Одговори на новинарски прашања, Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија

П1: Премиере, дадовте две опции како да се продолжи процесот. Првиот е да се оди веднаш со уставните измени, вториот е предвремени парламентарни измени. Оваа втора ваша опција веднаш ја одбија од ВМРО-ДПМНЕ. Гсподинот Мицкоски изјави дека премиерот треба да размислува за оставка а не за предвремени избори, а оваа идеја не му се допадна ни на вашиот коалиционен партнер Ахмети, кој што изјави дека не се приоритет изборите.

За уставните измени. Вашиот заменик господинот Османи изјави дека се потребни 106 дена да се заврши целиот процес до март за сето ова да не пропадне, што значи дека треба да се почне веднаш со процедурата.  Дали вие ќе почнете собраниска процедура доколку не сте сигурни дека ги имате бројките и мислам дека овие граѓани кои што гласаа за заслужуваат поконкретен одговор да им кажете колку пратеници сте сигурни дека ќе гласаат за уставни измени моментално?

Јас не знам колку пратеници. Демократска земја сме, парламентот е врв на демократијата. Но знам колку треба. 80 пратеници треба за двотретинско мнозинство за гласање на уставните промени. Се согласувам со дел од сите овие тези дека златно време доаѓа за Македонија, не би требало изборите да бидат најпосакуваната опција. Би требало да бидат неопходната опција доколку за тоа има потреба. Затоа, првиот повик е најважен. Пратеници, да ги оставиме партиите на страна, да ги оставиме личните суетии каприци на страна, и конечно, знаејќи дека подобар договор со Грција ниту може ниту ќе може да се направи, ниту пак има алтернатива за нашата интеграција во ЕУ и НАТО. Од тој аспект реков да не си играме играчки. Државата е во прашање, иднина е во прашање на нашата земја и на нашите деца. Затоа остануваат неколку денови  да направиме напори со пратениците во Парламентот, да видиме дали ќе  има двотретинско мнозинство.  Ако нема, реков, веднаш треба да се преземат чекорите за избори. Зошто? За да ги фатиме роковите. Знаеме дека во мај месц има избори во европскиот парламент, во кои што учествува и нашиот сосед Република Грција. Така што има доволно време, законот и Уставот го дозволуваат тоа време, јасно се опишани сите чекори кои што треба да се направат за да се дојде до избори и да се стигне навистина брзо, за да се стигне до ноември, за да може сите рокови по устав и по закон да ги запазиме, а да има доволно време за да може парламентот на соседна Грција да има доволно време да ги донесе одлуките. Но реков, секогаш останува она што е најдобро, најпосакувано, за нашата земја и за граѓаните. Овие 600 000 гласачи ЗА, од овие 659 000 кои излегле на гласање, навистина, кажуват во кој правец ќе бидат и одлуките на граѓаните. Но реков, златно време доаѓа за Македонија. Да ги искористиме за економски раст, за овој раст кој почна да се крева во Мкедонија, за економскиот стандард на граѓаните, за европските фондови, за она за што граѓаните очекуваат од нас да донесеме одлука. Така што, сериозно упатувам порака да се посветиме, и да ги ставиме националните интереси и интересите на нашите граѓани пред сите нас, и пред интересите на политичките партии.

 

П2: Се заблагодаривте на дел од претставниците и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои денес,веднаш вечерва дел од нив порачаа дека немаат никакви намери да гласаат за уставните измени во Собранието, меѓу кои и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи волјата на граѓаните е јасна и нема да поддржат никакви договарања  во наредниот период. Поконкретно господине Заев, како ќе ги убедите ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставни измени? Со валкани дилови, амнестија ли е во игра, како ќе гласаат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ?

Мислам дека секогаш сме биле транспарентни до крај, пред се почитувајќи ја личноста на секој поединец, и на нашите институции. Ќе направиме обид во парламентот, да разговараме со пратениците, и ќе знаеме. Ако има двотретинско мнозинство ја почнуваме постапката за уставни промени. Јасно пропишана и во Деловник и во Устав и во закон. Ако нема, веднаш Парламентот ќе се подготвува за распишување на предвремени парламентарни избори. Затоа што никој до сега не рече што е алтернатива за Македонија. Никој не нуди подобар договор, никој не нуди алтернатива на НАТО и ЕУ. Патот е јасен. Тој е патот. Затоа сериозноста на сите нас, треба да биде поголема од било што. Имаме огромно видливо мнозинство. Преку 91% е она што до сега пресметале и ДИК, независните набљудувачи и нашите аналитички центри. Тоа се 600 000 граѓани. а може и повеќе. Како што реков, никогаш, на ниту едни парламентарни избори, од самостојноста на Република Македонија, вака изразена волја не постоела за парламентарни избори кога и да се одржале.  Така што јасен е патоказот по кој што не упатуваат нашите граѓани.

