Економски раст
Главниот економски двигател на ЕУ е единствениот пазар кој е составен од 28-те земји членки и овозможува слободно движење на луѓе, стоки, пари и услуги. ЕУ се стреми да го одржува економскиот раст преку инвестирање во транспорт, енергија и истражувачки активности, истовремено намалувајќи го влијанието на понатамошниот економски развој врз животната средина.
Стабилност и една единствена валута
Влегуваме во унија која има постигнато повеќе од 50 години мир, стабилност и просперитет. Унија која помогна да се подигне животниот стандард на своите граѓани и да се формира една единствена европска валута: еврото. Денес, повеќе од 340 милиони граѓани на ЕУ во 19 земји го користат еврото како своја валута и ги уживаат неговите придобивки.
Мобилност
Со укинувањето на граничните контроли помеѓу земјите на ЕУ, луѓето можат да патуваат слободно низ поголемиот дел од континентот. Со оваа придобивка, многу е полесно да се живее, работи и патува низ Европа. Сите граѓани на ЕУ имаат полно право и слобода да изберат во која земја од ЕУ сакаат да работат, да учат или да се пензионираат. Секоја земја-членка на ЕУ мора да ги третира сите граѓани на ЕУ на ист начин како што ги третира и сопствените граѓани во поглед на вработувањето, социјалното осигурување и даночните обврски.
Транспарентни и демократски институции
Фокусот на ЕУ секогаш бил и останува на тоа да ги направи своите водечки институции потранспарентни и подемократски. Одлуките се носат што е можно поотворено и што е можно поблиску до мислењето на граѓанинот. ЕУ се води по принципот на претставничка демократија, со тоа што граѓаните имаат свој претставник на ниво на Унијата во Европскиот парламент додека земјите-членки имаат свој претставник во Европскиот совет и Советот на ЕУ.
Европската граѓанска иницијатива е механизам на Европската унија кој им овозможува на “граѓаните на ЕУ директно да учествуваат во развојот на политиките на ЕУ”, воведени со Договорот од Лисабон во 2007 година.
Зачувување на називот на јазикот
Името на македонскиот јазик останува непроменето, без фусноти и објаснувања, со соодветен превод на сите јазици во светот, и тој јасно се вбројува во словенската група на јазици.