 

„Јас сакам да ве повикам на 30-ти септември да излезете на гласање. Од сабајле кој пие кафе, пие, да си испие кафенцето, да си се дотера со најубавата облека, да си ја понесе најубавата насмевка со себе, да оди на гласање, да се врати и да си ги гушне децата дома и да знае дека донел вистинска одлука и за своите деца, и за својата Македонија“, повика премиерот Заев.

Зборувајќи за важноста на референдумското изјаснување на граѓаните на 30-ти септември премиерот Заев рече дека станува збор за историска одлука за која во иднина со гордост треба да ги погледнеме нашите деца во очи дека сме им ја обезбедиле иднината во Европска Македонија.

„Ќе може да ги погледнеме децата наши во очи и да им кажеме: Ќерко, синко ние ја обезбедивме иднината тогаш кога требаше. Го направивме чекорот, донесовме одлука, обезбедивме перспективи за вас децата. Еве денеска вие живеете убаво, перспективно, може да се образувате каде сакате во Европа, може да имате рамноправен третман со сите млади луѓе како што го има по цела западна Европа“, порача премиерот Заев.

Премиерот Заев ги повика сите граѓани заедно да одржиме лекција со референдумот за Европската Унија, за верба во европски вредности и како што рече уште еднаш да ѝ помогнеме на Европа.

„Што имала Македонија да и даде на Европа? Дава веќе Македонија на Европа. Дава европски манири, дава европски однос, дава љубов кон Европа. Дава верба во владеење на правото, закони да важат еднакво за сите, во севкупни човекови права и слободи, во севкупната слобода вклучително и слободата на медиумите, во професионална безбедност, комплетно Европа добива и од нас од нашата верба“, зборуваше премиерот Заев пред граѓаните на Кавадарци на граѓанската трибина оргнизирана од коалицијата „Заедно за Европска Македонија“.


Спасовски од Радовиш: Референдумот е најмоќната демократка алатка во рацете на граѓаните

Mинистерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски во текот на денешниот ден  се сретна со граѓаните од општина Радовиш, каде што се одржа и трибина на која се дебатираше за придобивките од членството на земјава во двата најмоќни сојузи Европската унија и НАТО сојузот .

,,Оваа битка не  е битка за политички партии, ниту за политички лидери, не одлучуваме кој ќе биде премиер или која партија ќе владее,  одлучуваме за иднината на Македонија и иднината на нашите деца и идните генерации” рече Спасовски.

Денеска на меѓународниот ден на демократијата , Спасовски потенцираше дека токму граѓаните се оние кои одлучуваат, а граѓанска должност е да се учествува во градењето на македонската иднина преку гласање на референдумот.

,,Без вашиот глас на референдумот, Македонија немаше да биде самостојна, независна и суверена држава. Денес, без нашиот глас на референдум, Македонија нема да стане дел од ЕУ и од НАТО. Референдумот е најсилна демократска алатка, гласот на граѓаните одлучува.

Оваа држава заслужува јасна перспектива, заслужува да го одбере и изоди до крај овој пат, затоа што перспективите кои што ги нудат НАТО и ЕУ , се перспективи за сериозен и вистински напредок на државата,,- додаде Спасовски.

Министерот потсети дека оваа шанса која што ја има Македонија е единствена шанса која што мораме и можеме да ја искористиме.

,,НАТО ќе ја гарантира безбедноста, границите и територијалниот интегритет на Македонија . И со членството во НАТО ќе се затворат сите отворени прашања кои што лебдеа над Македонија 28 години. Македонија ќе биде безбедна , единствена и држава каква што ја посакуваме сите ние.”-рече Спасовски во обраќањето пред присутните.

Воедно упати повик до сите граѓани без разлика на верска и политичка припадност сплотени заеднички и горди да бидеме дел од овие историски моменти  и дел од една историска генерација за која што ќе се пишува дека ги остварила вековните соништа за своја држава, меѓународно признаена , напредна и членка на НАТО и Европската унија.