 

П3: Два пати во одговорите претходно споменавте, Устав, Закон, Деловник. Два пати во текот на август, рековте дека доколку референдумот не успее вие ќе се повлечете. Според Уставот, според Законот за референдум овој референдум не е успешен, од формално правен аспект, дали планирате да си стоите на зборот?

Денеска имаме успешен процес на референдум. Ако мнозинството видливи гласови беа против, секако ќе го направев тоа, но кога имате мнозинство од повеќе од 90 проценти од граѓаните коишто излегле на гласање и одлучиле да одлучуваат, да влезат во носењето на одлуката, и донеле одлука. Не само што немам намера да поднесам оставка, туку и имам обврска да продолжам Македонија да биде членка на НАТО и на ЕУ.

 

П4 : Повторивте дека предвремени избори се опција, меѓутоа дали во таков услов доколку не помине ова во Собранието, дали ќе ги стигнете роковите во услови на нови избори и како ги оценувате постапките на бојкотирам, бидејќи дел од нив вечерва исто така слават победа, како ќе се однесувате со нив и како ќе ги убедите да го променат ставот?

Јас сум демократ човек и почитувам демократски права, видов беше некоја гужва пред Собранието, и секако ги почитувам сите граѓани. Да не заборавиме дека врвно демократско право е, правото на избор и оваа демократска алатка на референдумот, да не заборавиме дека сите политички партии рековме, ниту еден поединец, ниту една политичка партија, освен граѓаните на референдум ќе донесат одлука, да не заборавиме да се потсетиме на страна 295 од програмата на ВМРО-ДПМНЕ, од сите програми вклучително и сегашната, дека на референдум граѓаните ќе донесат одлука и дека со изразено мнозинство на оние што ќе излезат и ќе гласаат, ќе донесат одлука. Да не се преправаме, пресериозна е оваа работа за нашата земја, така што пред нас се опциите, јас сум среќен што граѓаните денес се изјаснуваа, тоа е патот. Оние коишто одлучиа да излезат и да гласаат, носат одлука, одлуката е донесена, патот е јасен, правецот е трасиран, по тој пат продолжуваме сите. Се надевам дека Парламентот ќе се поклони на мнозинската одлука од повеќе од 600.000 гласачи од повеќе од 90% од оние што излегле да гласаат и ќе ја испочитуваат одлуката до крај. Никој и никаде во светот во демократските земји неуспеал да се спротивстави на мнозинската одлука на граѓаните. Ние денеска имаме одлука, имаме успешен референдум, Македонија оди напред, Македонија ќе биде членка на НАТО и на ЕУ.

 

П5:  Знаеме дека сте пријатели со премиерот Ципрас, после објавувањето на резултатите од референдумот, дали разговоравте со него, дали имавте телефонски разговор?

Ние со мојот пријател Алексис Ципрас разменивме вечерва порака, тој го поздрави изборот и одлуката на нашата земја и ја поздрави одлуката која што ја донесовме и јавно ја соопштивме, истовремено испрати порака дека иднината останува на храбрите и остануваме и двете страни посветени на целосна имплемнтација на договорот. Пријателството е вредно и треба да го подржиме до крај, затоа што отвора само убави перспективи за граѓаните на двете земји, за нашите две земји.

 

П6: Изгледате многу сигурен дека премиерот Ципрас ќе успее да го ратификува Преспанскиот договор во грчкиот Парламент. Неговиот партнер, Министерот за одбрана на Грција Панос Каменост, денеска објави дека вашиот референдум е неуспешен (невалиден). Дали сте се уште сигурен дека Договорот ќе помине во грчкиот парламент?

