Граѓански трибини на коалицијата „Заедно ЗА европска Македонија“ во Бутел и Новаци, средби со граѓаните на Берово и Крива Паланка (05.09.2018)

Среда (05.09.2018) во 17:00 часот во општина Бутел (Скопје Север, пред кулите) ќе се одржи граѓанска трибина на која ќе учествува министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски.

Претходно, во 15:15 часот пред зградата на Општина Бутел, министерот и потпретседател на СДСМ, Спасовски ќе даде изјава за медиуми.

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска (05.09.2018) е во посета на општина Новаци, каде што од 17:00 часот ќе учествува на граѓанска трибина што ќе се одржи во салата на Општина Новаци.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во попладневните часови е со граѓаните на Берово, министерот за надворешни работи Никола Димитров со граѓаните на Крива Паланка а министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на средби со граѓаните на Охрид.

Премиерот Заев: Родољубски и татковински како борците на НОБ ја осигуруваме иднината и перпсективноста на нашата земја

„Родољубски и татковински, онака како што борците на НОБ ја извојувале слободата и независноста на државата така и ние денеска ја осигуруваме нејзината иднина и перспективност“ е пораката со којашто Претседателот на Владата на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев им се обрати на присутните пензионери и борци од НОБ од општина Карпош со кои тој денеска се сретна и разговараше за важноста на големата историска одлука пред којашто се исправени граѓаните на Република Македонија.

Во името на борците на НОБ се обрати Наум Буревски кој ја испрати пораката дека заветот што им е оставен на сегашните генерации е Македонија конечно да тргне на правиот пат и сега е приликата да ги исполниме тој наш завет.

Премиерот Заев рече дека македонскиот народ во клучни историски моменти секогаш покажал државотворност и голема мудрост при носењето на важните одлуки за иднината на државата и тоа ќе го потврди и на 30 септември.

„Вредно е ова што го правиме. Обезбедуваме иднина за нашите деца и внуци. Затоа важно е да излеземе сите и да одлучиме за доброто на државата. Разговарајте со вашите роднини, комшии и пријатели, споделете ги пораките, спротивставете ги аргументите, кажете им дека е одговорно и важно да се излезе и гласа на референдумот бидејќи одлучуваме Македонија по кој пат ќе продолжи да се движи.“ порача премиерот Заев.

Зборувајќи за придобивките од членството на нашата земја во ЕУ и НАТО, премиерот Заев рече дека материјалната финансиска поддршка којашто земјата ја добива од ЕУ и НАТО ќе расте и во таа насока тој додаде дека годишно преку европските фондови Македонија добива 90 милиони евра, односно 260.000 евра дневно.

„Ќе бидеме триесетта земја членка на најмоќниот сојуз во светот и ќе одлучуваме заедно со нив. Ќе обезбедиме траен мир и стабилност за нашата земја и ќе партиципираме во обезбедување на светскиот мир.“ истакна премиерот Заев.

По завршувањето на средбата со пензионерите и претставниците на борците од НОБ, премиерот и претседател на СДСМ подели информативни материјали на карпошани и ги повика масовно да излезат и гласаат на 30-ти септември.

Спасовски: 260.000 евра дневно за Македонија како помош од Европската унија, по 30 септември таа помош ќе расте

Ова е историски момент за Македонија, затоа што граѓаните со својот глас „за“ на референдумот на 30 септември ќе донесат историска одлука за влез на нашата држава во НАТО и Европската унија, рече вечерва министерот за внатрешни работи и заменик на претседателот на владата Оливер Спасовски на средбата со граѓаните во велешко Оризари.

-Придобивките се огромни од членството во НАТО и ЕУ. Тука нема дилеми. Загарантирана е безбедноста, загарантирани се границите, а огромни се и бенефитите за економијата. Сега Македонија дневно добива по 260.000 евра дневно како помош од Европската Унија. Таа помош ќе расте со нашиот напредок кон Европската унија- рече Спасовски.

Членството во НАТО и ЕУ носи повисоки приходи за граѓаните, повеќе инвестиции и работни места, поголем пазар за фирмите, рече Спасовски. Тој ги посочи како пример земјите од регионот како Хрватска, Романија… кои станаа членки на НАТО и ЕУ и веќе ги чувствуваат бенефитите од тоа.

