Category Archives: Изјава

Одговори на новинарски прашања, Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија

П1: Премиере, дадовте две опции како да се продолжи процесот. Првиот е да се оди веднаш со уставните измени, вториот е предвремени парламентарни измени. Оваа втора ваша опција веднаш ја одбија од ВМРО-ДПМНЕ. Гсподинот Мицкоски изјави дека премиерот треба да размислува за оставка а не за предвремени избори, а оваа идеја не му се допадна ни на вашиот коалиционен партнер Ахмети, кој што изјави дека не се приоритет изборите.

За уставните измени. Вашиот заменик господинот Османи изјави дека се потребни 106 дена да се заврши целиот процес до март за сето ова да не пропадне, што значи дека треба да се почне веднаш со процедурата.  Дали вие ќе почнете собраниска процедура доколку не сте сигурни дека ги имате бројките и мислам дека овие граѓани кои што гласаа за заслужуваат поконкретен одговор да им кажете колку пратеници сте сигурни дека ќе гласаат за уставни измени моментално?

Јас не знам колку пратеници. Демократска земја сме, парламентот е врв на демократијата. Но знам колку треба. 80 пратеници треба за двотретинско мнозинство за гласање на уставните промени. Се согласувам со дел од сите овие тези дека златно време доаѓа за Македонија, не би требало изборите да бидат најпосакуваната опција. Би требало да бидат неопходната опција доколку за тоа има потреба. Затоа, првиот повик е најважен. Пратеници, да ги оставиме партиите на страна, да ги оставиме личните суетии каприци на страна, и конечно, знаејќи дека подобар договор со Грција ниту може ниту ќе може да се направи, ниту пак има алтернатива за нашата интеграција во ЕУ и НАТО. Од тој аспект реков да не си играме играчки. Државата е во прашање, иднина е во прашање на нашата земја и на нашите деца. Затоа остануваат неколку денови  да направиме напори со пратениците во Парламентот, да видиме дали ќе  има двотретинско мнозинство.  Ако нема, реков, веднаш треба да се преземат чекорите за избори. Зошто? За да ги фатиме роковите. Знаеме дека во мај месц има избори во европскиот парламент, во кои што учествува и нашиот сосед Република Грција. Така што има доволно време, законот и Уставот го дозволуваат тоа време, јасно се опишани сите чекори кои што треба да се направат за да се дојде до избори и да се стигне навистина брзо, за да се стигне до ноември, за да може сите рокови по устав и по закон да ги запазиме, а да има доволно време за да може парламентот на соседна Грција да има доволно време да ги донесе одлуките. Но реков, секогаш останува она што е најдобро, најпосакувано, за нашата земја и за граѓаните. Овие 600 000 гласачи ЗА, од овие 659 000 кои излегле на гласање, навистина, кажуват во кој правец ќе бидат и одлуките на граѓаните. Но реков, златно време доаѓа за Македонија. Да ги искористиме за економски раст, за овој раст кој почна да се крева во Мкедонија, за економскиот стандард на граѓаните, за европските фондови, за она за што граѓаните очекуваат од нас да донесеме одлука. Така што, сериозно упатувам порака да се посветиме, и да ги ставиме националните интереси и интересите на нашите граѓани пред сите нас, и пред интересите на политичките партии.

 

П2: Се заблагодаривте на дел од претставниците и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои денес,веднаш вечерва дел од нив порачаа дека немаат никакви намери да гласаат за уставните измени во Собранието, меѓу кои и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи волјата на граѓаните е јасна и нема да поддржат никакви договарања  во наредниот период. Поконкретно господине Заев, како ќе ги убедите ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставни измени? Со валкани дилови, амнестија ли е во игра, како ќе гласаат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ?