Ова не е нешто ново од почитуваниот министер Каменос, реков демократ човек сум, секако верувам во овој процес, можеби и спаѓам во оние од двете земји кои што најмногу веруваат во целиот овој процес. Јас знам каков е капацитетот на нашиот народ и денеска видовме дека повеќе од 90 отсто изразена волја на граѓаните. Апсолутно, премиерот Ципрас довери верба на граѓаните на Република Македонија да излезат и да гласаат и преку тоа што го ставија својот потпис на договорот, ние исто така пренесовме верба дека грчкиот парламент исто така ќе ја заврши својата работа. И тоа е на крајот начинот на градење на пријателство, преку доверба, преку позитивен елан, преку пренесување на верување едни на други, и така ќе јакне пријателството. А верувам сите, вклучително и почитуваниот министер Каменос, ќе видат сите дека само придобивки и граѓаните на двете земји и нашите две земји. Немам дилема за тоа.

 

П7: Знаеме за законските рокови, сепак ќе Ве прашам, до кога им оставате на ВМРО-ДПМНЕ рок , за да одговорат на поканата што вечерва  ја испративте до пратениците. Како го коментирате ставот на лидерот Мицкоски кој вечерва одговорајќи на новинарско прашање рече дека референдумот не бил за предвремени избори и практично не се изјасни како одговора ВМРО-ДПМНЕ на вашата фрлена ракавица или-или,  и уште едно прашање, дали ќе побарате средба со Мицкоски?

Ме знаете, повеќе од сите веројатно, ќе направам се’. Ќе побарам и средба со господинот Мицкоски и со раководство ако треба на политичките партии, со пратениците да поразговораме во едни вакви околности. Зошто немаше директен одговор од господинот Мицкоски за предвремени избори, тоа само од себе потврдува, не треба да си играме играчки и треба сериозно да ги засукаме ракавите и да ја следиме јасно и недвосмислената волја на граѓаните. Парламентот е на ред, Парламентот треба да носи одлука. Знаејќи дека Уставот предвидува не повеќе од 60 дена од распуштање на Парламентот, дава можност и за 45 дена за предвремени избори, крајот на ноември е примамлив датум. Секако тоа ќе биде консултирано со правниците и стручните лица за да можеме оние 100ина дена да ги искористиме а преку тоа да дадеме соодветно доволно време и на грчкиот парламент да ја донесе одлуката доволно далеку од парламентарните избори на Европскиот Парламент. Така што време има доволно, ако одлучиме да одиме на избори, уште еднаш напоменувам, избори би требало да има само ако тоа е неопходно, реков, Парламентот е на ред и треба да донесе одлука. Неколку денови ќе се обидеме,  еве 10ина дена ако се обидеме, 25 ноември е недела ден и го фаќаме рокот од 45 дена. Но, златно време е за Македонија доаѓа, сите трендови се во пораст. Оваа позитивна одлука која што Парламентот ќе ја носи, паралелно ќе ги искористиме месеците пред нас. Го знаете мојот став, Македонија конечно треба да оди на редовни избори, но ако нема двотретинско мнозинство, впрочем што би можеле друго да направиме. Никој не нуди друга алтернатива, да понудеше некој, ќе седневме ќе разговаравме, за друг договор, за подобар договор, но сите знаат дека нема. Нема некоја друга алтернатива, план Б, план Ц, но нема! Едноставно зборуваме со силата на аргументите и фактите и ќе се обидеме за она што е логично и нормално и апелирам дека пресериозен период е пред сите нас, кога се носат сериозни одлуки, сите сме исправени пред ваквите одлуки кои секако имаат последици. Како и да ги донесеме одлуките тие секако ќе предизвикаат последици. Единствено исправени пред последици по нас ќе бидат ако тргнеме настрана СДСМ , ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, ТДП, ТХП, сите партии да не ги набројувам, и ја ставиме пред нас Македонија и граѓаните. Ова е време за одлука за граѓаните и за Македонија. Верувам, дека ќе изнедриме сила сите ние да го продолжиме овој пат. Граѓаните ни дадоа чисто кристална јасна порака, на референдум се одлучува од оние што сакаат да одлучуваат. Можеби граѓаните не се подготвени да донесат одлука, бирале институции, можеби граѓаните ги немаат доволно одговорите, или не ги интересираат одговорите и сакаат да предочат пред институциите, нема бегање од одлуката. Одлуката ќе ја носиме, вака или после еден чекор па пак ќе ја носиме. Така што јасен е чекорот. Јас сум, гледате и сами, релаксиран и среќен, мојот народ, сите наши граѓани, денеска имаа убаво демократско право да се изјаснат, тоа е врвот и убавината на демократијата. Ви благодарам.

