(Најава) Граѓански собири, трибини и средби со граѓани на Коалицијата ЗА европска Македонија во Тетово, Куманово, Берово, Ѓорче Петров, Дебар, Ресен, Царев Двор и Шуто Оризари 27.09.2018

Ве информираме дека денес (27.09.2018, четврток) Коалицијата ЗА европска Македонија ќе одржи повеќе средби со граѓани, трибини и собири ширум земјата.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, ќе учествува на трибина со граѓаните на Тетово со почеток во 20:00 часот (плоштад).

(пренос во живо од овие настани ќе може да проследите на Фејсбук страницата на претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев како и на Јутјуб каналот на izlezi.mk)

Од 11.15 часот, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и ќе биде со граѓаните на Куманово, а во 19.00 часот ќе одржи трибина во Домот на култура Трајко Прокопиев.

Во 18.30 часот, министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе се обрати на мал граѓански собир во Берово.

Во 20.00 часот, министерот за надворешни работи Никола Димитров, заедно со потпретседателот на СДСМ, Петре Шилегов, ќе учествува на трибина со граѓаните од општина Ѓорче Петров.

Од 16.30 часот, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ќе се дружи со граѓаните на Дебар.

Со почеток од 10.30 часот, министерот за земјоделство Љупчо Николовски ќе ја посети општина Ресен. Во 13.00 часот ќе оддржи трибина во салата на општината на тема Предизвици и придобивки од ЕУ ориентираното земјоделство. Во 16.30 часот ќе има обраќање на мини трибина со жителите на Царев Двор.

Пратеникот Александар Кирацовски ќе биде со граѓаните на Охрид а пратениците Павле Богоевски и Мира Стојчевска со граѓаните на Делчево.

Спасовски од Штип: Во недела да излеземе масовно ЗА нашата и иднината на нашите деца

Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски вчеравечер учествуваше на отворена трибина со граѓаните на Штип кадешто зборуваше за историската шанса пред која е исправена Република Македонија.

Од градот од кој потекнува предводникот на независна и суверена Република Македонија, токму од спомен куќата на претседателот Киро Глигоров, Спасовски на присутните граѓани им порача дека референдумот во недела е избор помеѓу напредок или изолација, помеѓу светлина или темнина.

– Да го продолжиме патриотизмот на претседателот Глигоров, да ги погледнеме во очи нашите деца и сите заедно да постапиме одговорно за нашата и нивната иднина, ние друга татковина немаме, а на оваа ЕУ и НАТО и се потребни за подобар и поквалитетен живот, порача Спасовски.

Спасовски пред присутните ги истакна сите придобивки од членството во најмоќните меѓународни сојузи, потенцирајќи дека членството во НАТО не значи само безбедност туку и економија бидејќи примерите од новите членки во НАТО покажуваат забележителни резултати на полето на економијата и странските инвестиции по влезот во НАТО.  Влезот во ЕУ и влезот на пазар од 500 милиони потрошувачи, додаде Спасовски, значи шанса за сите нас и особено за младите да се истакнат и докажат на европско тло со услови како што имаат сите останати од земјите членки на европското семејство.

– На 30ти септември не е време за домашни работи, на 30ти септември е време за државни работи, за крупни работи, време е за Македонија. Да направиме се  30ти септември да биде ден за прослава, ден за гордост, ден за иднина, да им оставиме нешто на идните генерации, да ја направиме Македонија европска држава, повика Спасовски.


Премиерот Заев од Прилеп: Ајде и нашата генерација да ја пишува во книгите дека се одважила и донела вистинска одлука, масовно, За европска Македонија

Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, на завршниот митинг на коалицијата “За европска Македонија” во Прилеп, ги повика граѓаните на одлука и акција за иднината на државата. Еве дел од неговото обраќање во Прилеп.

-Ајде и оваа генерација наши Македонци и граѓани на Македонија да ја пишува во книгите како се одважила. И за нас да зборуваат деца и внуци како сме донеле вистинска одлука. Секогаш Македонија знаела да носи вистински одлуки и така се движела напред. Овој пат мораме да ја осигураме, да ја обезбедиме независноста на нашата земја и конечно да бидеме со сите во светот и никогаш повеќе сами во светот.