Премиерот Заев од Гази Баба: На 30-ти септември ќе и покажеме на Европа што значи успешен референдум, најсилната алатка на демократијата, најсилната алатка на нашата волја и желба

Премиерот на Владата на Република Македонија и Претседател на СДСМ, Зоран Заев вечерва присуствуваше на трибина со граѓаните на општината Гази Баба. Пред жителите, објаснувајќи ги бенефитите од зачленувањето на Македонија во ЕУ и во НАТО, премиерот Заев посочи дека тогаш за неколкупати ќе се зголемат странските инвестиции, што ќе значи нови работни места, подобар стандард и благосостојба на граѓаните на Република Македонија.

„Сите знаеме дека 40% од фондовите на ЕУ одат за поддршка на земјоделие и производство на храна. Ако сега даваме 135 милиони евра за субвенции, субвенциите ќе бидат дуплирани, триплирани, затоа што на тој начин се мотивираат помладите да работат земјоделие, па макар како споредна дејност – да извадат пари плус. Храна треба и земјоделско производство треба. Кога бизнисмените ќе купуваат машини, ќе знаат дека ќе можат 50, 70, 80% од парите да ги вратат.“ рече премиерот Заев.

Премиерот даде пример и ја посочи разлика во поддршката на општините за земјите членки на Унијата. Општините со големина колку Гази Баба во Грција и Бугарија добиваат годишно од 5 до 8 милиони евра грантови од ЕУ. Ние, посочи Заев за 3-4 години добиваме 500-600 илјади евра грантови, по општините. Толкава е разликата да се биде член на ЕУ или не. А тие грантови се за улици за тротоари, за плоштади, за градинки, за школи, за водоводи, за канализации, за фудбалски игралишта за стадиони и спортски терени, за се што е потреба на граѓаните, додаде Заев.

Пред граѓаните вечерва Премиерот Заев рече дека одлуката и во 1991-вата, на референдумот не била лесна. Но потенцираше дека тогаш граѓаните се избориле за независна, самостојна и суверена Македонија. А сега како што посочи, Премиерот Заев сите имаме неповторлива шанса да ја осигуриме нашата иднина.

„100%  верувам во одлуката, но верувам заради тоа што 100% верувам во нашиот народ. Знам каков народ имаме, државотворен, родољубив, што знаел секогаш во историјата да одвага, да одмери и да донесе одлука. Овој пат демократија до небо, транспарентност до крај. Се се знае во државата. Договорот е јавно објавен на два дена од верификацијата, од неговото договарање.

„Демократијата преку овој референдум којшто претставува најсериозна алатка за нашата волја, за нашата желба, нашата одлука ја преточиме во иднина – сега ни е на мегдан. Така да, денеска, не денот на демократијата Гази Баба носи одлука – одлуката е за европска Македонија“, потенцираше Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев.

Премиерот Заев потенцирајќи ги гаранциите за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, коишто ги обезбедуваме со македонско – грчкиот договор, уште еднаш ги повика младите луѓе да бидат творци на својата иднина, да обезбедат гаранција дека нивните деца ќе растат во Евро- атлантското семејство, од кое дел ќе биде и Македонија.

„Ајде мој народе да и кажеме на Европа како успеваат референдуми, кога се работи за европски перспективи. Ајде да има проценти, големи над 50%, за да видат дека и ние сме Европа, дека и те како има што да и дадеме на Европа“, ги повика Премиерот Заев и претседател на СДСМ граѓаните на Гази Баба и на Скопје, потенцирајќи дека гласот ЗА на 30-ти септември носи иднина за нивните семејства, носи иднина за сите.

За повеќе фотографии:  https://flic.kr/s/aHskEFPqdZ


Премиерот Заев на трибината во Кичево: Пред нас е историска одлука за нашата земја, гласот на граѓаните е конечен!

„Патриот е секој човек кој што тргнува прво од државните интереси, од интересите на нашиот народ којшто нè прави лични калкулации, туку носи храбри одлуки“, рече вчеравечер премиерот Зоран Заев на граѓанската трибина во Кичево.

 

 

Истакнувајќи ја својата благодарност до сите припадници на останатите и помали етнички заедници во Кичево за разбирањето при постигнувањето на договорот со Грција, Премиерот Заев посочи дека местото на мултиетничка, сплотена, стабилна Македонија е во ЕУ и НАТО.

