Премиерот Заев: Очекувам пратениците да ја почитуваат демократската одлука на мнозинството од граѓаните кои гласале

https://youtu.be/U7ElhcNscrY

 

Почитувани,

Граѓаните и институциите денеска спроведоа мирен и демократски референдумски ден.

Македонија и граѓаните покажаа дека се дел од семејството на европските држави и народи.

Граѓаните гласаа достоинствено и слободно.

Секој граѓанин кој што денеска излезе да гласа, донесе своја одлука, по сопствено убедување.

Референдумот е највисока демократска алатка на која одлучуваат тие кои излегуваат да гласаат.

Гласот даден на референдумот е конечен, а волјата на граѓаните е неприкосновена и мора да биде почитувана од сите.

Во демократија одлуките се носат со гласање.

Им честитаме на сите граѓани, денеска имаме успех за демократијата и за европска Македонија.

Успехот е заеднички, на нашата земја, на сите граѓани.

Без разлика на организираниот бојкот од страна на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, секако со чест на исклучоци, очекувам дека огромно мнозинство од граѓаните кои гласаа го избрале европскиот пат за Македонија, за неколку часа ќе почекаме и ќе видиме кој е резултатот од гласањето.

Сега, гласот на граѓаните, волјата на оние кои гласаа на овој консултативен референдум треба да се претвори во политичка активност во законодавниот дом.

Ако навистина како што очекуваме сите имаме видливо, големо, огромно мнозинство ЗА, од тие што гласале, тогаш јасна е иднината.

Гласот на пратениците во Собранието, треба да биде глас за одлучно и одговорно да ги забрзаме процесите за конечно членство во НАТО и ЕУ и за подобар живот на нашите деца и на сите граѓани на Македонија.

Очекувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат демократската одлука на мнозинството граѓани кои гласале, во спротивно нема друго, ќе треба да ја употребиме другата демократска алатка, а тоа значи предвремени парламентарни избори, веднаш.

Почитувани граѓани,

Јас ќе продолжам да ја водам нашата земја напред, и Македонија ќе биде членка на НАТО и на Европската Унија.

Ви благодарам на сите.