Јас ве уверувам дека подобар договор не можело ниту може да се направи. Ако можело, последните 11 години ќе бил направен. Добивме земја признаена од сите, од целиот свет, во којашто живее македонски народ признаен од целиот свет, којшто зборува македонски јазик, признаен од целиот свет. Ги остваривме вековните аспирации на нашите татковци и дедовци.

И овде, од херојски Прилеп, редот е да се обратам до опозицијата, пријателе Мицковски, почитувани сограѓани, членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, се работи за нашата заедничка Македонија. Знаете и вие дека подобар договор не може да се постигне ниту можело да се постигне. Знаете и вие дека сите заедно сме за ЕУ и НАТО. Но знаете, почитувани мои сограѓани, дека се работи и за иднината на вашите деца, и за моите деца и за нашите деца. Се работи за нашите наредни генерации.

Да не ја пропуштаме оваа шанса. Оваа шанса нема да се повтори. Знаете дека ќе успее реферемдумот, но ќе биде величествен ако сме заедно сите. Јас знам дека успехот ќе биде над 50 проценти. Но сакам и апелирам, оти така ни личи, да има консензус во Македонија, како што имаше 1991 година.

Ќе се обратам и од овде на младите луѓе. Почитувани млади луѓе, иднината останува на вас. Оваа одлука е најмногу за вас, младите. Немојте да дозволите да ја пропуштите шансата.

Се обраќам и до родителите и до бабите и дедовците. Немојте да дозволите, од кои било причини, да им ја уништите шансата на младите луѓе. Должност е на повозрасните да ги поддржат младите.

Се обраќам до сите деловни луѓе во Македонија, без разлика дали имате производство или сте газди на дуќанче или бутик. Знаете дека со Европа и со НАТО имаме нови пазари, но има и зголемена потрошувачка моќ кај нашиот народ. Ќе има бериќет, ќе има перспектива, ќе има промет, ќе има пласман, ќе има нови пазари.

Се обраќам кон земјоделците и тутунарите во Прилеп, и градинарите и сите земјоделци во Македонија. Фондовите на ЕУ ќе бидат дуплирани, триплирани за ваша поддршка за квалитетно производство. Отвораме нови пазари за земјоделските производи.

Се обраќам до работниците. Знаете дека со Европа има и повисоки работнички права, има и повисоки плати. Немојте да ја пропуштите оваа шанса.

Се обраќам и до пензионерите. Почитувани наши родители, знаете дека ако има нови работни места за младите, ако растат платите во државата, ќе растат и придонесите во пензискиот Фонд, ќе растат и пензиите за пензионерите.

Се обраќам до сите граѓани на Република Македонија, ова е наша должност, ова е наша одговорност, ова е наш патриотски чин. Патриотски чин е да се излезе и да се гласа. Историјата ги брои тие што преземаат акција, тие што гласаат. Тие што седат дома, не ги брои и испишува.

Затоа мој народе, време е за акција, време е за одлука. Време е За европска Македонија!, рече меѓу другото претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, на завршниот митинг во Прилеп.

   

Премиерот Заев од Крушево: На 30-ти септември со секој глас ЗА им обезбедуваме сигурна иднина на нашите деца

Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев попладнево се обрати на граѓанска трибина во Крушево. Пред жителите на градот, кои се собраа пред Македониумот – едно од обележјата на Република Македонија, Премиерот Заев истакна дека како што во 1903-тата нашите дедовци храбро се бореле и пролеале крв за нашата татковина, така сега од нас се очекува храбра одлука со која ќе ја осигураме иднината на Македонија.

„Еве ја Македонија, еве ги нашите деца, еве ги генерациите што доаѓаат после нас. Еве ја иднината на нашата земја. Зарем ова е малку да застанеме заедно? Заедно треба да застанеме сплотени, здружени, да си ги тргнеме на страна сите наши предрасуди. Политичарите доаѓаат и заминуваат. Македонија е таа којашто нѐ држи сите заедно овде на земјата. Македонија е таа којашто е вредна да нѐ сплоти сите заедно. Децата наши, иднината наша. Ајде заедно да излеземе и да гласаме за европска Македонија“, им порача Премиерот Заев на Крушевчани.

Премиерот Заев потенцираше дека одлуката којашто ја донел и договорот којшто го постигнал со Грција се вредни за генерациите кои доаѓаат. Бидејќи, како што рече, должни сме на нашите поколенија да им ја осигураме безбедноста, да им создадеме услови за квалитетен живот.