Мислам дека секогаш сме биле транспарентни до крај, пред се почитувајќи ја личноста на секој поединец, и на нашите институции. Ќе направиме обид во парламентот, да разговараме со пратениците, и ќе знаеме. Ако има двотретинско мнозинство ја почнуваме постапката за уставни промени. Јасно пропишана и во Деловник и во Устав и во закон. Ако нема, веднаш Парламентот ќе се подготвува за распишување на предвремени парламентарни избори. Затоа што никој до сега не рече што е алтернатива за Македонија. Никој не нуди подобар договор, никој не нуди алтернатива на НАТО и ЕУ. Патот е јасен. Тој е патот. Затоа сериозноста на сите нас, треба да биде поголема од било што. Имаме огромно видливо мнозинство. Преку 91% е она што до сега пресметале и ДИК, независните набљудувачи и нашите аналитички центри. Тоа се 600 000 граѓани. а може и повеќе. Како што реков, никогаш, на ниту едни парламентарни избори, од самостојноста на Република Македонија, вака изразена волја не постоела за парламентарни избори кога и да се одржале.  Така што јасен е патоказот по кој што не упатуваат нашите граѓани.

 

П3: Два пати во одговорите претходно споменавте, Устав, Закон, Деловник. Два пати во текот на август, рековте дека доколку референдумот не успее вие ќе се повлечете. Според Уставот, според Законот за референдум овој референдум не е успешен, од формално правен аспект, дали планирате да си стоите на зборот?

Денеска имаме успешен процес на референдум. Ако мнозинството видливи гласови беа против, секако ќе го направев тоа, но кога имате мнозинство од повеќе од 90 проценти од граѓаните коишто излегле на гласање и одлучиле да одлучуваат, да влезат во носењето на одлуката, и донеле одлука. Не само што немам намера да поднесам оставка, туку и имам обврска да продолжам Македонија да биде членка на НАТО и на ЕУ.

 

П4 : Повторивте дека предвремени избори се опција, меѓутоа дали во таков услов доколку не помине ова во Собранието, дали ќе ги стигнете роковите во услови на нови избори и како ги оценувате постапките на бојкотирам, бидејќи дел од нив вечерва исто така слават победа, како ќе се однесувате со нив и како ќе ги убедите да го променат ставот?

Јас сум демократ човек и почитувам демократски права, видов беше некоја гужва пред Собранието, и секако ги почитувам сите граѓани. Да не заборавиме дека врвно демократско право е, правото на избор и оваа демократска алатка на референдумот, да не заборавиме дека сите политички партии рековме, ниту еден поединец, ниту една политичка партија, освен граѓаните на референдум ќе донесат одлука, да не заборавиме да се потсетиме на страна 295 од програмата на ВМРО-ДПМНЕ, од сите програми вклучително и сегашната, дека на референдум граѓаните ќе донесат одлука и дека со изразено мнозинство на оние што ќе излезат и ќе гласаат, ќе донесат одлука. Да не се преправаме, пресериозна е оваа работа за нашата земја, така што пред нас се опциите, јас сум среќен што граѓаните денес се изјаснуваа, тоа е патот. Оние коишто одлучиа да излезат и да гласаат, носат одлука, одлуката е донесена, патот е јасен, правецот е трасиран, по тој пат продолжуваме сите. Се надевам дека Парламентот ќе се поклони на мнозинската одлука од повеќе од 600.000 гласачи од повеќе од 90% од оние што излегле да гласаат и ќе ја испочитуваат одлуката до крај. Никој и никаде во светот во демократските земји неуспеал да се спротивстави на мнозинската одлука на граѓаните. Ние денеска имаме одлука, имаме успешен референдум, Македонија оди напред, Македонија ќе биде членка на НАТО и на ЕУ.

 

П5:  Знаеме дека сте пријатели со премиерот Ципрас, после објавувањето на резултатите од референдумот, дали разговоравте со него, дали имавте телефонски разговор?

Ние со мојот пријател Алексис Ципрас разменивме вечерва порака, тој го поздрави изборот и одлуката на нашата земја и ја поздрави одлуката која што ја донесовме и јавно ја соопштивме, истовремено испрати порака дека иднината останува на храбрите и остануваме и двете страни посветени на целосна имплемнтација на договорот. Пријателството е вредно и треба да го подржиме до крај, затоа што отвора само убави перспективи за граѓаните на двете земји, за нашите две земји.

