Интегрално обраќање на премиерот Заев на промоцијата на кампањата „Излези за европска Македонија“

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денесја имаше свое обраќање на промоцијата на кампањата „Излези за европска Македонија“, што во наредните денови ќе ја спроведе коалицијата „Заедно за европска Македонија“, кое ви го пренесуваме во целост:

Денес е важен ден за иднината на Македонија. Стоиме пред еден настан со историски пропорции што ќе влијае на нашата земја за годините што доаѓаат.

Ова е денот кога пред вас, со целата политичка одговорност, застанува Коалицијата „Заедно за Европска Македонија”. Коалиција, која како неформално движење од групи граѓани, заедници, граѓански организации, друштва, синдикати, политички партии, стопански комори и друг тип на здруженија, на претстојниот референдум кој ќе се одржи на 30 септември 2018 година се согласни заеднички, и секоја членка коалицијата одделно, да ги повикаат граѓаните да излезат и да гласаат за тие промени, за Европска Македонија.

Заедно сме здужени во коалиција од околу 100-тина членки, а ќе не има уште повеќе.

Ова е денот кога ќе отпочне одбројувањето кое ќе не донесе до денот кога народот во Република Македонија ќе – ИЗЛЕЗЕ ЗА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА!

Само еден настан во поновата историја може да се спореди со предизвикот со кој се соочуваме. Тоа е настанот од пред 27 години. Тоа е денот кога сите гласавме за независна Република Македонија.

Да, драги мои граѓани. Постои една директна линија која што ги поврзува 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година.

Тоа се два големи настани, големи чекори, што ги преземаме како народ на оваа држава со кои ја обезбедуваме иднината на нашата земја како суверена и горда држава, со свој признаен и потврден македонски јазик, и со химна и знаме, која ќе биде дел од големото европско семејство – Европската Унија и од моќниот сојуз на НАТО.

Токму така – Гласањето на 30 септември, на многу начини е уште еден референдум за зацврстување и потврдување на нашата независност.

Заеедно ќе ги обезбедиме нашите граници, ќе го афирмираме нашето културно наследство и нашата посебност, и ќе ни даде дефинитивна перспектива како членка на НАТО и ЕУ.

Она во што сум убеден и што посебно импресионира е тоа што, како и во 1991 година, овој нов референдум за иднината на Македонија ќе се оствари со ист консензус, како што се случи и со референдумот за независност.

Време е Република Македонија да се престрои на вистинскиот пат. Пат кој е над дневните расправии на политиката и жестоките полемики во нашето општество.

Општествената дебата е важна, но оваа дебата треба да се издигне на нивото на предизвикот, и на нивото на одговорноста на одлуката што е пред нас.

Исправени сме заедно пред оваа долгоочекувана шанса за промена која ни ја отвора перспективата да се обединиме и заедно да тргнеме на последната етапа од нашиот марш кон Европа и НАТО.

За таа цел, изградивме силна коалиција што ја прифаќа оваа промена и оваа нова надеж.

Оваа коалиција е отворена и понатаму за сите кои сакаат да ни се придружат.

Да бидеме сите заедно во коалицијата која верува дека иднината на Македонија е европска, и дека НАТО е наш природен сојузник.

Нема политички, етнички или демографски разлики во врска со нашата иднина и ги повикувам сите да се приклучат на тој пат.

И кога велам сите – мислам на сите. Јас сум убеден дека  ВМРО-ДПМНЕ, која долго време беше поборник на нашата интеграција во ЕУ и НАТО, има силни причини да се приклучи на кампањата “Излези за Европска Македонија”.

Порачувам, критикувајте го договорот, но не ја пропуштајте шансата да го дадате вашиот приоденс за европска Македонија.

Ние можеме имаме политички разлики и да продолжиме со нашите секојдневни политички битки. Јас отсекогаш сум ја поздравувал и одобрувал конструктивната критика.

Но, за иднината на Македонија сите треба да се бидеме едногласни.