„Должност ни е како родители, почитувани возрасни, должност наша е заради нашите деца, заради нашата Македонија, заради генерациите коишто доаѓаат на 30 септември да излеземе и да гласаме ЗА европска Македонија. Секој глас ЗА е глас за иднината на нашите деца“, додаде Премиерот и претседател на СДСМ, Заев.

Членството во ЕУ и во НАТО, како што рече тој, носи бенефит за Република Македонија од многу аспекти  се гарантира нејзината безбедност, се зголемуваат странските инвестиции, а со тоа растат и платите на граѓаните.

„Досега Македонија од 2014 до 2020 година има 680 милиони евра грантови или 94 милиони евра годишно грантови или 260 илјади евра дневно грантови. Со членство во ЕУ ќе имаме 8,5 милијарди, не 680 милиони – 8,5 милијарди евра грантови овде.

Повикувајќи ги граѓаните на 30-ти септември да гласаат ЗА, Премиерот Заев рече дека само така ќе ја донесеме Европа во Македонија и сите ќе живееме во Европа.

„Стоиме на идејата на нашите илинденци и затоа на 30-ти септември мора да донесеме јасна и недвосмислена одлука“, им порача на своите сограѓани, градоначалникот на Крушево, Томче Христовски.

 


Николовски во Кратово и во Пробиштип: Влезот во НАТО и ЕУ ќе значи инвестирање во земјоделството и во подобар живот за идните генерации

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој утре ќе ја објави најавата за новиот повик од ИПАРД 2 односно за двете мерки  Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства и  Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи и маркетинг, изјава денеска министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, од Пробиштип.

„Ова се мерките за коишто постои најголем интерес кај апликантите. Во првиот повик на ИПАРД 2 до денес се склучени рекордни 919 договори, што претставува приближно ист број на договори склучени во претходните 9 години во вкупната ИПАРД 1 програма. Овие договори тежат 15,8 милиони евра, од кои околу 12 милиони евра се европски пари наменети за нови трактори, механизација, опрема, преработувачки капацитети и други потреби на македонските земјоделци“ – изјави министерот Николовски.

Преку ИПАРД 2, Европската Унија и дава на располагање на Македонија 60 милиони евра за развој во земјоделството. Согласно законските процедури на Европската Унија, јавниот повик се најавува минимум 30 дена пред неговото објавување, кое ќе биде на почетокот на ноември. Во овој период од еден месец сите заинтересирани кои сакаат да конкурираат ќе имаат време да ја комплетираат целата документација.

Преку искористувањето на европските фондови и инвестирањето во земјоделството се подобрува развојот и стандардот на жителите на руралните средини. Со влезот во ЕУ и НАТО достапните средства од фондовите неколкукратно ќе се зголемат.

Министерот Николовски посочи дека со помош на европските фондови и влезот на државата во НАТО и ЕУ, не само што ќе се зголемат инвестициите во земјоделството, туку ќе се овозможи и  инвестирање во нови градинки, училишта, амбуланти, патна и канализациона инфраструктура, што ќе придонесе за подобрување на животот во руралните средини и обезбедување на подобар живот за идните генерации, за децата.

Министерот денеска имаше работен состанок и со градоначалникот на општина Кратово, Љупчо Бојаџиев и со градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов, со кои разговараше за тековните активности на општините и за можноста за искористување на мерките од Програмата за рурален развој, наменети за развој на општините.

Премиерот Заев од Виница: На 30 септември, секој глас ЗА носи подобра иднина!

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, вчеравечер, од центарот на Виница, ги повика Виничани на 30-ти септември масовно да ја поддржат европската иднина на Македoнија, истакнувајќи ја натпратиската важност на овој референдум, кој треба да го обедини македонскиот народ на европскиот пат кон подобра иднина за сите.

Од оваа одлука, како што рече премиерот Заев зависи иднинта на нашиот народ и иднината на нашата Македонија.

„Оваа одлука е повеќе од важна и повеќе од историска. Честа е на оваа генерација да ја донесе оваа одлика. И знам дека оваа генерација ќе се носи рамо до рамо со историските генерации кои донеле навистина исправни одлуки и опстоила Македонија. На 30 септември, секој глас ЗА носи подобра иднина“, посочи премиерот во Виница.

