• Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година донесе одлука за распишување консултативен референдум, кој ќе се одржи на 30 септември 2018 година.

Што е референдум?

Референдумот е облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето за одделни прашања што се од надлежност на Собранието на Република Македонија, за прашања што се од надлежност на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, како и за други прашања од локално значење.

Кој го спроведува референдумот на државно ниво?

Органи за спроведување референдум на државно ниво се: Државната изборна комисија; општинските изборни комисии за спроведување избори за пратеници во Собранието на Република Македонија (општински изборни комисии) и избирачки одбори.

Како се гласа на референдумот?

На референдум се гласа со гласачко ливче и граѓаните се изјаснуваат непосредно со тајно гласање. Гласачкото ливче ги содржи прашањето што се става на референдум, упатството за начинот на гласањето и серискиот број на гласачкото ливче во делот што останува на кочанот на блокот. Граѓанинот на референдумот се изјаснува така што на гласачкото ливче го заокружува зборот „ЗА“ или „ПРОТИВ“.

Референдумот се спроведува на гласачки места утврдени со закон.

Најдоцна пет дена пред одржување на референдумот општинските изборни комисии јавно ги објавуваат гласачките места за спроведување на гласањето на референдумот. На референдумот гласа и дијаспората во дипломатските конзуларни претставништва. Право на гласање на референдум имаат граѓаните што имаат избирачко право и се запишани во Избирачкиот список. Никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум.

Државна изборна комисија – Референдум 30.09.2018

 

  • Референдумското прашање гласи: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?

Како се распишува референдум?

Референдум на државно ниво распишува Собранието на Република Македонија со одлука во која се содржани:

  • органот што го распишува референдумот;
  • територијата или подрачјето за кое се распишува референдумот;
  • називот на прописот, односно прашањето или прашањата за кои граѓаните одлучуваат на референдумот;
  • образложение на прописот, односно прашањето или прашањата за кои се распишува референдумот;
  • референдумско прашање или прашања, односно еден или повеќе предлози на прописи за кои граѓаните одлучуваат;
  • денот на одржување на референдумот;
  • видот на референдумот.

За ден на одржување на референдумот се определува денот недела. Гласањето почнува во 7 часот и трае непрекинато до 19 часот.