Видео: https://youtu.be/D3tjehrYYwY


Премиерот Заев: Повеќе од 90% од гласовите се ЗА, пратениците имаат обврска да ја обезбедат иднината на Македонија

Почитувани граѓани на Република Македонија!

Денес е важен ден за нашата држава и за нашите граѓани.

Граѓаните достоинствено гласаа и со својот мнозински глас порачаа дека нашиот пат и нашата светла иднина се во НАТО и во Европската Унија.

На овој референдум македонските граѓани ја докажаа својата демократска зрелост. Одлуката што ја донесоа денеска не беше лесна. Но, таа мораше да биде донесена денеска.

Имаше многу дискусии во изминатите месеци – на политичката сцена, во медиумите, меѓу пријателите, во семејствата.

И конечно, секој граѓанин донесе своја, сопствена одлука. Тоа е вредноста на демократијата. Ова е прилика да им се заблагодарам на сите граѓани што гласаа поединечно, и на тие што гласаа ЗА и на тие што гласаа ПРОТИВ, бидејќи тие презедоа одговорност. Одлучија гласовите на тие што гласаа.

Упатувам благодарност и до членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои и покрај бојкотот што го заговараше раководството на таа партија, презедоа одговорност за својата татковина, излегоа и гласаа на референдумот по сопствена волја. Нивниот глас и гласот на секој граѓанин денеска е сериозен влог, вградена тула во иднината на нашата Македонија.

Почитувани,

На референдумот денеска гласаа повеќе од 650.000 граѓани. Од граѓаните кои гласаа, повеќе од 90% избраа „ЗА“и порачаа дека Република Македонија треба да го прифати договорот со Грција и да стане членка на НАТО и ЕУ.

Европска Македонија доби повеќе гласови ЗА од кој било победник на кои било парламентарни избори во историјата на независна Македонија.

И еве еден едноставен пример:

Дури и ако имаше цензус, дури и ако имаше 1,1 милион излезени гласачи, овој резултат од речиси 600.000 граѓани кои гласале ЗА, ќе значеше јасна одлука на граѓаните и јасна определба ЗА европска Македонија.

Народот направи многу важен избор. Граѓаните кажаа големо ЗА со кое поддржаа едно прашање, една визија, и една цел за иднината за нашата земја.

Почитувани,

Сега, кога имаме мнозинска изразаена волја ЗА европска Македонија, време е пратениците во Собранието на Република Македонија, да го следат гласот на мнозинството со цел да ги забрзаме процесите за конечно членство во НАТО и ЕУ и да обезбедиме подобра иднина.

Гласот на граѓаните е јасен повик: сите политички партии да му се приклучат на процесот и да работат за заедничката цел.

Како премиер на оваа горда европска Македонија, ги повикувам сите одговорни лидери, секој пратеник, да се обединиме и да ја одведеме нашата земја таму каде што припаѓа – во ЕУ и во НАТО.

Знам јас, знае и опозицијата: Подобар договор со Република Грција нема и не може да има. Алтернатива за членството во НАТО и ЕУ  за Македонија нема, и не може да има.

Да не си играме играчки со нашата иднина и со нашата Македонија!

Упатувам и моја, лична покана до секој член на македонскиот парламент:

Да ги ставиме националните интереси, интересите на граѓаните и стратешките интереси на државата НАД политиката и НАД партиските интереси. Националните интереси се над сѐ, и пред сѐ. Ова прашање е поголемо од секој од нас и од нашите политички партии.  Ова е времето кога заедништвото на политичките претставници е најпотребно за Македонија.

Ова е момент кога пратениците со својата одлука имаат обврска да ја направат Македонија подобра земја, убаво место за живеење на секој граѓанин.

Во спротивно, единствената друга демократска алатка која преостанува се предвремени парламентарни избори – веднаш!

Почитувани пратеници, време е да ја поддржиме европска Македонија, време е да пишуваме историја заедно!

Благодарам.

Видео: https://www.youtube.com/watch?v=D3tjehrYYwY


Премиерот Заев: Очекувам пратениците да ја почитуваат демократската одлука на мнозинството од граѓаните кои гласале

https://youtu.be/U7ElhcNscrY

 

Почитувани,

Граѓаните и институциите денеска спроведоа мирен и демократски референдумски ден.

Македонија и граѓаните покажаа дека се дел од семејството на европските држави и народи.

