Category Archives: Настан

Спасовски со граѓаните на Ѓорче Петров: Да избереме интеграција, да не дозволиме изолација!

Како дел од коалицијата Заедно за европска Македонија, министерот за внатрешни работи и потпретседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Оливер Спасовски беше во посета на општина Ѓорче Петров каде што се сретна со граѓаните на оваа општина.

На средбите со борците и ветераните од НОБ и здружението на пензионери во населеното место Даме Груев беа презентирани придобивките од членството во ЕУ и НАТО сојузот потенцирајќи стабилноста и безбедноста на границите.

Од своја страна, граѓаните искажаа подршка за референдумското прашање за кое потенцираа дека е од особено значење за државата и нејзиното интегрирање во ЕУ и НАТО.

Во Домот на култура во Ѓорче Петров беше одржана граѓанска трибина, каде што се дебатираше за историската шанса пред која стои Македонија како и за тоа што претставува влезот на Македонија во НАТО И ЕУ за граѓаните и за државата.

Спасовски нагласи дека Македонија веќе е ставена на картата на светот, со сочуван идентитет и рамноправна со сите држави.

,,Членството во НАТО значи стабилност и безбедност. Значи гаранција на нашите државни граници еднаш засекогаш. Никој никогаш да не помисли, а не пак да посегне по некакви радикални идеи за размена на територии или какви било други обиди за дестабилизација. Со членството во НАТО, ќе добиеме безбедна и стабилна држава за сите нас. Да избереме интеграција. Да не дозволиме изолација. Изолација на државата би значело неизвесност и за иднината на Република Македонија и за секој од нас поединечно – додаде потпретседателот Спасовски.

Гостин на трибината во Ѓорче Петров беше и поранешниот министер за надворешни работи на Холандија Берт Кундерс, кој пред присутните граѓани ги посочи придобивките од членството на НАТО И ЕУ. Безбедност, стабилност, правда и владеење на правото, борба против корупцијата, инвестиции, нови работни места се само дел од придобивките на членството во овие два сојуза. Воедно, Кундерс ја охрабри Македонија да продолжи по патот кој е поставен пред неа.

Спасовски упати повик до сите граѓани на Република Македонија да се искористи шансата што е укажана, да излезат и да го поддржат референдумот.

,,Да покажеме дека денес се бориме за силна Македонија и дека го остваруваме патот на нашите претходни генерации, со цел посветла иднина на нашите деца. Да излеземе ЗА европска Македонија” порача Спасовски.

Премиерот Заев од Штип: На референдумот ја заокружуваме нашата одлука за европска Македонија

Претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на првиот митинг на Коалицијата за европска Македонија што се одржа во Штип, повика граѓаните сплотено да ја преточат одлуката за евро-атлантски интеграции на Македонија, со гласање За на Референдумот на 30-ти септември. Еве дел од неговиот говор:

Штип е за европска Македонија и за добра иднина.

Со одлуката, на референдумот, ја заокружуваме нашата одговорност, лична, граѓанска, политичка, пријателска, за иднината на европска Македонија.

Ние градиме мостови почитувани пријатели. Градиме пријателство со земјите од соседството, пријателство со ЕУ и НАТО, затоа што само со пријатели ќе нѐ биде.

Долги години немаше кој да преземе одговорност. Поради тоа се замагли видикот на одамна поставените стратешки интереси на земјата, членството во ЕУ и НАТО, а со тоа и иднината, сигурноста и безбедноста на нашата земја и граѓаните.

Ние рековме, време е.

Време е да ја решиме единствената пречка, нашата земја да биде впишана во заедницата на рамноправни народи на ЕУ и да застане рамо до рамо, еднаква, со земјите членки на најсилната безбедносна светска коалиција, НАТО.

Наша одговорност беше да го решиме отвореното прашање, кое ја загрозуваше иднината на Македонија. Ја презедовме одговорноста. Го решивме спорот.

Наша одговорност и света должност беше да го сочуваме идентитетот македонски. Не само што го зачувавме, туку и го потврдивме и го зајакнавме.

И да бидете горди!

Зачуван е целосно македонскиот идентитет, тој е потврден и признаен од целиот свет!

Еднаш засекогаш Македонците и македонскиот јазик се впишуваат во ризницата на светски народи и јазици. И никој повеќе нема дилеми, никој не го оспорува тоа.

Република Македонија го направи изборот, избра иднина, наместо изолација.

Ве повикувам да ги охрабрите и другите, овде нѐ личи заедно, сплотени, за втората независност на нашата Македонија!

Да живее европска Македонија!


Премиерот Заев од Кочани: Граѓаните на Македонија секогаш носеле државнички одлуки, ќе покажеме дека сме за европска Македонија

Со овации одговорија потврдно присутните граѓани на прашањето на претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, „Дали сме за ЕУ и НАТО“, на попладневната трибина денеска во Кочани, на коалицијата „Излези за европска Македонија“, што помина во позитивна атмосфера.

Заслужуваме да бидеме граѓани на модерна, современа, демократска Македонија. Ни минува животот. Должни сме да им обезбедиме на децата добра иднина, рече претседателот на СДСМ и премиер, Заев.

Тој објасни дека компромисното решение што е постигнато со јужниот сосед вреди затоа што „македонскиот јазик и идентитет се признаени“, никој повеќе не ги спори во светот.

По 27 години добивме покана да бидеме 30-та членка на НАТО, тоа значи стабилност, безбедност и сигурност, мир обезбедивме за децата. Во процесот на евроинтеграции, 260.000 евра ЕУ донира секој ден, 1.280.000 евра е вкупниот буџет за Македонија од грантовите, што треба да го јакнат нашиот стандард, рече претседателот на СДСМ и премиер, Заев.