Премиерот во своето обраќање пред присутните на трибината посебно ја нагласи поддршката од светските лидери за членството на Макеоднија во НАТО и ЕУ, како и бројните придобиви кои следуваат со членството како за развојот на Република Македонија, преку усогласување на македонското со законодавствоот на европските земји, така и за придобивките на бизнис секторот, што дополнително ќе донесе нови работни места и просперитет за локалните средини во земјава.

Зборвајќи за референдумот како најголемо средство за изјаснување на секој граѓанин, го повика народот на Македонија, со масовност, како што рече тој, да ги постројат политичарите и да ја изведат Македонија на заслужениот европски пат, после 27 години независност, затоа што како што рече тој, и ние сме европјани и заслужуваме европски живот.

„Свесен е нашиот народ дека конечно дојде време да бидеме дел од светот. А не да останеме сами на светот “, рече премиерот пред граѓаните на Виница.

Премиерот Заев уште еднаш ја повика опозицијата да покаже став и да се приклучи на историскиот момент во кој се одлучува за иднината на земјата потенцирајќи дека сите политичари треба да покажат единство, одговороност и став за иднината, за што како што рече тој е потребно лидерство, а не изговори.

„Јавно го поставувам прашањето. Што ако не успее овој референдум? Што со Македонија? Никој не кажува што со Македонија. Затоа е многу важно да бидеме сериозни и одговорни. Опозицијата исто има одговорност. Лидерство е да заземете вистинска страна и да го водите својот народ, да носиме одлуки. Еве го единствениот став да не обедини сите“, рече премиерот Заев во Виница.

Во своето обраќање тој посебно се обрати и до младите луѓе, потенцирајќи дека оваа одлука е најмногу одлука на младите луѓе во Макеоднија.

На 30-ти септември, премиерот ги повика младите од цела Македонија масовно да излезат и да ја обезбедат својата иднина.

За повеќе фотографии: https://flic.kr/s/aHsmoaqLxm


Граѓански собири, трибини и средби со граѓани на Коалицијата ЗА европска Македонија во Крушево, Прилеп, Штип, Валандово, Гази Баба, Кратово, Пробиштип, Сарај, Бутел, Чаир, Могила, Новаци

Ве информираме дека денес (26.09.2018, среда) Коалицијата ЗА европска Македонија ќе одржи повеќе средби со граѓани, трибини и собири ширум земјата.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, ќе учествува на трибина со граѓаните на Крушево, пред Македониум, со почеток од 17:15 часот.

Потоа, премиерот ќе се обрати на голем граѓански собир во Прилеп, со почеток од 20:00 часот.

(пренос во живо од овие настани ќе може да проследите на Фејсбук страницата на претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев како и на Јутјуб каналот на izlezi.mk)

Од 14.00 часот, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и ќе биде со граѓаните на Штип, а во 19.00 часот ќе одржи трибина во спомен куќата Киро Глигоров.

Од 13.00 часот, министерот за финансии Драган Тевдовски ќе биде со граѓаните на Валандово.

Од 14:00 часот, министерот за здравство Венко Филипче ќе  ја посети поликлиниката во населба Ченто, а потоа ќе биде со граѓаните низ Автокоманда, општина Гази Баба.

Со почеток од 12.00 часот, министерот за земјоделство Љупчо Николовски ќе ја посети општина Кратово, а потоа ќе има работна средба во Хидросистем Злетовица и средби со земјоделци и граѓани низ населените места во општина Пробиштип.

Дополнително, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ќе биде во Сарај, Бутел и Чаир,  а генералниот секретар на СДСМ и пратеник, Александар Кирацовси со ќе биде со граѓаните на Могила и Новаци.

Пендаровски со граѓаните на општина Аеродром: Време е за одлука, да изградиме држава по европски стандарди

Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски заедно со пратеникот на СДСМ и дел од коалицијата Заедно за европска Македонија Диме Велковски беше во посета на општина Аеродром каде што се сретна со граѓаните од оваа општина.

На средбите со пензионерите од општина Аеродром се разговараше за процесот на интеграција во ЕУ и НАТО, како и за придобивките од членството во двата најмоќни сојузи во светот.

-Поддршката за интеграција на земјава во НАТО И ЕУ ја имаме и од Европа и од светот , за тоа сведочат и посетите на земјава од голем број  европски и светски лидери. Но,  ние треба да ја донесеме одлуката каква иднина сакаме за нас и за нашите деца. Не можеме да чекаме уште 27 години. Сега е време е за одлука. Време е да изградиме држава по европски правила.- рече Пендаровски.

