Шекеринска на трибина во Струмица: За младите да ги имаат истите шанси како нивните врсници во ЕУ, на 30 септември секој глас е важен

На 30 септември граѓаните на европска Струмица ќе гласаат ЗА европска Македонија, бидејќи ова е шанса која ја чекаме од независноста, рече вечерва на трибина во Струмица министерката за одбрана Радмила Шекеринска, и ги образложи придобивките за граѓаните од членството на Македонија во ЕУ и НАТО. Отворениот пат кон ЕУ ќе отвори пристап до пазар од 500 милиони луѓе, перспективи за малите и средните претпријатија, за стопанството и земјоделците, а членството во НАТО значи сигурност и економски развој бидејќи инвеститорите бараат сигурна и предвидлива клима за инвестирање, рече Шекеринска.

„Јас во политиката од почетокот сум посветена на тоа Македонија да стане европска држава. Сега ја водам одбраната. Од почетокот на независноста на државата овие две стратешки цели, членството во НАТО и членството во ЕУ одат заедно. Првиот клучен чекор за Македонија е час покоро да стане членка на НАТО. Ми беше чест што на самитот во 2018-та, го направивме она што го пропуштивме во 2008-ма, добивме покана за членство во НАТО“, рече Шекеринска.

Шекеринска пред граѓаните на Струмица зборуваше за позитивните ефекти кои ги добија соседните земји по зачленувањето во НАТО и ЕУ – Бугарија ги дуплираше просечните плати, економијата се разви, инвестициите во Црна Гора во првите 6 месеци по членството во НАТО се повеќе од двојно поголеми во спредба со истиот период претходната година.

Таа ги повика граѓаните да не очекуваат дека некој друг ќе ја заврши работата на референдумот – Македонија ќе оди напред само доколку сите заедно излеземе и гласаме ЗА, рече Шекеринска и додаде дека кампањата ЗА европска Македонија не е ниту на СДСМ, ниту на ВМРО, туку е кампања за македонскиот народ и сите граѓани и за Македонија како рамноправна меѓу европските земји. „Кога ќе тргнеме на гласачките места на 30 септември главниот документ не е партиската книшка, туку пасошот и личната карта. На 30 септември ќе се гласа за иднината на државата“, истакна министерката.

„На нашите деца, на младите им треба европска Македонија. Сакам на сите да ви порачам да работиме секој ден на тоа на 30 септември да и отвориме нова шанса на Македонија и на сите млади во оваа држава, зошто нашите млади треба да ги имаат истите шанси како маладите во Европа“, порача Шекеринска.