Граѓаните гласаа достоинствено и слободно.

Секој граѓанин кој што денеска излезе да гласа, донесе своја одлука, по сопствено убедување.

Референдумот е највисока демократска алатка на која одлучуваат тие кои излегуваат да гласаат.

Гласот даден на референдумот е конечен, а волјата на граѓаните е неприкосновена и мора да биде почитувана од сите.

Во демократија одлуките се носат со гласање.

Им честитаме на сите граѓани, денеска имаме успех за демократијата и за европска Македонија.

Успехот е заеднички, на нашата земја, на сите граѓани.

Без разлика на организираниот бојкот од страна на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, секако со чест на исклучоци, очекувам дека огромно мнозинство од граѓаните кои гласаа го избрале европскиот пат за Македонија, за неколку часа ќе почекаме и ќе видиме кој е резултатот од гласањето.

Сега, гласот на граѓаните, волјата на оние кои гласаа на овој консултативен референдум треба да се претвори во политичка активност во законодавниот дом.

Ако навистина како што очекуваме сите имаме видливо, големо, огромно мнозинство ЗА, од тие што гласале, тогаш јасна е иднината.

Гласот на пратениците во Собранието, треба да биде глас за одлучно и одговорно да ги забрзаме процесите за конечно членство во НАТО и ЕУ и за подобар живот на нашите деца и на сите граѓани на Македонија.

Очекувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат демократската одлука на мнозинството граѓани кои гласале, во спротивно нема друго, ќе треба да ја употребиме другата демократска алатка, а тоа значи предвремени парламентарни избори, веднаш.

Почитувани граѓани,

Јас ќе продолжам да ја водам нашата земја напред, и Македонија ќе биде членка на НАТО и на Европската Унија.

Ви благодарам на сите.


Премиерот Заев од завршната граѓанска трибина во Тетово: Обединети, заедно, ќе ја донесеме историската одлука за безбедна иднина на нашите деца, во европска Македонија

– Тетово е Европа во мало, богато со различности. Македонија со векови е мултиетничка, заедно и обединета. Остануваме обединети и вака обединети, заедно, ќе гласаме За европска Македонија, рече претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на завршната предреферендумска граѓанска трибина вечерва во Тетово.

 

 

– Заедништвото во Тетово е нашето богатство, затоа тука почнавме да го градиме концептот Едно општество за сите. Кога се обединивме, бевме подготвени да чекориме напред. Овој народ секогаш бил голем и одговорен и овој пат ќе донесе историска одлука. Јас знам дека мнозинството ќе гласа За европска Македонија, но сакам да биде консензуално. Како што сме обединети етнички, да се обединиме и политички, повика премиерот, Заев.

Тој ги повика граѓаните да не се водат од скриени игри, затоа што носат историска одлука. Рече дека граѓаните на Македонија оваа шанса не смеат да ја пропуштат затоа што може да се повтори по 50 години. Да се бојкотира не е родољупски, родителски и патриотски.

– Се отвори скрининг процесот во ЕУ денеска, македонскиот јазик веќе е службен јазик, имаме признаен македонски идентитет и јазик, се за што се бореле нашите татковци и дедовци. Еве конечно имаме признаена земја со македонски идентитет и јазик. Отвораме преговори со ЕУ, влегуваме во НАТО, така ќе го јакнеме идентитетот, рече Заев.

Тој изрази благодарност на граѓаните Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи за покажаната солидарност со граѓаните Македонци во овој процес на обезбедување поддршка за македонскиот идентитет и јазик.

– Еве нѐ сплотени, заедно како никогаш досега. Ајде и оваа генерација да остави трага дека сме се одважиле да ја обезбедиме иднината на оваа мултиетничка Македонија. На 30. септември, консензуално, заедно, децата, иднината ни се во прашање, сите заедно, должност ни е да излеземе и да гласаме За европска Македонија, порача, меѓу другото, претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, на завршната граѓанска трибина во Тетово.

 


Димитров во Ѓорче Петров: Имаме обврска да ја осигураме нашата европска иднина

Денеска министерот за надворешни работи, Никола Димитров ги заокружи активностите поврзани со кампањата за претсојниот референдум, со граѓанска трибина во Ѓорче Петров, во Скопје. Покрај министерот Димитров, обраќање пред граѓаните имаше и градоначалниот на град Скопје, Петре Шилегов.

