Димитров во Кавадарци: Европската иднина на младите е во нивни раце

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска беше во посета на Кавадарци каде што имаше средби со граѓани и средба со градоначалникот Митко Јанчев. Тој исто така присуствуваше на прием кај Градоначалникот и на карневалското дефиле по повод Тиквешки гроздобер.

Димитров исто така даде изјава за локалниот медиум КТВ. Тој рече дека после историската посета на германската канцеларка Ангела Меркел и тоа на Денот на независноста на Република Македонија, пораката е јасна – имаме целосна поддршка за успешен референдум кој ќе ни ги отвори вратите кон НАТО и ЕУ. Исто така тој нагласи дека предизвиците на локално ниво се видливи, но овој референдум е историска одговорност за сите политичари и не е за една или друга партија, туку за нашата целокупна иднина. Конечно, членството во НАТО и ЕУ директно ќе придонесе за решавање на предизвиците кои ги имаат граѓаните.

Министерот Никола Димитров јавно и низ директни разговори, особено им се обрати на младите во Кавадарци со порака дека ова е историска можност која мора да се искористи и дека се работи пред се’ за нивната иднина и дека клучот за подобар живот е во нивни раце.


Царовска во Шуто Оризари: Со влезот во ЕУ И НАТО огромни фондови за домување и инфраструктура ќе ни станат достапни, 08.09.2018

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска Денот на независноста – 8 Септември го помина во средби со жителите на Општина Шуто Оризари. Царовска со граѓаните разговараше за забрзаните социјални реформи, за можноста за користењето на европските фондови за подобрување на инфраструктурата, како и за процесот на евидентирање на лицата во Управата за водење на матични книги.

 

„Со влегувањето на Македонија во НАТО и ЕУ ќе ни се отворат ширум вратите на европскиот социјален фонд, но и на други фондови кои се користат во делот на домувањето. Преку овие фондови ќе се обезбедат огромни суми пари за изградба на канализација, водоснабдување и приклучоци за  струја и за изградба на цели нови станбени единици“, истакна Царовска на средбата со жителите од врата до врата во Шуто Оризари.

Министерката Царовска најави и дека од јануари идната година ќе почне исплата на зголемен социјален надоместок во висина слична на минималната плата. Целта на овие реформи е да се извлечат најранливите над линијата на сиромаштија, и да се активираат на пазарот на трудот, со што земјата ќе се доближува до европскиот стандард, односно таму каде што припаѓа.

Министерката Царовска се сретна и со градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, а одржа и трибина со фокус групи и граѓански организации кои работат со Ромската заедница.

 


Трибина и средби со граѓани на коалицијата ЗА европска Македонија во Гостивар, Кочани, Шуто Оризари, Јегуновце, 08.09.2018

Сабота (08.09.2018) заменик претседателот на Владата, Оливер Спасовски, со почеток во 15:00 часот ќе се сретне со граѓаните на гостиварско Тунчевиште.

Во 18:00 часот кај амфитеатарот покрај Вардар во Гостивар ќе се одржи граѓанска трибина на која ќе се обрати Спасовски.

Почнувајќи од 13:00 часот министерот за здравство Венко Филипче ќе разговара со граѓаните на Кочани.

Од 13:00 часот, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска ќе биде со граѓаните во општина Шуто Оризари, а заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлевски со граѓаните на Јегуновце.

Премиерот Заев од Гостивар: Вие младите имате должност и да излезете и да влијаете на сите околу вас, за вашата иднина се работи!

Претседателот на Владата на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев, вчера на граѓанскиот собир во Гостивар на коалицијата „Заедно за Европска Македонија“ пред присутните гостиварчани изрази огромна благодарност до сите етнички заедници кои живеат во Македонија, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци за големата поддршка, трпение и разбирање што го покажаа во процесот на носење на договорот со кој го зачувавме и зајакнавме македонскиот идентитет.