-Инвестициите значително пораснаa, а невработенoста се намали во сите земји од регионот кои станаа членки на НАТО. Со нашиот влез во НАТО и приближувањето кон ЕУ ќе се зголемат фондовите кои ЕУ ги вложува во нашата инфраструктура. Ќе се градат уште повеќе нови патишта, водоводи, канализации, училишта, за подобро утре на нашите деца- рече Спасовски.

Просечната плата во Бугарија е зголемена двојно во однос на 2007 година. Невработеноста од 17.2% во 2007, денес е 5.3%. Во Романија просечна плата од 1025 леи во 2007 година порасна на 4527 леи во 2018 година. Невработеноста од 15.6% во 2007, денес е 4.3%.

Министерот Спасовски оствари средба и со граѓаните на Бузалково и ги повика на 30 септември масовно да излезат на гласање.
-На овој референдум одлучувате за вас, но и за иднината на вашите деца. Затоа сум убеден дека на 30 септември ќе излеземе масовно на гласање и ќе донесеме одлука за подобра иднина. Македонија чекори по патот кон ЕУ и НАТО и тука нема запирање- рече Спасовски.

Премиерот Заев од Берово: 260.000 евра дневно добива Македонија како помош од ЕУ, таа ќе расте со нашиот напредок кон Унијата!

Посочувајќи ги бенефитите од зачленувањето во НАТО и во Европската Унија, премиерот Зоран Заев синоќа пред беровчани истакна дека грантовите и финансиската поддршка коишто и сега ги добива Македонија од фондовите на Унијата за развој на патната и железничката инфраструктура, на пример, по зачленувањето на земјата ќе се зголемат неколкукратно. Дополнително, посочи Заев, ќе се отвори огромниот пазар на ЕУ за македонските земјоделски производи.

„260.000 евра дневно добива Македонија како  помош од Европската Унија. Таа помош ќе расте со нашиот напредок кон унијата. Европската унија – тоа е пазар на 500-тини милиони потрошувачи. Не е исто тоа што го произведувате, дали е беровскиот компир, дали е сливата или било што да го продавате овде на пазар од милион и шестотини или на 500-тини милиони потрошувачи. Тоа не е исто. Зошто не е исто? Зголемена побарувачка, посигурен пласман и повисока цена. Тоа се големи придобивки“, рече премиерот Заев на Граѓанската трибина во Берово.

Претседателот на Владата на Република Македонија и во исто време претседател на СДСМ, Зоран Заев синоќа на средба со граѓаните во Берово уште еднаш ги повика опозициските политички партии, субјекти, граѓански здруженија и поединци кои не се дел од коалицијата „Заедно за европска Македонија“, да се вклучат, бидејќи како што рече, само храбрите и мудри луѓе носат храбри и мудри одлуки.

„Ова што го правиме е вредно за нашата заедничка Република Македонија. Опозицијата може да биде критична, должност и задача и е да биде критична. Може и да не се согласува со договорот. Може по Заев да маваат и дрва и камења. Може да викаат колку сакаат дека е катастрофален. Но, таа е исто така за НАТО и за ЕУ. И истата таа опозиција знае дека нема НАТО и ЕУ без договор со Грција. Затоа ја користам приликата и од убавото Берово, да ја повикам преку овие камери да се приклучат. Нашиот народ сака еднаш да не види заедно. Ако не за иднината на Македонија, ако не за Европска Македонија, за што да застанеме заедно“, рече меѓу другото Премиерот Заев.

Синоќа, пред беровчани, премиерот Заев изрази верување дека граѓаните на Република Македонија, на 30 септември, ќе излезат масовно  и ќе бидат визионери. Односно дека ќе бидат дел од пишувачите на поновата историја на Македонија и дека ќе се разбудат горди што придонеле за подобра иднина на своите деца, на своите внуци.

„Направивме компромис заради придобивките. Заради тоа што добиваме. За да еднаш во европска Македонија ги погледнеме децата наши во очи и со гордост им кажеме: Го направивме чедо компромисот за денес да живеете вака убаво, да имате перспективи, да ни бидете овде и вас деца и внуци да чекаме“, заклучи премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, синоќа во Берово.