 

П6: Изгледате многу сигурен дека премиерот Ципрас ќе успее да го ратификува Преспанскиот договор во грчкиот Парламент. Неговиот партнер, Министерот за одбрана на Грција Панос Каменост, денеска објави дека вашиот референдум е неуспешен (невалиден). Дали сте се уште сигурен дека Договорот ќе помине во грчкиот парламент?

Ова не е нешто ново од почитуваниот министер Каменос, реков демократ човек сум, секако верувам во овој процес, можеби и спаѓам во оние од двете земји кои што најмногу веруваат во целиот овој процес. Јас знам каков е капацитетот на нашиот народ и денеска видовме дека повеќе од 90 отсто изразена волја на граѓаните. Апсолутно, премиерот Ципрас довери верба на граѓаните на Република Македонија да излезат и да гласаат и преку тоа што го ставија својот потпис на договорот, ние исто така пренесовме верба дека грчкиот парламент исто така ќе ја заврши својата работа. И тоа е на крајот начинот на градење на пријателство, преку доверба, преку позитивен елан, преку пренесување на верување едни на други, и така ќе јакне пријателството. А верувам сите, вклучително и почитуваниот министер Каменос, ќе видат сите дека само придобивки и граѓаните на двете земји и нашите две земји. Немам дилема за тоа.

 

П7: Знаеме за законските рокови, сепак ќе Ве прашам, до кога им оставате на ВМРО-ДПМНЕ рок , за да одговорат на поканата што вечерва  ја испративте до пратениците. Како го коментирате ставот на лидерот Мицкоски кој вечерва одговорајќи на новинарско прашање рече дека референдумот не бил за предвремени избори и практично не се изјасни како одговора ВМРО-ДПМНЕ на вашата фрлена ракавица или-или,  и уште едно прашање, дали ќе побарате средба со Мицкоски?

Ме знаете, повеќе од сите веројатно, ќе направам се’. Ќе побарам и средба со господинот Мицкоски и со раководство ако треба на политичките партии, со пратениците да поразговораме во едни вакви околности. Зошто немаше директен одговор од господинот Мицкоски за предвремени избори, тоа само од себе потврдува, не треба да си играме играчки и треба сериозно да ги засукаме ракавите и да ја следиме јасно и недвосмислената волја на граѓаните. Парламентот е на ред, Парламентот треба да носи одлука. Знаејќи дека Уставот предвидува не повеќе од 60 дена од распуштање на Парламентот, дава можност и за 45 дена за предвремени избори, крајот на ноември е примамлив датум. Секако тоа ќе биде консултирано со правниците и стручните лица за да можеме оние 100ина дена да ги искористиме а преку тоа да дадеме соодветно доволно време и на грчкиот парламент да ја донесе одлуката доволно далеку од парламентарните избори на Европскиот Парламент. Така што време има доволно, ако одлучиме да одиме на избори, уште еднаш напоменувам, избори би требало да има само ако тоа е неопходно, реков, Парламентот е на ред и треба да донесе одлука. Неколку денови ќе се обидеме,  еве 10ина дена ако се обидеме, 25 ноември е недела ден и го фаќаме рокот од 45 дена. Но, златно време е за Македонија доаѓа, сите трендови се во пораст. Оваа позитивна одлука која што Парламентот ќе ја носи, паралелно ќе ги искористиме месеците пред нас. Го знаете мојот став, Македонија конечно треба да оди на редовни избори, но ако нема двотретинско мнозинство, впрочем што би можеле друго да направиме. Никој не нуди друга алтернатива, да понудеше некој, ќе седневме ќе разговаравме, за друг договор, за подобар договор, но сите знаат дека нема. Нема некоја друга алтернатива, план Б, план Ц, но нема! Едноставно зборуваме со силата на аргументите и фактите и ќе се обидеме за она што е логично и нормално и апелирам дека пресериозен период е пред сите нас, кога се носат сериозни одлуки, сите сме исправени пред ваквите одлуки кои секако имаат последици. Како и да ги донесеме одлуките тие секако ќе предизвикаат последици. Единствено исправени пред последици по нас ќе бидат ако тргнеме настрана СДСМ , ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, ТДП, ТХП, сите партии да не ги набројувам, и ја ставиме пред нас Македонија и граѓаните. Ова е време за одлука за граѓаните и за Македонија. Верувам, дека ќе изнедриме сила сите ние да го продолжиме овој пат. Граѓаните ни дадоа чисто кристална јасна порака, на референдум се одлучува од оние што сакаат да одлучуваат. Можеби граѓаните не се подготвени да донесат одлука, бирале институции, можеби граѓаните ги немаат доволно одговорите, или не ги интересираат одговорите и сакаат да предочат пред институциите, нема бегање од одлуката. Одлуката ќе ја носиме, вака или после еден чекор па пак ќе ја носиме. Така што јасен е чекорот. Јас сум, гледате и сами, релаксиран и среќен, мојот народ, сите наши граѓани, денеска имаа убаво демократско право да се изјаснат, тоа е врвот и убавината на демократијата. Ви благодарам.