„Должност ми е како граѓанин на Република Македонија да се заблагодарам и на Албанците, и на Турците, и на Власите, и на Ромите, и на Бошњаците, и на Србите, и на Власите и на другите во државата затоа што имавте разбирање до небото за нас Македонците постигнувајќи го овој договор. Идентитетот на Албанците не беше загрозен. Ако беше загрозен ќе се борев исто како што се борев за македонскиот идентитет. Истото се однесува и за Турците, за Бошњаците, и за нивната поддршка. На Србите, на Власите, на сите во државата“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев соопшти дека Република Македонија секој ден добива финансиска помош од Европската Унија којашто изнесува 260.000 евра за која рече дека постојано ќе расте со напредокот на земјата во преговорите со ЕУ до нивото на достигнување на европскиот стандард, што претставува цел на Европската Унија со чие исполнување земјата ќе добие шанса за влез во ЕУ.

„Вие младите имате должност, имате одговорност и да излезете и да влијаете на сите околу вас дека имаат обврска, заради вас младите. Сите околу вас имаат одговорност, но најмногу вие младите луѓе во Македонија да излезете и да гласате за иднина, за Европа, за НАТО, за работни места, за повисоки плати, за фер и праведно општество, за достоинствен живот на сите во Македонија“, им порача премиерот Заев на младите од Гостивар.

На граѓанскиот собир во Гостивар свое обраќање имаше и аналитичарот и невладин активист од Асоцијацијата за демократски иницијативи, Алберт Муслиу кој рече дека на 30-ти септември, на најважниот момент во историјата на независна Македонија гласот за ќе обезбеди перспективна и сигурна иднина за младите луѓе, но и за сите граѓани. Пред присутните гостиварчани се обрати и младата музичарка Елизабета Јовановска која ги повика младите да излезат и гласаат на 30-ти септември за Европска Македонија.


Шекеринска на трибина во Чаир: Светот ја гледа Македонија како нова надеж одлуката дали ќе ја искористиме шансата е наша!

На 30 септември можеме со нашиот глас да обезбедиме Македонија да стане 30-та земја членка на НАТО. Генералниот секретар Јенс Столтенберг денеска јасно кажа – 29 најмоќни земји членки на Алијансата чекаат да го постават јарболот со 30-тото знаме, на Македонија. Одлуката е наша – рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на трибина во Чаир.

Поддршката од земјите членки на ЕУ и НАТО е силен поттик за Македонија, но дали ќе ја искористиме шансата зависи од граѓаните – порача министерката.

 

 

Денеска во посета на Македонија беше Столтенберг и тоа втор пат за 9 месеци, што досега не се случило. Доаѓаат австрискиот премиер Курц, германската канцеларка Меркел. Светот ја гледа Македонија како нова надеж , ЕУ и НАТО ги отворија вратите, но одлуката дали ќе го пречекориме прагот е наша. На 30 септември одлучува секој од нас. Убедена сум дека мнозинството граѓани сака нашата држава да биде стабилна и рамноправна членка на ЕУ и НАТО, каде нашите деца ќе ги имаат истите шанси со нивните врсници од земјите членки – рече министерката.

Таа зборуваше за придобивките кои на Македонија ќе и ги донесе членството во ЕУ и НАТО – безбедност и стабилност, повеќе работни места и подобра економија. Инвестициите во Црна Гора по влезот во НАТО се зголемија двојно, процентот на туристи од земјите членки е зголемен. НАТО и ЕУ се гаранција дека ќе продолжиме да ја градиме Македонија во модерна земја во којашто владее правото, има ред и закон – подеднакво за сите – рече Шекеринска.

Чаир е етнички мешана средина и тука луѓето зборуваат на различни јазици и се разбираат меѓу себе. Знаеме колку ни прави чест кога другите ни го знаат и признаваат јазикот. Чаир е пример за тоа. Кога Македонија ќе биде членка во ЕУ и НАТО, македонскиот јазик ќе биде официјален јазик во ЕУ и ќе се признава во НАТО – рече министерката.

Шекеринска во Чаир порача дека може да честита како граѓаните на Македонија за време на кризата и по неа покажаа дека знаат да се обединат.

Одговарајќи на прашање на присутните, таа порача дека кога станува збор за интересите на граѓаните, партиските интереси мора да се стават на страна, а да се нема став за толку важно прашање како што е референдумот за иднината на државата, е политички неодговорно.

Шекеринска ги повика сите граѓани да излезат ЗА европска Македонија на референдумот на 30 септември.

 

 

Спасовски од Арачиново: Со членството во НАТО иднината е сигурна

Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски, учествуваше на граѓанска трибина во општина Арачиново, каде со граѓаните разговараше за процесот на интеграција и придобивките од членството во ЕУ и НАТО.

