Почитувани граѓани,

Време е да бидеме храбри и да гледаме кон иднината!

Време е да ја зајакнеме вербата во себе, да се погледнеме едни со други во очи и да си кажеме дека МОЖЕМЕ. Можеме ако се држиме заедно, ако кренеме глава и ако ja зграпчиме шансата за која се изборивме заедно и за која целиот свет ни вели дека е историска. Ви велам дека можеме, бидејќи верувам во оваа генерација. Повозрасните повеќе пати докажаа дека знаат да носат вистински одлуки во клучни моменти. Знам дека и младите ќе го направат тоа на 30 септември.

На референдумот вие одлучувате и само од вас зависи иднината на нашата Македонија. Напред или назад. Светлина или темница. Иднина или изолација. Семејство или осаменост. Вие одлучувате.

Ајде да избереме семејство, европско и стабилно семејство во кое сме безбедни, заштитени и во кое имаме сојузници со кои заедно ќе одиме напред. Секој ден понапред, кон јасна иднина. Оваа генерација има привилегија да ја менува Македонија кон подобро. Имаме уникатна шанса, еднаш на 30 години, заеднички да го исцртаме патот кон успехот.

Oвој историски момент е поголем од секој од нас, од нашите партии, кавги или лични интереси. Да ги оставиме различните убедувања и интереси за момент зад нас и да ја видиме светлината на Европа која повикува. Сега имаме можност како никогаш до сега, да излеземе гордо и да одлучиме за нашето место во братството на европските народи, во Европската Унија, и да застанеме рамо до рамо со најсилните земји на светот, членките на НАТО.

Сега имаме решение и заедно треба да одлучиме за тоа решение.

Наша одговорност беше да го решиме отвореното прашање кое ја загрозуваше иднината на Македонија. Ја презедовме одговорноста – го решивме спорот, постигнавме Договор со Грција, а во него гласно се потврдува:

Граѓаните на оваа земја, Македонците и Македонките, македонскиот јазик и македонската националност се признаени и потврдени за век и векови.

Сакам да им се заблагодарам на сите граѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и на сите други етнички заедници, што во овие моменти покажуваат другарско и братско разбирање и што даваат силна поддршка на своите сограѓани Македонци. Оваа поддршка, ова разбирање за заштитениот македонски идентиет е од огромно значење за градењето едно општество. Овие мостови кои ги градиме се крвотокот на нашата меѓусебна доверба.

Народе мој,  

Јас денес стојам исправен гордо пред вас и ви велам дека ова е вистинското решение и вистинското време. Ова е историскиот момент во кој секој од вас, секој граѓанин без разлика на неговата политичка, етничка или било која определба ја добива можноста да биде архитект на нашата заедничка иднина.

Да донесе одлука и да ја завериме нашата независност!

Да излеземе на 30 септември ЗА европска Македонија!

Зоран Заев
Претседател на Владата на Република Македонија

Поддржете ја кампањата на социјалните мрежи!