Министерот Никола Димитров ја искористи шансата за разговор со граѓаните од општината, пред се на теми поврзани со референдумот, но и за локалните предизвици. Во тој правец, Димитров нагласи дека и локалните предизвици се блиску поврзани со нашите европски и евроатлантски аспирации. Во правец на претстојниот референдум, тој се осврна на неговата историската важност. На 30 септември пред нас имаме историска одговорност да обезбедиме посветла иднина за нашите идни генерации. Минатото е важно, но она што е поважно е сегашноста и иднината, и нашата обврска да осигураме подобар живот за сите нас, за нашите деца, за нашите внуци, за нашите идни поколенија. На 30 септември ќе испишеме историја. Овој датум ќе биде празник на иднината. – кажа Димитров.  Тој исто така одговараше на прашања од присутните.

Денешната трибина беше воедно и последната активност на министерот Никола Димитров поврзана со кампањата.


Спасовски: Во недела да гласаме ЗА европска Македонија и да донесеме историска одлука

Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ Оливер Спасовски во текот на денешниот ден беше во посета на Куманово, каде што покрај средбите со граѓаните учествуваше и на трибина на која се зборуваше за историската шанса пред која стоиме како држава , како и за тоа што значи членството во НАТО и ЕУ. 

– Европската унија значи европски вредности. И најважната придобивка за Република Македоноја е што со станувањето  членка на Европската унија ќе изградиме европски систем , со носењето на европски вредности во образованието, здравството, земјоделието, културата , економијата и сите сегменти на општественото живеење порача Спасовски од Куманово.

Спасовски порача дека во недела се носи историска одлука за државата и дека е потребно сите граѓани преку глас да дадат придонес за градење на македонската иднина во ЕУ и НАТО.

-На 30 септември треба да гласаме за иднината на оваа држава, на нашите деца, за просперитет и развој на Република Македонија. И затоа е многу важно, да направиме се и да ја расчистиме секоја дилема кај секој граѓанин. Недела е ден за гласање и ден за историска одлука. Одлука која трајно ќе остави печат на нашата иднина и иднината на нашата држава одаде министерот Спасовски.


Шекеринска од Берово: Да излеземе во недела масовно и да гласаме ЗА европска Македонија

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска вечерва беше со граѓаните на Берово. Во разговор со граѓаните беа разменети мислења за придобивките за Македонија и сите граѓани од членството во ЕУ и НАТО преку и перспективите кои се создаваат .

Шекеринска од Берово порача дека не можеме да чекаме уште 27 години и дека е време да изградиме држава по европски правила. „Одлуката нема да ја донесат оние што ќе останат дома в недела на 30 септември, туку тие што ќе излезат да гласаат и затоа да излеземе масовно и да гласаме „за“, рече министерката Шекеринска.

„Во сите земји од регионот кои станаа членки на НАТО – Хрватска, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Романија – се намали невработеноста и се зголемија платите. Овие држави сега не може да се препознаат бидејќи се сменија на подобро”, додаде таа.

Шекеринска посочи дека досега за Берово од фондовите на ЕУ биле издвоени 5 милиони евра и дека во мала општина ваква директна помош може да биде од голема корист.

Шекеринска пред граѓаните на Берово ја пренесе посветеноста на Владата на социјалната заштита и ги информираше за зголемената социјална помош речиси за три пати, како и за бришењето на 16 извршителски трошоци од тарифата за наплата на долгови.

„Во недела не седете дома, бидејќи оваа недела е ден за историска одлука, ден за гласање за нашата иднина“, им порача министерката Шекеринска на беровчани.

Шекеринска во Берово имаше средба и со младите на која се разговараше за перспективите на младата генерација и неопходноста од членство на Македонија во НАТО и ЕУ како услов за шанси за работни места и поубав живот.

 


Царовска во Гази Баба: Во недела да излеземе и да обезбедиме иднина за европска Македонија

Подобрување на условите за згрижување на стари и на лица со попреченост, зголемувањето на социјалните права, растот на платите и социјалната реформа, беа темите за кои министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска разговараше жителите на Општина Гази Баба.

На средбата со граѓаните министерката Царовска, истакна дека со зачленувањето на Македонија во ЕУ и НАТО создаваме европска држава во која ќе расте стандардот и граѓанските права, а тоа ќе го постигнеме преку искористувањето на европските фондови кои во секторот социјала за земјите од ЕУ достигнуваат и до половина милијарда евра годишно.