На средбата со младите и спортските работници од оваа општина, Пендаровски зборуваше за можностите што се отвораат со процесот на интеграција во ЕУ, особено пристапот до нови европски фондови преку кои се развива и унапредува спортот, но и ќе се креираат квалитетни младински политики.

– Европа ја носиме во Македонија,тоа значи европски стандарди, нови фондови за реформи во повеќе сектори , а како што ќе течат преговорите со ЕУ така ќе расте поддршката која што ќе ја добиваме. Затоа секој граѓанин треба да излезе, да гласа и со тоа да одлучува за иднината на Македонија. Затоа што само со излегување и со гласање може да се влијае врз одлуката! Нивниот глас ќе се слуша. На 30 септември да излеземе и го дадеме својот глас ЗА европска Македонија порача Пендаровски.

Граѓански собири, трибини и средби со граѓани на Коалицијата ЗА европска Македонија во Виница, Валандово, Миравци, Струмица, Ранковце, Пехчево, Богданци, Кисела Вода, Аеродром, Карпош, Шуто Оризари, Гази Баба, Вевчани и Ресен

Ве информираме дека денес (25.09.2018, вторник) Коалицијата ЗА европска Македонија ќе одржи повеќе средби со граѓани, трибини и собири ширум земјата.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, ќе учествува на трибина со граѓани во Виница, со почеток од 20:00 часот.

(пренос во живо од овие настани ќе може да проследите на Фејсбук страницата на претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев како и на Јутјуб каналот на izlezi.mk)

Претходно, од 13.20 часот, министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе се дружи со граѓаните на Валандово. Во 17.30 часот, МНР ќе учествува на трибина со жителите на село Миравци, а во 20 часот ќе одржи трибина во Вила парк во Струмица.

Почнувајќи од 13.00 часот, министерот за финансии Драган Тевдовски ќе остварува среди со стопанственици и жители на општина Кисела Вода.

Од 11.00 часот, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески ќе ги посети населените места низ општина Ранковце.

Од 15.00 часот, министерот за здравство Венко Филипче ќе ги посети здравствените домови Богданци и Стојаково, а потоа ќе се дружи со граѓаните во центарот на Богданци.

Дополнително, заменикот министер за животна средина Јани Макрадули ќе има обраќање пред жителите на село Небрегово во 13.30 часот, а потоа ќе оствари средби со граѓаните на Пехчево.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ќе биде во Аеродром, Гази Баба и Карпош. Пратеникот и генерален секретар на СДСМ Александар Кирацоски од 11:00 часот ќе биде со граѓаните во Вевчани и а во 14:00 часот со граѓаните на Ресен.  Во 12:00 часот, во Вевчани, Кирацовски ќе даде изјава за медиумите.

Пратеникот и потпретседател на СДСМ Мухамед Зеќири денеска, од 15:00 часот е со жителите на Шуто Оризари. во 16:00 часот Зеќири ќе даде изјава за медиумите (пред зградата на општина Шуто Оризари).

Димитров во Делчево: 30 септември ќе биде празник на иднината

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров вчера го посети Делчево. Тој ја искористи посетата да разговара со младите од Делчево, а се виде и со градоначалникот Горан Трајковски. Министерот исто така имаше свое обраќање на градската трибина.

Со младите од Делчево и околината стана збор за предизвиците со кои тие се среќаваат, а како еден од најголемите проблеми со кои се среќава Делчево и другите околни места беше идентификуван одливот на способни млади во странски земји, луѓе кои инаку директно би придонеле кон развој на регионот.

Министерот Никола Димитров на трибината ја пренесе истата порака која им ја пренесе и на младите претходно – на 30 септември ќе направиме крупен чекор кон подобра иднина за Делчево. Позитивниот исход од референдумот значи и далеку поголема заинтересираност на странски компании, заинтересираност која брзо ќе се преточи во нови работни места, поголеми плати и општ развој на Делчево. На Делчево му е потребна поголема странска инвестиција да го искористи потенцијалот кој го има. Наша историска обврска е да обезбедиме шанса за нашите идни генерации да имаат просперитетен и удобен живот – дома. 30 септември ќе биде празник на иднината.

Активностите на министерот Димитров продолжуваат денеска во Валандово, Гевгелија и Струмица.