Димитров во Делчево: 30 септември ќе биде празник на иднината

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров вчера го посети Делчево. Тој ја искористи посетата да разговара со младите од Делчево, а се виде и со градоначалникот Горан Трајковски. Министерот исто така имаше свое обраќање на градската трибина.

Со младите од Делчево и околината стана збор за предизвиците со кои тие се среќаваат, а како еден од најголемите проблеми со кои се среќава Делчево и другите околни места беше идентификуван одливот на способни млади во странски земји, луѓе кои инаку директно би придонеле кон развој на регионот.

Министерот Никола Димитров на трибината ја пренесе истата порака која им ја пренесе и на младите претходно – на 30 септември ќе направиме крупен чекор кон подобра иднина за Делчево. Позитивниот исход од референдумот значи и далеку поголема заинтересираност на странски компании, заинтересираност која брзо ќе се преточи во нови работни места, поголеми плати и општ развој на Делчево. На Делчево му е потребна поголема странска инвестиција да го искористи потенцијалот кој го има. Наша историска обврска е да обезбедиме шанса за нашите идни генерации да имаат просперитетен и удобен живот – дома. 30 септември ќе биде празник на иднината.

Активностите на министерот Димитров продолжуваат денеска во Валандово, Гевгелија и Струмица.