Шекеринска на трибина во Струмица: За младите да ги имаат истите шанси како нивните врсници во ЕУ, на 30 септември секој глас е важен

На 30 септември граѓаните на европска Струмица ќе гласаат ЗА европска Македонија, бидејќи ова е шанса која ја чекаме од независноста, рече вечерва на трибина во Струмица министерката за одбрана Радмила Шекеринска, и ги образложи придобивките за граѓаните од членството на Македонија во ЕУ и НАТО. Отворениот пат кон ЕУ ќе отвори пристап до пазар од 500 милиони луѓе, перспективи за малите и средните претпријатија, за стопанството и земјоделците, а членството во НАТО значи сигурност и економски развој бидејќи инвеститорите бараат сигурна и предвидлива клима за инвестирање, рече Шекеринска.

„Јас во политиката од почетокот сум посветена на тоа Македонија да стане европска држава. Сега ја водам одбраната. Од почетокот на независноста на државата овие две стратешки цели, членството во НАТО и членството во ЕУ одат заедно. Првиот клучен чекор за Македонија е час покоро да стане членка на НАТО. Ми беше чест што на самитот во 2018-та, го направивме она што го пропуштивме во 2008-ма, добивме покана за членство во НАТО“, рече Шекеринска.

Шекеринска пред граѓаните на Струмица зборуваше за позитивните ефекти кои ги добија соседните земји по зачленувањето во НАТО и ЕУ – Бугарија ги дуплираше просечните плати, економијата се разви, инвестициите во Црна Гора во првите 6 месеци по членството во НАТО се повеќе од двојно поголеми во спредба со истиот период претходната година.

Таа ги повика граѓаните да не очекуваат дека некој друг ќе ја заврши работата на референдумот – Македонија ќе оди напред само доколку сите заедно излеземе и гласаме ЗА, рече Шекеринска и додаде дека кампањата ЗА европска Македонија не е ниту на СДСМ, ниту на ВМРО, туку е кампања за македонскиот народ и сите граѓани и за Македонија како рамноправна меѓу европските земји. „Кога ќе тргнеме на гласачките места на 30 септември главниот документ не е партиската книшка, туку пасошот и личната карта. На 30 септември ќе се гласа за иднината на државата“, истакна министерката.

„На нашите деца, на младите им треба европска Македонија. Сакам на сите да ви порачам да работиме секој ден на тоа на 30 септември да и отвориме нова шанса на Македонија и на сите млади во оваа држава, зошто нашите млади треба да ги имаат истите шанси како маладите во Европа“, порача Шекеринска.


Граѓански трибини во општина Карпош и Куманово, средби со граѓаните во Велес и Лозово

Вторник, (04.09.2018) во општина Карпош, со почеток во 19:30 часот на платото кај Млечен ресторан, ќе се одржи граѓанска трибина на која ќе учествува премиерот на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев.

Покрај премиерот, на трибината ќе учествуваат и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев и професорката на Правниот факултет во Скопје, Ана Чупевска.

(Пренос во живо граѓаните и медиумите ќе може да следат од официјалната ФБ страница на премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев како и на Јутјуб каналот izlezi.mk)

 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ќе го посети Куманово каде што во 19:00 часот ќе учествува на граѓанска трибина што ќе се одржи во Домот за култура.

 

Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски ќе го посети Велес каде што во 16:00 ќе оствари средба со претставници на бизнис секторот, потоа со почеток во 18:00 часот Спасовски ќе се сретне со жители на населеното место Оризари, а во 19:00 часот ќе се сретне со жители на населеното место Бузалково.

Претходно, во 13:30 часот, министерот и потпретседател на СДСМ, Спасовски ќе даде изјава за медиуми пред зградата на Општина Велес.

 

Градоначалникот на општина Штип и потпретседател на СДСМ, Благој Бочварски е во посета на општина Лозово каде во 12:00 часот пред зградата на Општината ќе даде изјава за медиуми.

Шекеринска во Струмица: Македонија е добредојдена во ЕУ и НАТО, време е нашите деца да ги добијат истите можности како нивните врсници во Европа

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска е во посета на Струмица каде имаше средби со граѓаните и градоначалникот Коста Јаневски, а вечерва ќе учествува на трибина.