Ги повикувам г-дин Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат и да покажат дека Европа и НАТО се над дневната политика.

Иднината на Македонија е над таквата политиката.

Денеска започнуваме кампања со која ќе ги информираме граѓаните за придобивките од интеграцијата во ЕУ и НАТО. Заедно можеме да ги донесеме пораките за приодбивките до секое семејство во Македонија, без оглед на нивниот глас на референдумот.

Тоа не се придобивки што ќе пристигнат за десет, или дваесет години. Тоа се придобивки кои ќе ги почувствуваме многу брзо откако ќе гласаме „ЗА“ на референдумот.

Уште во 2019 година, 50 милиони евра ќе одат во земјоделството, образованието и инвестирањето во иновации. Пристапот до пазарите на ЕУ ќе стане посилен, што ќе резултира со повеќе можности за бизнисите и многу повеќе шанси за инвестиции.

260.000 евра, пари на нашите пријатели од Европската Унија, секој ден се довојуваат за многу проекти од важност за Република Македонија. Овие фондови секој ден ги користат деца, учениците, младите луѓе, семејствата и пензионери. Земјоделците и фабричките работници, претприемачите и новоформираните претпријатија. Таа сума постојано ќе се зголемува со доближувањето до ЕУ.

Имаме добри примери на кои можеме да се угледаме и да се повикаме кога станува збор за земјите во развој во нашиот регион кои се приклучија кон ЕУ.

Во Бугарија, Словенија, Романија, и во други земји, дојде до двојно зголемување на просечната плата, и до двојно повеќе од вработувањето на младите.

Со Европската Унија, иднината на нашите млади луѓе е безбедна. Иднината на Македонија е безбедна.

Безбедната иднина не доаѓа по лесно и едноставно. Никој не може да негира дека моравме да направиме компромис. Тоа е болно, и јас целосно го разбирам тоа, и подедаково го чувствувам.

Но, во основата на секој компромис, лежи напредокот, поместувањето од мртвата точка.

Но, кога утре, во европска Македонија ќе им погледнеме на нашите деца во очи, ќе ја сфатиме величината на тој компромис.

Во време на несигурност и нестабилност, ние ја ставаме Македонија на јасен пат, заедно со најсилните сојузи во светот.

Тргнуваме по пат кој ќе ни обезбеди подобар, повисок стандард, посигурни граници и припадност кон семејство од нации ориентирани кон иднината.

Нашите деца ќе ни се заблагодарат што во прв план ги ставивме нивните интереси.

Сите ние имаме должност да излеземе на гласање за нашата втора независност за да ја обезбедиме нивната иднина.

Сите ние ќе да излеземе и да гласаме “ЗА”, за да обезбедиме европска Македонија.

Почитувани граѓани – Европа нè очекува. Да ја зграпчиме оваа шанса и да одиме напред со гордост и чест како рамноправни граѓани на овој голем континент на кој му припаѓаме.

Коалицијата „Заедно за европска Македонија“ го означи стартот на кампањата за референдумот: „Излези за европска Македонија“

Коалицијата „Заедно за европска Македонија“ денеска ја промовираше кампањата за референдумот која ќе се спроведе под името „Излези за европска Македонија“.

На настанот на кој присуствуваа претставниците на коалицијата „Заедно за европска Македонија“ во чиј состав се над триесеттина политички партии и голем број други политички организации, здруженија на граѓани и поединци, се обратија Претседателот на Владата на Република Македонија и Претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев, пратеникот и Претседател на Демократската унија за интеграции Али Ахмети, и актерката и доајен на македоснкиот театар и филм, Сабина Ајрула.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев во обраќање на промоцијата на кампањата „Излези за европска Македонија“, истакна дека денес е важен ден за иднината на Македонија, и дека пред нас е настан со историски пропорции што ќе влијае на нашата земја за годините што доаѓаат.