„Институциите се сервис на граѓаните,  а тоа го овозможуваме со бројните реформи во системот за социјална заштита. Ние сме подготвени да станеме позитивен пример во регионот и светот.  Затоа трајно да влијаеме врз иднината на нашите животи и врз иднината на државата. Ние сме тие што со гласањето во недела одлучуваат за подобра иднина, за европска Македонија“, рече министерката Царовска во Гази Баба.

 

Спасовски меѓу граѓаните на Куманово: Недела е ден за историска одлука, затоа излезете и гласајте за европска Македонија!

Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ Оливер Спасовски денеска беше во посета на општина Куманово, каде што се сретна со стечајни работници и со граѓани од повеќе населени места од оваа општина.

„Членството во НАТО и ЕУ е безбедност и стабилност. Но членството во НАТО и во ЕУ е и нови инвеститори. Инвеститорите сакаат предвидлива клима за инвестирање и стабилност,  а не неизвесност. Нови инвеститори значи нови работни места, поголема конкурентност, повисоки плати, подобар животен стандард. Шанси за децата во нашата земја“, порача Спасовски.

Министерот Спасовски посочи дека во услови кога ја имаме поддршката од земјите членки на НАТО и на ЕУ, немаме право да им ја скратиме таа поддршка на нашите деца и упати повик до граѓаните во недела на референдум, слободно, гордо и достоинствено да излезат на референдум, бидејќи одлучуваат само оние кои ќе гласаат.

„Ние кои имаме право на глас, повикани сме во овој историски важен момент за нас и за Македонија, да донесеме нова правилна одлука. Затоа, во недела не се седи дома. Недела е ден за историска одлука. Одлука со која ќе влијаете на  иднината на вашиот  живот и животот на идните поколенија. Во недела, на 30 септември излезете и гласајте за европска Македонија“, повика Спасовски.

 

 

Николовски во ресенско: Заеднички да ги отвориме вратите до нови европски и структурни фондови за македонското земјоделство

Придобивките од членството во ЕУ и НАТО, а особено искористеноста на европските фондови се од исклучителна важност за модернизирање на овоштарството и на преработувачките капацитети во овој сектор, порача на денешните трибини со земјоделци во Ресен и во селото Царев Двор, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

При тоа тој потенцираше дека помошта за земјоделците ќе расте со отпочнувањето на преговори со Европската Унија. Европските фондови ќе го зајакнат земјоделието, ќе донесат нови вработувања преку нови бизниси просперитет и развој на руралните средини онаму каде сакаме да се задржат земјоделците.

„40 отсто од буџетот на ЕУ оди за земјоделството единствен сектор директно финансиран од ЕУ. Меѓу 270 и 300 милиони евра Македонија ќе добие како субвенции од ЕУ, со нашето членство, дополнително средствата од националниот буџет. Многу програми ни се отвораат за рурален развој со влезот во ЕУ и НАТО. Со ИПАРД 2 програмата од ЕУ добивме 60 милиони евра, а само за првиот јавен повик се склучени рекордни 919 договори од кои над 140 договори се само во Ресен. Претходно за 12 години вредноста на искористеност од ИПАРД 1 била околу 16 милиони евра, сега само со еден повик од ИПАРД вкупната вредност е 15,8 милиони евра“, изјави Николовски.

Тој потенцираше дека Владата континуирано презема мерки за развој на овоштарството како клучен сектор во земјоделството. Со Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година ги зголемивме за 10 отсто субвенциите за одржување на овошни насади. Годинава за 20 отсто ги зголемивме овие субвенции за земјоделците со развоен потенцијал. Преку Програмата за рурален развој ќе ги поддржиме и преработувачките капацитети, да има поголем простор за откуп на производите и извоз од државата. Со членството во НАТО и ЕУ ни се отвораат вратите на пазар од 500 милиони потрошувачи, повеќе финансиски средства преку европските фондови, а тоа се нови пари во земјоделството, што е основа на нашата економија.

На трибините во ресенско, Николовски на земјоделците им ги презентираше сегашните и идните мерки што ќе ги преземе МЗШВ за развој на земјоделството, вклучително и на овоштарството. Николовски порача дека 30–ти септември е важен датум за сите граѓани на државата, за земјоделците. Недела е ден кога треба да донесеме историска одлука која трајно ќе влијае врз иднината на сите нас, порача Николовски.