Таа им порача на струмичани дека е убедена во нивната поддршка на референдумот кој е патот за Македонија кон ЕУ и НАТО, бидејќи Струмица веќе ги почувствува придобивките од европската помош со кои се решаваат крупни локални прашања. Со околу 6 милиони евра од ЕУ во Струмица се гради пречистителна станица за отпадни води, со пари од ЕУ се градат соларни колектори, се вложува во заштита на струмичкото културно и природно наследство, а со влезот на Македонија во ЕУ и НАТО ние ќе и помогнеме на нашата татковина да има подобри општини, поквалитетни институции, позадоволни граѓани, поголем број и подобро платени работни места.

„Не треба да гледаме подалеку од нашите соседи и ќе видиме дека во Бугарија двојно пораснаа платите, дека во Романија двојно се намали младинската невработеност, да видиме дека во Црна Гора само во првите 6 месеци оваа година откако стана членка во НАТО повеќе од два пати се зголемија странските директни инвестиции. Кога ќе ги видиме сите овие податоци, ќе го донесеме логичниот заклучок дека членството во НАТО ќе ни ја зацврсти државата, ќе ни ги обезбеди дополнително границите, ќе ја гарантира стабилноста, а членството во ЕУ ќе им даде на македонските млади, на нашите млади и деца шанса да ги имаат истите придобивки кои ги имаат младите и децата во ЕУ – подобро образование, шанса за образование во други држави, шанса за подобра работа и шанса за подобра плата“, истакна министерката Шекеринска.

Гласот ЗА на референдумот е глас за Македонија како држава членка на НАТО, а гаранцијата на безбедноста и стабилноста на НАТО е гаранција и за инвеститорите кои сакаат безбедна и предвидлива клима за инвестирање – рече министерката и потенцираше – дали ќе ги добиеме овие гаранции зависи од секој граѓанин поединечно.

„Одлуката на 30-ти септември, зависи од секој од нас – секој глас може да биде пресуден. Одлуката на 30-ти септември можеме да ја споредиме само со одлуката која што ја донесовме пред 27 години, исто во септември, кога гласавме за независноста на нашата татковина. Тогаш гласавме за да ја земеме судбината во свои раце, сега треба да гласаме за да ја зацврстиме нашата државност со членство во НАТО и членство во Европската Унија. Да не дозволиме нашите млади да бегаат во Европа, да бегаат во земјите – членки на НАТО и ЕУ, да се обидеме и Европа и НАТО – вредностите да ги донесеме тука во Македонија. Тоа ќе биде одлуката на 30-ти септември и таа одлука зависи од секој од нас“, потенцираше Шекеринска.

Посетата на Струмица, министерката Шекеринска ја продолжува со средби со претставници на боречката организација и вечерва на трибина со граѓаните, која ќе започне во 18.30 во Градскиот парк (пред Дом на АРМ).

Пендаровски од граѓанската трибина во Битола: На 30 септември да ги оствариме стратешките интереси, да излеземе ЗА влез во ЕУ и НАТО!

Како дел од караванот на коалицијата „Заедно за европска Македонија“, националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски беше во посета на Битола, каде што се сретна со граѓани и учествуваше на отворена граѓанска трибина.

На средбите со граѓаните беа претставени придобивките од членството во НАТО и ЕУ, притоа осврнувајќи се особено на економските бенефити кои ќе ги има Македонија како дел од најголемиот пазар во Европа од 500 милиони жители.

На граѓанската трибина што се одржа во Домот на културата, Пендаровски зборуваше за историската шанса за целосна интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, што е остварување на децениските државни и национални интереси.

„Референдумот на 30 септември е со идентична важност и еднаква историска тежина како референдумот за независност од 8 септември 1991 година. Ако тогаш гласавме масовно над 90 отсто да имаме држава, сега на овој 30 септември ќе излеземе, ќе гласаме ЗА интеграција во ЕУ и НАТО и за навек да ја утврдиме македонската државност во целиот свет“, порача Пендаровски.

Националниот координатор за НАТО Пендаровски истакна дека со постигнатиот договор се зајакнува македонскиот идентитет и се гарантира македонската посебност и порача дека во вакви клучни моменти за државата, секој поединец има лична одговорност за иднината.

Во своето излагање, Пендаровски ги повика граѓаните активно да учествуваат во градењето на иднината, да излезат на референдумот и да гласаат ЗА договорот што обезбедува интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, со заштитен и загарантиран македонски идентитет.