„Македонија има потреба од вас граѓаните. Нашите деца очекуваат најмалку тоа што ние сме добиле од нашите татковци. Водење грижа за нашата иднина, наша должност е да им оставиме на сите наши деца повеќе од тоа што нашите татковци ни оставиле. Да им обезбедиме европска Македонија. Ова е одлука за нашата единствена партија Република Македонија“, рече премиерот Заев.

Тој потенцираше дека со членството на Македонија во НАТО и ЕУ ќе имаме исто право на глас како сите други светски земји членки во НАТО. Со членството во ЕУ ќе се зголеми помошта од ЕУ, ќе има тројно повисоки субвенции за земјоделие и за храна, ќе пораснат платите во државата, ќе добиеме директна поддршка за правосудство и за безбедност во државата како и за социјална заштита и еднакви услови за живот во Македонија.

– Нема друга алтернатива, затоа да не ја пропуштиме оваа шанса за европска Македонија, кон која тежнееме. Јас сум убеден дека нашиот народ ќе успее да донесе искрена, историска, мудра одлука затоа што секогаш нашиот народ тоа го правел. Јас знам дека сите сме горди на нашето минато и тоа е наше минато, наша историја но наша должност е да ја обезбедиме иднината. Референдумот е најмоќната демократска алатка. Гласот на граѓаните е конечен, посочи премиерот Заев.

Должност ни е да бидеме граѓани на оваа земја како што треба. Затоа сакам да ве поканам на 30 септември по утринското кафе или чај, после тоа сите на гласање, а кога ќе изгласаме да се вратиме дома, да си ги гушнеме децата да им кажеме дека донесовме одлука за нив, обезбедена е нивната иднина и да се радуваме на иднината на Република Македонија. Ајде да и покажеме на Европа и на целиот демократски свет дека ја заслужуваме нивната поддршка и ајде да им покажеме на нашите деца и генерациите што доаѓаат после нас дека сме достојни за одлуката што ќе ја донесеме на 30 септември, излегуваме и гласаме ЗА!“ – порача претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на граѓанската трибина во Кичево.

 


Премиерот Заев на трибината во Демир Хисар: Верувам до небото во нашиот народ, секој да покаже одговорност, ќе го постигнеме цензусот За европска Македонија

– Пријатели имаме огромни, оваа наша земја, заедно со граѓаните, ќе ја направиме земја за почит. Животот овде да го живееме, тоа е првата цел, не само за нас туку и за младите, порача претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на граѓанската трибина во Демир Хисар.

Тој ги повика граѓаните на референдумот да покажат пред земјите членки на НАТО и на ЕУ дека овој народ знае што е добро и дека и Демир Хисар ќе гласа За европска Македонија.

– Ги повикувам сите граѓани, ова е наша заедничка татковина и наша заедничка обврска е да водиме грижа за неа. Носев одлуки за договорот со Бугарија, Грција, едно општество за сите, застанаа зад мене Владата и Парламентот, сега барам да застане и народот. Одлуките ги носев верувајќи дека огромното мнозинство граѓани ќе ги поддржи и верувам дека и цензусот ќе го постигнеме. Овој народ секогаш кога станувало збор за државата носел правилни одлуки, рече премиерот, Заев.

 

 

– Цензусот е крупна работа, 904 илјади гласачи треба да гласаат. Секој има обврска кон државата да гласа. Може да биде „за“, може „против“, но секој кој бојкотира е против државата. Верувам до небото во нашиот народ, додаде премиерот, Заев.

Тој посочи дека со договорот од Преспа „добивме држава што никој повеќе не ја спори, со македонски идентитет потврден од сите и македонски јазик, потврден од сите во светот“.

– Европскиот парламент ќе го користи македонскиот јазик како 26. официјален јазик, 156 илјади страници европско законодавство ќе бидат преведени и на македонски јазик. Вчера во ЕП зборував на македонски јазик, посочи претседателот на СДСМ и премиер, Заев.

– Затоа, да излеземе на 30. септември и да гласаме за европски Демир Хисар и За европска Македонија, повика претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на граѓанската трибина во Демир Хисар.