Видео: https://youtu.be/D3tjehrYYwY


Премиерот Заев: Очекувам пратениците да ја почитуваат демократската одлука на мнозинството од граѓаните кои гласале

https://youtu.be/U7ElhcNscrY

 

Почитувани,

Граѓаните и институциите денеска спроведоа мирен и демократски референдумски ден.

Македонија и граѓаните покажаа дека се дел од семејството на европските држави и народи.

Граѓаните гласаа достоинствено и слободно.

Секој граѓанин кој што денеска излезе да гласа, донесе своја одлука, по сопствено убедување.

Референдумот е највисока демократска алатка на која одлучуваат тие кои излегуваат да гласаат.

Гласот даден на референдумот е конечен, а волјата на граѓаните е неприкосновена и мора да биде почитувана од сите.

Во демократија одлуките се носат со гласање.

Им честитаме на сите граѓани, денеска имаме успех за демократијата и за европска Македонија.

Успехот е заеднички, на нашата земја, на сите граѓани.

Без разлика на организираниот бојкот од страна на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, секако со чест на исклучоци, очекувам дека огромно мнозинство од граѓаните кои гласаа го избрале европскиот пат за Македонија, за неколку часа ќе почекаме и ќе видиме кој е резултатот од гласањето.

Сега, гласот на граѓаните, волјата на оние кои гласаа на овој консултативен референдум треба да се претвори во политичка активност во законодавниот дом.

Ако навистина како што очекуваме сите имаме видливо, големо, огромно мнозинство ЗА, од тие што гласале, тогаш јасна е иднината.

Гласот на пратениците во Собранието, треба да биде глас за одлучно и одговорно да ги забрзаме процесите за конечно членство во НАТО и ЕУ и за подобар живот на нашите деца и на сите граѓани на Македонија.

Очекувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат демократската одлука на мнозинството граѓани кои гласале, во спротивно нема друго, ќе треба да ја употребиме другата демократска алатка, а тоа значи предвремени парламентарни избори, веднаш.

Почитувани граѓани,

Јас ќе продолжам да ја водам нашата земја напред, и Македонија ќе биде членка на НАТО и на Европската Унија.

Ви благодарам на сите.


