Пендаровски од граѓанската трибина во Битола: На 30 септември да ги оствариме стратешките интереси, да излеземе ЗА влез во ЕУ и НАТО!

Како дел од караванот на коалицијата „Заедно за европска Македонија“, националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски беше во посета на Битола, каде што се сретна со граѓани и учествуваше на отворена граѓанска трибина.

На средбите со граѓаните беа претставени придобивките од членството во НАТО и ЕУ, притоа осврнувајќи се особено на економските бенефити кои ќе ги има Македонија како дел од најголемиот пазар во Европа од 500 милиони жители.

На граѓанската трибина што се одржа во Домот на културата, Пендаровски зборуваше за историската шанса за целосна интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, што е остварување на децениските државни и национални интереси.

„Референдумот на 30 септември е со идентична важност и еднаква историска тежина како референдумот за независност од 8 септември 1991 година. Ако тогаш гласавме масовно над 90 отсто да имаме држава, сега на овој 30 септември ќе излеземе, ќе гласаме ЗА интеграција во ЕУ и НАТО и за навек да ја утврдиме македонската државност во целиот свет“, порача Пендаровски.

Националниот координатор за НАТО Пендаровски истакна дека со постигнатиот договор се зајакнува македонскиот идентитет и се гарантира македонската посебност и порача дека во вакви клучни моменти за државата, секој поединец има лична одговорност за иднината.

Во своето излагање, Пендаровски ги повика граѓаните активно да учествуваат во градењето на иднината, да излезат на референдумот и да гласаат ЗА договорот што обезбедува интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, со заштитен и загарантиран македонски идентитет.

„Да ја завршиме нашата работа, да влеземе во најмоќната безбедносна коалиција НАТО, да ги отвориме вратите за друштвото на најбогатите држави кои се дел од ЕУ.  Да влеземе на пазар од 500 милиони потрошувачи и на 30ти септември сите ние да гласаме ЗА Европска Македонија“, порача Пендаровски.