„Ова е денот кога ќе отпочне одбројувањето кое ќе не донесе до денот кога народот во Република Македонија ќе – ИЗЛЕЗЕ ЗА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА! Само еден настан во поновата историја може да се спореди со предизвикот со кој се соочуваме. Тоа е настанот од пред 27 години. Тоа е денот кога сите гласавме за независна Република Македонија. Постои една директна линија која што ги поврзува 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година. Тоа се два големи настани, големи чекори, што ги преземаме како народ на оваа држава со кои ја обезбедуваме иднината на нашата земја како суверена и горда држава, со свој признаен и потврден македонски јазик, и со химна и знаме, која ќе биде дел од големото европско семејство – Европската Унија и од моќниот сојуз на НАТО“, истакна премиерот Заев.

Тој потенцираше дека гласањето на 30 септември, на многу начини е уште еден референдум за зацврстување и потврдување на нашата независност, кој ќе ги обезбедиме нашите граници, ќе го афирмира нашето културно наследство и нашата посебност, и ќе ни даде дефинитивна перспектива како членка на НАТО и ЕУ.

„Она во што сум убеден и што посебно импресионира е тоа што, како и во 1991 година, овој нов референдум за иднината на Македонија ќе се оствари со ист консензус, како што се случи и со референдумот за независност. Време е Република Македонија да се престрои на вистинскиот пат. Пат кој е над дневните расправии на политиката и жестоките полемики во нашето општество“, нагласи премиерот Заев.

Во своето обраќање Претседателот на Владата на РМ Заев истакна дека ова за референдумот за иднината на земјата сите треба да се бидеме едногласни, и ја повика уште еднаш опозицијата да се приклучи и да покаже дека Европа и НАТО се над дневната политика.

„Денеска започнуваме кампања со која ќе ги информираме граѓаните за придобивките од интеграцијата во ЕУ и НАТО. Заедно можеме да ги донесеме пораките за приодбивките до секое семејство во Македонија, без оглед на нивниот глас на референдумот.Тоа не се придобивки што ќе пристигнат за десет, или дваесет години. Тоа се придобивки кои ќе ги почувствуваме многу брзо откако ќе гласаме „ЗА“ на референдумот“, нагласи премиерот Заев и додаде дека фондовите на ЕУ секој ден ги користат деца, учениците, младите луѓе, семејствата и пензионери. Земјоделците и фабричките работници, претприемачите и новоформираните претпријатија.

Говорејќи за договорот со Грција и за одлуката народотда го даде последниот збор премиерот Заев рече дека безбедната иднина не доаѓа по лесно и едноставно. Никој не може да негира дека моравме да направиме компромис.

„Но, во основата на секој компромис, лежи напредокот, поместувањето од мртвата точка.Кога утре, во европска Македонија ќе им погледнеме на нашите деца во очи, ќе ја сфатиме величината на тој компромис. Во време на несигурност и нестабилност, ние ја ставаме Македонија на јасен пат, заедно со најсилните сојузи во светот“, потенцираше Претседателот на Владата Заев, и во завршницата на своето обраќање на промоцијата на кампањата „Излези за европска Македонија“, ги повика граѓаните уште еднаш да излезат и да гласаат “ЗА”, за да ја обезбедиме европска Македонија, и да одиме напред со гордост и чест како рамноправни граѓани на европскиот континент на кој му припаѓаме.

Во обраќањето пред јавноста Претседателот на ДУИ, и пратеник Али Ахмети, истакна дека на 30 септември ќе има само две опции: да се избере „ЗА“, за европска Македонија, или да се избере опција против нејзината иднина, и додаде дека е убеден дека мнозинството од граѓаните ќе го изберат одговорот кој ќе го заокружи континуитетот на заложбите за членство во Еу и НАТО.

Актерката Сабина Ајрула, во својот емотивен говор граѓаните се пред еден голем избор, и тој избор не е пресудно определ од политичката прагма, туку од исконскиот порив на граѓаните да изберат иднина што ќе им обезбеди сигурност, и просперитетна иднина во земја членка на Европската Унија и НАТО.