Шекеринска: Американскиот секретар за одбрана доаѓа во Македонија лично да ја пренесе поддршката на САД за македонските граѓани – светот застана зад Македонија

„Овој понеделник американскиот секретар за одбрана, првиот човек на Пентагон, првиот човек на најмоќната армија во светот, доаѓа во Република Македонија да биде наш гостин на официјална посета. Тоа се случува прв пат во последните 14 години… Тоа покажува колку е голем интересот и поддршката која ја сработи Македонија во оваа последна година. Во само еден период од десетина дена нè посетуваат најмоќните, највлијателните луѓе и претставници на најкрупните фактори во НАТО и во Европската Унија… Македонија тоа го заслужи со крупните промени кои ги направи во последната година. Тоа покажува дека светот ги отвори вратите кон нас, но сега останува на граѓаните на Република Македонија, на секој од нас поединечно да одлучиме дали таа отворена врата, дали таа подадена шанса ќе ја искористиме“, рече министерката Шекеринска во изјава за медиумите на почетокот од својата посета на Кочани.

„Ние покажавме и во Кочани и во Македонија дека зборот е збор. Ветивме дека Македонија ќе ја добие НАТО поканата, тоа го сторивме. Ветивме дека Македонија ќе добие датум за почеток на преговори – го добивме. Ветивме дека секој договор со Грција од кој ни зависи ЕУ И НАТО ќе биде ставен на референдум и референдум ќе има на 30 септември. Јас се надевам и ги повикувам сите политички партии, а особено оние кои се колнеа во референдум, бараа референдум и најавуваа референдум, да покажат дека и за нив зборот важи, дека и за нив обврските важат и на тој начин да покажеме дека Македонија е обединета во својата заедничка цел ова да биде подобра држава, безбедна, сигурна и економски напредна”, рече заменик-премиерката и министерка за одбрана.

Во одговор на новинарско прашање за коментар на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицковскиповрзана со референдумот, министерката истакна дека е неодговорно и несериозно ВМРО-ДПМНЕ да има став дека нема став, што како што рече, е голем минус во пресрет на нашата историска шанса и историска одговорност.

„Ние ветивме и ние тоа што го ветивме го исполнивме. Обезбедивме НАТО покана, обезбедивме почеток на преговори со ЕУ и ја донесовме одлуката сето тоа да помине преку референдум. ВМРО-ДПМНЕ сиве овие години ветуваше дека ќе гарантира референдум, ветуваше дека за ова прашање граѓаните мора да одлучуваат и сега кога тој референдум се случува, тие бегаат, се кријат и немаат став. Во политиката која немате став, тоа значи дека немате аргументи, тоа значи дека немате право, тоа значи дека знаете дека сте на погрешната страна“, рече Шекеринска.

Министерката ги повика членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ  да се приклучат на повикот на еден дел од нивните основачи, на еден дел од советниците и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ и да ја искористат оваа историска шанса да учествуваат на референдумот кој сите тие го бараа.

Вечерва Шекеринска ќе има и трибина во Кочани на која ќе се разговара за перспективите на државата и на овој град.


Николовски: Членството во НАТО и ЕУ, ќе значи повисоки откупни цени за грозјето, зголемена конкурентност и сигурен пласман на европските пазари

Приближувањето кон НАТО и ЕУ, ќе значи повисоки откупни цени за грозјето, сигурен пласман на европските пазари за грозјето и за нашето вино, изјави денеска министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој е во посета на Демир Капија.

Николовски потенцираше дека патот кој Владата го трасира кон НАТО и ЕУ е историска можност за Македонија, а со Договорот со Грција се отстрани најголемата пречка на овој пат кон европска Македонија и европско земјоделство.

„ Државата носи многу мерки за поддршка на лозарите, но многу повеќе можеме да направиме заеднички со ЕУ и НАТО . Државата се наоѓа пред еден од најважните моменти, затоа ни е потребна ЕУ и влезот во НАТО. Тоа ќе значи многу и за македонската економија, и за лозарството како најзначајна извозно орнетирана стопанска гранка. Нашиот влез во НАТО и во ЕУ ќе значи повисоки откупни цени за грозјето, сигурен пласман на македонските производи, на грозјето и виното, зголемени европски субвенции, зголемен извозот, отворање на пазар со 500 милиони потрошувачи. Затоа 30-ти септември е денот кога треба да излеземе и да гласаме за европска Македонија“, изјави Николовски.

