Премиерот Заев од Дојран: Граѓаните ќе му покажат на светот дека се за европска Македонија, да се сплотат и политичарите во заедничката цел

Јас сум убеден дека нашите граѓани ќе му покажат на целиот демократски свет, преку овој референдум, храброст дека водат грижа за следните генерации, рече Премиерот Зоран Заев на денешната граѓанска трибина во Дојран.

Тој испрати и порака за сплотеност.

Ако некој има алтернатива Б, Ц, за членството во ЕУ и НАТО, нека ја каже, но нема. Имаа 11 години да постигнат добро решение. Јас знам дека сите сме за ЕУ и НАТО. Ако сме сите, ред е сите да се обединиме, за иднината на нашите деца, рече претседателот на СДСМ и премиер, Заев.

 

 

Тој посочи дека е постигнат добар договор, дека се осигурани македонскиот јазик и идентитет, дека како никогаш досега Македонија ја има поддршката на големите држави во светот, дека знамето на Македонија ќе се вее рамноправно пред седиштата на ЕУ и НАТО, а државава на иста маса рамноправно ќе одлучува со големите сили. Тоа, ќе донесе безбедносни гаранции за државата и економски бенефит за секој граѓанин во Македонија, поради новите инвестиции и достапните фондови на ЕУ.

1991 година ја обезбедивме иднината на државата, убеден сум дека на 30-ти септември 2018 година таа независност ќе ја осигураме, рече претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на трибината во Дојран.