Тој посочи и дека тоа ќе значи повисоки плати, пензии, нови работни места и дека Македонија нема алтернативата освен ЕУ и НАТО.
Ги повика граѓаните со кренато чело да гласаат За на претстојниот референдум, бидејќи граѓаните на Македонија секогаш и носеле државнички одлуки.

Оваа шанса мора да ја зграпчиме. Имаме храбар народ, ќе покажеме дека сме за европска Македонија, оцени претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на трибината со граѓаните во Кочани.

Градоначалникот на Кочани ги повика неговите сограѓани, масовно да излезат на 30-ти септември и да гласаат За, за европско Кочани преку интеграции на Македонија во ЕУ и НАТО.

 

Граѓански собир во Кочани: „Излези ЗА европска Македонија“.

Коалицијата „Заедно за европска Македонија“ го означи стартот на кампањата за референдумот: „Излези за европска Македонија“

Коалицијата „Заедно за европска Македонија“ денеска ја промовираше кампањата за референдумот која ќе се спроведе под името „Излези за европска Македонија“.

На настанот на кој присуствуваа претставниците на коалицијата „Заедно за европска Македонија“ во чиј состав се над триесеттина политички партии и голем број други политички организации, здруженија на граѓани и поединци, се обратија Претседателот на Владата на Република Македонија и Претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев, пратеникот и Претседател на Демократската унија за интеграции Али Ахмети, и актерката и доајен на македоснкиот театар и филм, Сабина Ајрула.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев во обраќање на промоцијата на кампањата „Излези за европска Македонија“, истакна дека денес е важен ден за иднината на Македонија, и дека пред нас е настан со историски пропорции што ќе влијае на нашата земја за годините што доаѓаат.

„Ова е денот кога ќе отпочне одбројувањето кое ќе не донесе до денот кога народот во Република Македонија ќе – ИЗЛЕЗЕ ЗА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА! Само еден настан во поновата историја може да се спореди со предизвикот со кој се соочуваме. Тоа е настанот од пред 27 години. Тоа е денот кога сите гласавме за независна Република Македонија. Постои една директна линија која што ги поврзува 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година. Тоа се два големи настани, големи чекори, што ги преземаме како народ на оваа држава со кои ја обезбедуваме иднината на нашата земја како суверена и горда држава, со свој признаен и потврден македонски јазик, и со химна и знаме, која ќе биде дел од големото европско семејство – Европската Унија и од моќниот сојуз на НАТО“, истакна премиерот Заев.

Тој потенцираше дека гласањето на 30 септември, на многу начини е уште еден референдум за зацврстување и потврдување на нашата независност, кој ќе ги обезбедиме нашите граници, ќе го афирмира нашето културно наследство и нашата посебност, и ќе ни даде дефинитивна перспектива како членка на НАТО и ЕУ.

„Она во што сум убеден и што посебно импресионира е тоа што, како и во 1991 година, овој нов референдум за иднината на Македонија ќе се оствари со ист консензус, како што се случи и со референдумот за независност. Време е Република Македонија да се престрои на вистинскиот пат. Пат кој е над дневните расправии на политиката и жестоките полемики во нашето општество“, нагласи премиерот Заев.

Во своето обраќање Претседателот на Владата на РМ Заев истакна дека ова за референдумот за иднината на земјата сите треба да се бидеме едногласни, и ја повика уште еднаш опозицијата да се приклучи и да покаже дека Европа и НАТО се над дневната политика.

„Денеска започнуваме кампања со која ќе ги информираме граѓаните за придобивките од интеграцијата во ЕУ и НАТО. Заедно можеме да ги донесеме пораките за приодбивките до секое семејство во Македонија, без оглед на нивниот глас на референдумот.Тоа не се придобивки што ќе пристигнат за десет, или дваесет години. Тоа се придобивки кои ќе ги почувствуваме многу брзо откако ќе гласаме „ЗА“ на референдумот“, нагласи премиерот Заев и додаде дека фондовите на ЕУ секој ден ги користат деца, учениците, младите луѓе, семејствата и пензионери. Земјоделците и фабричките работници, претприемачите и новоформираните претпријатија.

Говорејќи за договорот со Грција и за одлуката народотда го даде последниот збор премиерот Заев рече дека безбедната иднина не доаѓа по лесно и едноставно. Никој не може да негира дека моравме да направиме компромис.

„Но, во основата на секој компромис, лежи напредокот, поместувањето од мртвата точка.Кога утре, во европска Македонија ќе им погледнеме на нашите деца во очи, ќе ја сфатиме величината на тој компромис. Во време на несигурност и нестабилност, ние ја ставаме Македонија на јасен пат, заедно со најсилните сојузи во светот“, потенцираше Претседателот на Владата Заев, и во завршницата на своето обраќање на промоцијата на кампањата „Излези за европска Македонија“, ги повика граѓаните уште еднаш да излезат и да гласаат “ЗА”, за да ја обезбедиме европска Македонија, и да одиме напред со гордост и чест како рамноправни граѓани на европскиот континент на кој му припаѓаме.

Во обраќањето пред јавноста Претседателот на ДУИ, и пратеник Али Ахмети, истакна дека на 30 септември ќе има само две опции: да се избере „ЗА“, за европска Македонија, или да се избере опција против нејзината иднина, и додаде дека е убеден дека мнозинството од граѓаните ќе го изберат одговорот кој ќе го заокружи континуитетот на заложбите за членство во Еу и НАТО.

Актерката Сабина Ајрула, во својот емотивен говор граѓаните се пред еден голем избор, и тој избор не е пресудно определ од политичката прагма, туку од исконскиот порив на граѓаните да изберат иднина што ќе им обезбеди сигурност, и просперитетна иднина во земја членка на Европската Унија и НАТО.