Николовски истакна дека секоја мерка што се презема во лозарството е во насока на зголемување на производството на грозје и воведување на нови сорти кои се барани на странските пазари. Во таа насока, се воведе нова дополнителна субвенција од 1 денар за килограм предадено грозје за сортите смедеревка и вранец, која ќе придонесе за поголема рентабилност на производството, за 20 отсто се зголеми субвенцијата за одржување на лозови насади за земјоделците со развоен потенцијал, лозарите кои имаат од 1 до 10 хектари лозје, ќе добијат наместо 40.000 денари 48.000 денари  по хектар за одржување на насади. Претворена во килограми, оваа субвенција изнесува половина денар по килограм, што значи дека вкупната финансиска поддршка заедно со дополнителната субвенција ќе изнесува 1,5 денари за килограм. Во рамки на посетата на Демир Капија, Николовски имаше средба со градоначалникот Лазар Петров и ги посети откупните пунктови за грозје. Во текот на денот ќе има и средба со лозарите од овој регион со цел да се види моменталната состојба со бербата и откупот на грозје.


Пендаровски: Референдумот е историска шанса, да кажеме ЗА македонски идентитет и македонска иднина

На 30-ти септември, референдумот што е закажан е практично по својата тежина и значење е еднаков со референдумот од 1991 година до сега, затоа што тогаш македонските граѓани гласаа да имаме држава. Сега, на 30-ти септември ќе гласаме таа држава дефинитивно во меѓународни рамки да биде запечатена, да биде осигурана и да биде од сите признаена како држава во која живеат граѓани од различна вероисповед, граѓани од различна национална припадност, но во која живеат етнички македонци, кои зборуваат на македонски јазик.

 

 

Која е цената која треба да ја платиме како што велат нашите политички опоненти, за да влеземе во двете најмоќни и најефикасни меѓународни организации ЕУ и НАТО? Според мене и според нас, кои сме во таборот за гласање ЗА на референдумот, сметаме дека нема практично никаква цена и никаква штета која треба да ја понесеме како македонци, како луѓе кои живеат во оваа земја. Со договорот во Грција практично е зацементиран македонскиот идентитет и македонскиот јазик, придавката македонски и кодовите МК и МКД. Тоа што беше досега признаено и препознавано овде во нашите граници, ние знаеме кои сме и што сме, нормално, сега ќе биде признаено и потврдено од целиот свет, затоа што во меѓународните организации, како што е најголемата Обединетите Нации, македонскиот јазик ќе се преведува на сите 6 официјални јазици во таа организација во која членуваат 193 членки.

Значи, не можам да видам аргумент на страна на оние кои велат дека договорот е капитулантски, дека не треба да биде поддржан, а особено не можам да видам аргументи кај оние кои тврдат дека ние воопшто не треба да се асоцираме во овие две меѓународни организации ЕУ и НАТО, затоа што наводно биле во заминување, во распаѓање, со намалено влијание и дека час поскоро ние треба да се оддалечуваме, наместо да се приближуваме и да бидеме нивни членки.

Да немаме никаква дилема, станува збор за организации во кои членуваат најмоќните држави во светот, во кои членуваат држави кои се и во воена, и во економска и во политичка смисла и во стратешка смисла највлијателни, и за нас ќе биде чест како мала држава еден ден да сме на иста маса со најмоќните држави кои практично го обликуваат светот во кој живееме.

Немам никакво разбирање особено за оние кои повикуваат на бојкот на референдумот, можам да разберам некој да биде против, легитимно е, демократско право на секој од нас, но зошто да се иде на бојкот во ситуација кога станува збор за историска крстосница во која треба да кажеме ДА за македонската иднина.

Да седите дома на 30-ти септември е најголем степен на лична и граѓанска неодговорност и кон себе и кон семејството ваше, и кон државата во која живеете, да немате став за референдумското прашање кое вели дали сакате Македонија да ја биде еднаш – засекогаш во друштво со најголемите во светот.