„Да ја завршиме нашата работа, да влеземе во најмоќната безбедносна коалиција НАТО, да ги отвориме вратите за друштвото на најбогатите држави кои се дел од ЕУ.  Да влеземе на пазар од 500 милиони потрошувачи и на 30ти септември сите ние да гласаме ЗА Европска Македонија“, порача Пендаровски.


Коалицијата „Заедно ЗА европска Македонија“ со граѓански трибини во Пехчево, Струмица, Берово и Радовиш, 03.09.2018

Понеделник, (03.09.2018) во Пехчево во Домот на културата со почеток во 18:00 часот ќе се одржи граѓанска трибина на која ќе учествува премиерот на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев.

Со почеток во 20:00 часот, премиерот на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев ќе учествува на отворена граѓанска трибина во Берово којашто ќе се одржи на градскиот плоштад.

(Пренос во живо граѓаните и медиумите ќе може да следат од официјалната Фејсбук страница на премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев како и на Јутјуб каналот (www.izlezi.mk).

Министерката за одбрана и заменик претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска денеска е во посета на Струмица каде што од 18:30 ќе учествува на граѓански собир што ќе се одржи во градскиот парк.

Претходно, во 13:30 часот министерката и заменик претседателка на СДСМ Шекеринска ќе даде изјава за медиуми пред зградата на општина Струмица.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски е во посета на општина Радовиш, каде што во 16:00 часот ќе учестува на граѓанска трибина во населеното место Подареш.

Претходно, во 12:45 часот Манчевски ќе даде изјава за медиуми во центарот на Радовиш.

Пендаровски: Референдумот е историска шанса, да кажеме ЗА македонски идентитет и македонска иднина

На 30-ти септември, референдумот што е закажан е практично по својата тежина и значење е еднаков со референдумот од 1991 година до сега, затоа што тогаш македонските граѓани гласаа да имаме држава. Сега, на 30-ти септември ќе гласаме таа држава дефинитивно во меѓународни рамки да биде запечатена, да биде осигурана и да биде од сите признаена како држава во која живеат граѓани од различна вероисповед, граѓани од различна национална припадност, но во која живеат етнички македонци, кои зборуваат на македонски јазик.

 

 

Која е цената која треба да ја платиме како што велат нашите политички опоненти, за да влеземе во двете најмоќни и најефикасни меѓународни организации ЕУ и НАТО? Според мене и според нас, кои сме во таборот за гласање ЗА на референдумот, сметаме дека нема практично никаква цена и никаква штета која треба да ја понесеме како македонци, како луѓе кои живеат во оваа земја. Со договорот во Грција практично е зацементиран македонскиот идентитет и македонскиот јазик, придавката македонски и кодовите МК и МКД. Тоа што беше досега признаено и препознавано овде во нашите граници, ние знаеме кои сме и што сме, нормално, сега ќе биде признаено и потврдено од целиот свет, затоа што во меѓународните организации, како што е најголемата Обединетите Нации, македонскиот јазик ќе се преведува на сите 6 официјални јазици во таа организација во која членуваат 193 членки.

Значи, не можам да видам аргумент на страна на оние кои велат дека договорот е капитулантски, дека не треба да биде поддржан, а особено не можам да видам аргументи кај оние кои тврдат дека ние воопшто не треба да се асоцираме во овие две меѓународни организации ЕУ и НАТО, затоа што наводно биле во заминување, во распаѓање, со намалено влијание и дека час поскоро ние треба да се оддалечуваме, наместо да се приближуваме и да бидеме нивни членки.

Да немаме никаква дилема, станува збор за организации во кои членуваат најмоќните држави во светот, во кои членуваат држави кои се и во воена, и во економска и во политичка смисла и во стратешка смисла највлијателни, и за нас ќе биде чест како мала држава еден ден да сме на иста маса со најмоќните држави кои практично го обликуваат светот во кој живееме.

Немам никакво разбирање особено за оние кои повикуваат на бојкот на референдумот, можам да разберам некој да биде против, легитимно е, демократско право на секој од нас, но зошто да се иде на бојкот во ситуација кога станува збор за историска крстосница во која треба да кажеме ДА за македонската иднина.

Да седите дома на 30-ти септември е најголем степен на лична и граѓанска неодговорност и кон себе и кон семејството ваше, и кон државата во која живеете, да немате став за референдумското прашање кое вели дали сакате Македонија да ја биде еднаш – засекогаш во друштво со најголемите во светот.