 

 

Со членството во НАТО иднината е сигурна. Тоа е голема работа, се работи за иднината на државата, на граѓаните на нашите деца. Обезбедена, еднаш-засекогаш. Нема повеќе неизвесност, ја оставаме назад во минатото и одиме напред. Интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ, значи сите граѓани од Македонија, припадниците на сите заедници, да ги уживаат сите права како граѓаните од земјите членки на ЕУ и НАТО. Со влезот во ЕУ и НАТО Македонија станува рамноправен член на најмоќните светски сојузи.

Министерот за внатрешни работи Спасовски, истакна дека целиот свет ја поддржува Македонија и дека од најзначајните светски лидери што деновиве се во посета на нашата земја се поздравени напорите што ги прави Македонија, особено концептот на едно општество за сите што ја движи Македонија напред.

Зборувајќи за придобивките од членството во ЕУ и НАТО, Спасовски истакна дека интеграцијата во двата најзначајни светски сојузи обезбедува зголемена безбедност и сигурност, зачувани територијален интегритет, а Македонија станува сигурна дестинација за нови странски инвестиции што обезбедуваат нови работни места, повисоки плати и повисок стандард за сите граѓани.

Немаме право да се прашуваме кои сме ние да одлучуваме, бидејќи сите ние сме повикани и носиме одговорност во овој историски момент за нас и нашите деца да донесеме нова правилна одлука. Гласаме за остварување на интересите на граѓаните и реализација на стратешки цели на државата и сите други интереси, особено партиските мора да бидат ставени на страна. На референдумот на 30 септември заеднички, гордо и достоинствено да излеземе и да заокружиме ЗА европска Македонија, да заокружиме ЗА сигурна иднина.

 


Граѓански собир во Гостивар, трибини на коалицијата Заедно ЗА европска Македонија во Чаир, Арачиново и Крушево (06.09.2018)

Четврток (06.09.2018) во 19:30 часот во Гостивар ќе се одржи голем граѓански собир на кој ќе се обрати Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

(Пренос во живо од митингот ќе може да проследите на официјалната Фејсбук страница на премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, како и на Јутјуб каналот на интернет страната izlezi.mk)

Линк до видео пренос во живо: https://youtu.be/NynZGMjH-JI.

 

Претходно, во 18:30 часот потпретседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска ќе разговара со граѓаните на општина Чаир во амфитеатарот во Парк Чаир.

 

Во 16:15 потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе одржи трибина со жителите на Арачиново пред општинската зграда.

 

Во 19:00 часот, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска учествува на трибина со граѓани во Домот на културата во Крушево.

Царовска во Берово: Имаме силна поддршка, да ја искористиме, со социјалните реформи подготвени да станеме пример во регионот

Подобрување на условите за згрижување на стари и на лица со попреченост, зголемувањето на социјалните права, растот на платите и социјалните реформи, беа темите за кои министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска  разговараше со претставниците од локалната власт и граѓаните во Берово.

На средбата со граѓаните министерката Царовска, истакна дека со зачленувањето на Мaкедонија во ЕУ и НАТО создаваме европска држава во која ќе расте стандардот и граѓанските права, а тоа ќе го постигнеме преку искористувањето на европските фондови кои во секторот социјала за земјите од ЕУ достигнуваат и до половина милијарда евра годишно.

„Институциите треба да станат сервис на граѓаните,  а тоа го овозможуваме со бројните реформи во системот за социјална заштита. Ние сме подготвени да станеме позитивен пример во регионот и светот тоа го цени. Сите заедно работиме Македонија да биде нова голема надеж за регионот и Европа и затоа добиваме поддршка. Имаме поддршка од демократскиот свет, да ја искористиме и да обезбедиме иднина“, изјави министерката Царовска во Берово.

Министерката  Царовска денеска  посетата на Берово  ја искористи за средба со градоначалникот Звонко Пекевски, и со вработените во Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа. Министерката го посети и Дневниот центар за лица со посебни потреби и за Домот за стари лица „Иван Влашки“.

 

Димитров: Имаме силна поддршка од светот, стоиме пред едноставен избор, дали ќе одиме чекор напред

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров вчера беше во посета на  Куманово и учествуваше во граѓанска трибина на која беа претставени придобивките од членството на земјава во ЕУ и НАТО.