Николовски: Субвенциите со влегувањето во ЕУ македонските земјоделци ќе ги добиваат директно, од ЕУ

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска беше во посета на скопско Стајковци, во општина Гази Баба, еден од најпознатите скопски региони за производство на раноградинарски култури.

 

 

Министерот Николовски во Стајковци и Црешево, имаше средби со земјоделци на кои се разговараше за актуелните состојби во земјоделството и ги слушна нивните предлози, со цел создавање ефикасни мерки за модерно земјоделство. Градинарството е важна извозна гранка, која има голем придонес во вкупниот извоз на земјоделски производи.  Токму затоа, во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, субвенциите за земјоделците со развоен потенцијал, односно оние кои имаат од  0,7 до  5,0 хектари, се зголемени за 20 отсто и овие корисници ќе добијат субвенција од 36.000 денари по хектар. За македонските земјоделци и за жителите од руралните подрачја, за жителите на Стајковци,  најважен е влезот на Македонија во ЕУ и НАТО.

„Субвенциите со влегувањето во ЕУ македонските земјоделци ќе ги добиваат директно од ЕУ. 400 милијарди евра се предвидени во буџетот на ЕУ за 2014-2020 година за развојот на земјоделството”, изјави Николовски.

Само оваа година преку ИПАРД II Програмата Европската Комисија и додели на Република Македонија средства во висина од над 12 милиони евра наменети за  инвестиции во земјоделските стопанства, преработувачките капацитети, руралните средини, за развој на нови и постоечки бизниси и рурална јавна инфраструктура.

„За 2019 година преку ЕУ договоривме 15 милиони евра поддршка на македонското земјоделство. Со овие пари со 3,5 милиони евра од нив ќе се градат нови системи за наводнување со 4,5 милиони евра во следната година ЕУ ќе гради фабрика за третирање на отпадот од угинатите животни во Македонија како политика за приближување кон ЕУ“, посочи Николовски.

Членството во НАТО и влезот во ЕУ ќе значи повеќе европски средства за субвенции, за механизација, за повисок приход, подобар производ и за пласман со подобри цени, модерно и одржливо земјоделство, повеќе вработувања во руралните средини и поттикнување на економскиот раст.

Зеќири: Да ја искористиме шансата, да заокружиме ЗА, за повеќе инвестиции, за европска Македонија

За еден месец имаме историска можност да ја обезбедиме европската иднина на нашата заедничка татковина, како рамноправен дел од ЕУ и НАТО.

Со влезот во НАТО остваруваме стратешки интерес – Македонија да биде дел од демократскиот развиен свет, рамноправен член на најмоќните светски сојузи.

Членството во НАТО гарантира безбедност и стабилност на граѓаните и трајна заштита на границите.Пристапниот процес за членство во ЕУ значи економски развој, и зацврстување на правната држава.

Нашето членство во НАТО и ЕУ обезбедува повеќе пари, размена на искуства, полесен пристап до нови знаења и технологии. Со членството значи и зголемена стабилност и доверба во македонската економија. Тоа значи повеќе инвестиции, нови работни места и повисок животен стандард за сите.

Во изминативе 6 месеци, имавме рекордно остварени инвестиции. Странските директни инвестиции достигнаа 327 милиони евра за шест месеци. Вицепремиерот Анѓушев вели дека тоа е за 218 проценти повеќе од просекот во последните три години. Инаку лани за целата година вкупни странски инвестиции изнесуваа 227 милиони евра.

Овој позитивен развој се должи на економските политики на Владата, како и на издадената покана за члество во НАТО, и најавата за почеток на пристапните преговори за ЕУ.

Затоа, како одговорни граѓани кои се посветени на доброто за нашата држава, потребно е да се обединиме околу најважното прашање. Да ја искористиме оваа историска шанса. На 30 септември да заокружиме ЗА влез во НАТО и ЕУ, да заокружиме ЗА европска Македонија.