Спасовски: Да ја прифатиме подадената рака за влез во ЕУ и НАТО, секој глас ЗА носи повеќе странски инвестиции

Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски вчера се сретна со жителите на неколку населени места од општина Крива Паланка кадешто со граѓаните разговараше за процесот на интеграција и придобивките од влезот на Македонија во ЕУ и НАТО.

Присутните граѓани изразија огромна поддршка за остварениот напредок на Македонија во последната година и ги поздравија можностите што се отвораат со пристапувањето на Македонија во ЕУ и НАТО.

 

 

– Светските и европските лидери ни подадоа рака, се отворија вратите за влез во НАТО и ЕУ.  Имаме историска шанса да станеме рамноправен дел од најсилните светски сојузи и да ги живееме сите придобивки како и останатите членки на ЕУ и НАТО. Ова е историска шанса за нашата генерација да обезбедиме иднина за нас и нашите поколенија, посочи Спасовски.

Министерот Спасовски пред присутните зборуваше за придобивките од членството во ЕУ и НАТО, потенцирајќи ги можностите за повеќе странски и инвестиции, како и пристапот до нови фондови и развојни линии за поддршка на стопанството, земјоделството и инфраструктурата.

„Се наоѓаме во клучен период за нашата татковина, исправени сме на една недела од најважната одлука за нашата генерација, да избереме иднина наместо неизвесност, да избереме просперитет и европски можности и вредности. Секој глас ЗА на референдумот е глас за повеќе странски инвестиции, за нови работни места и повисоки плати, за инвестиции во инфраструктурата. Секој глас ЗА на референдумот е глас за напредок и развој, за пристап до нови фондови и поголема поддршка за земјоделството и стопанството. Затоа, на 30 септември да гласаме ЗА за нашата иднина“ – порача Спасовски.