Министерот Димитров пред присутните граѓани укажа на тоа дека Македонија има голема поддршка од демократскиот свет, проследено со охрабрување од ЕУ и НАТО за постигнатите досегашни резултати и храброста да се оди чекор напред.

„Голем дипломатски успех е она што се постигна за кратко време. Изнаоѓањето решение со двата наши соседи Бугарија и Грција е голем напредок за земјава, а притоа е заштитено она кое што е најважно, нашиот идентитет и јазик, го најдовме клучот за вратата позади која бевме заклучени со децении“ рече Димитров.

Димитров зборуваше пред присутните за тоа што значи да се биде дел од НАТО односно обезбедена безбедност и стабилност за државата и што значи да се биде дел од ЕУ односно неколкукратно зголемување на парите од  фондовите кои што ЕУ ги дава на Македонија. Ако денес Македонија добива по 260.000 евра дневно како помош од Европската Унија, таа помош ќе расте со нашиот напредок кон Европската унија. Ќе се зголемат фондовите кои ЕУ ги вложува во нашата инфраструктура. Ќе се градат уште повеќе нови патишта, водоводи, канализации, училишта, за подобро утре на нашите деца.

– Бираме помеѓу едноставен избор , напред исправени  или назад во чекалната со неизвесност  дали и кога ќе ја има следната шанса -рече Димитров.

На референдумот не излегуваме за партија туку за државата. Не е за партијата, не е за градоначалникот , за државата е ,  за иднината на Македонија е! Напред ќе оди или ќе седи назад. Мора да ја биде Македонија! -порача министерот Димитров.

Трибината во Куманово заврши со повик до сите граѓани да излезат на 30 септември и да го дадат својот глас  За Европска Македонија!


Премиерот Заев од граѓанската трибина во Карпош: Светот со почести и огромна почит пружа поддршка за Македонија, да ја прифатиме подадената рака од ЕУ и НАТО! 05.09.2018

Во позитивна атмосфера беше пречекан Претседателот на Владата на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев од граѓаните на општина Карпош со кои тој разговараше на граѓанската трибина за важноста на историската одлука којашто ќе осигура иднината на државата на 30-ти септември.

 

 

„Бев јас, премиерот на Република Македонија, насекаде во светот овој период. Црвен тепих во Берлин, во Виена, во Лондон – Велика Британија. Со почести Македонија и примена и прифатена насекаде во светот. Треба да знаете дека имаме големи и силни пријатели и поддржувачи. Оваа недела сум насекаде по дебати, трибини, митинзи. Утревечер доаѓа генералниот секретар на НАТО, Столтенберг два пати за шест месеци во Македонија. Пред шест месеци беше тука, сега пак доаѓа. Зошто? За да ни гарантира дека ќе бидеме членка на НАТО. Ја даде поканата и доаѓа пак да ни каже „Луѓе ве чекаме! Ваше е местото! Ни го покажа столчето, ќе седиме до Норвешка. Таму е нашето место.“  соопшти премиерот Заев и најави дека во текот на оваа и наредната недела Република Македонија ќе ја посетат и Канцеларот на Австрија, Себастијан Курц, Канцеларката на Германија, Ангела Меркел, шпанскиот премиер, помошникот државен секретар во Стејт Департментот за Европа и Евроазија, Вес Мичел.

Во разговорот со карпошани премиерот Заев сподели силни уверувања дека земјите членки од двата најголеми сојузи НАТО и ЕУ се силно одлучни да ја видат Македонија рамноправна со право на глас во семејството на западните демократски земји и додаде дека членството во ЕУ и НАТО ја гарантира нашата стабилна и сигурна иднина.

„Европа е искрен пријател на Македонија и сака да ѝ помогне на Македонија да го дигне стандардот сѐ до ниво коешто ќе биде еднакво на европските држави на европските институции и на стандард на граѓаните еднакво на стандардот на граѓаните од ЕУ.“ истакна премиерот Заев и рече дека се отворени вратите за нашето полноправно членство во НАТО и за почеток на преговори за членство во ЕУ.

На граѓанската трибина се обратија и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев кој зборуваше за придобивките на општината од користењето на европските фондови и професорката Ана Чупеска која ја потенцираше одговорноста којашто ја имаат граѓаните, а посебно на младите луѓе да излезат на референдум и да гласаат за да ја осигураат иднината на државата.