Премиерот Заев од Неготино: Оваа генерација, по 27 години, ќе одлучи да бидеме граѓани на ЕУ, политичарите ќе мора да ја почитуваат и спроведат одлуката во Парламентот

Одлуката е сериозна и одговорноста се однесува на иднината на нашата татковина и на нашите граѓани. Да бидеме дел од светот, а не сами во светот. По 27 години, ред е да се интегрираме во ЕУ. Да го фатиме чекорот, да бидеме граѓани на ЕУ, повика премиерот Зоран Заев на граѓанската трибина во Неготино.

Тој посочи дека 27 години политичарите говорат за НАТО и ЕУ, затоа што тоа се нашите стратешки определби и дека е дојден сега моментот за исполнување на тие аспирации.

Се правеле политички калкулации за чување рејтинзи, а помалку се мислело на државата. Зарем желбата во 1991 година не беше да одиме напред? Не се исполнија очекувањата, затоа 27 години зборуваме за ЕУ и НАТО. Како мал пазар тешко ќе опстанеме, можеме само заедно, правото и европските вредности ни требаат. Еден е животот, ајде да го живееме, повика  претседателот на СДСМ и премиер, Заев.

Тој објасни дека договорот од Преспа ги остварува вековните аспирации на нашите претци.

Оваа генерација мора да ја зграпчи оваа шанса, затоа што нема друга алтернатива, нема план Б. Ако ја пропуштиме може да чекаме во следните 50 години. Борбата беше да имаме грутка земја признаена од цел свет, во којашто живее македонски народ признаен од цел свет, којшто зборува македонски јазик признаен од целиот свет. Тоа го имаме, рече  премиерот, Заев.

Должност е, кога ќе излезе мнозински народ и ќе гласа За, со огромно За на референдумот, ние политичарите да се поклониме и може само да ја спроведеме одлуката во Парламентот. Овој народ секој пат бил за Македонија и за идните генерации. Си го знам народот. На 30 септември ќе гласаме за европско Неготино, За европска Македонија, порача претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, на граѓанската трибина во Неготино.


Шекеринска во Свети Николе: Одлуката на 30 септември ќе ја носат тие што ќе излезат да гласаат, тие што знаат каде сакаат да се движи Македонија

27 години во Македонија има консензус за ЕУ и НАТО и сега треба да ја зграпчиме шансата. Одлуката на 30 септември ќе ја донесат оние кои ќе гласаат. Ние како влада ќе го почитуваме ставот и гласот на тие што ќе бидат мнозинство на референдумот ЗА или против. Нема да дозволиме на тие што сакаат да седнат на маса и да зборуваат за амнестија да ја уценуваат Македонија. Одлуката нема да ја донесат тие туку Македонија – изјави министерката за одбрана Шекеринска на трибина во Свети Николе.

 

 

Со овој Договор имаме шанса да влеземе во ЕУ и НАТО како Македонци, како луѓе што го сочувале идентитетот, а македонскиот јазик во ЕУ ќе стане официјален јазик во заедница од 500 милиони луѓе. Договорот ги заштитува работите кои ни се најважни – рече министерката.

Таа зборуваше за бенефитите од членството на Македонија во ЕУ и НАТО. НАТО значи дека во случај на опасност за земја членка се активираат сите сили и капацитети на Алијансата. Рече дека во секоја земја откако станала членка на НАТО, следел раст на економијата, инвестициите и работните места и повеќекратно намалување на невработеноста. Членството во ЕУ значи пристап до многу поголем износ на европски пари и можност за фирмите да поделат повисоки плати, единствен начин да ги задржиме младите дома. Ако во Македонија имаме 260 000 евра европска помош дневно во Хрватска дневната сума европски пари на располагање е 3,5 милиони евра – рече министерката.

Таа рече дека оваа генерација нема да ги остави проблемите на младите туку ќе ги реши.

– Ова го правиме за вас, но нема да успее без вас – порача Шекеринска и повика на масовно гласање на 30 септември за европска Македонија.

 


Премиерот Заев од Демир Капија: Со секој глас ЗА на 30-ти септември за Македонија отвораме нови фондови и можности за влог во капитални инфраструктурни проекти!

Претседателот на Владата на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев на неколку дена пред одржување на референдумот, оствари средба со граѓаните на Демир Капија. Посочувајќи ги бенефитите од членството на Македонија во НАТО и во ЕУ, Премиерот Заев истакна дека за земјата тоа ќе донесе стабилност, економски просперитет, повисоки плати за граѓаните и подобар стандард. Премиерот Заев пред жителите на Демир Капија објасни и каква била состојбата во некои земји пред, и по нивното зачленување во двата големи сојузи.

 

 

„Пред да бидат членки на НАТО и на ЕУ, невработеноста во Бугарија била 17,3%, кога станала членка на НАТО, Бугарија и на ЕУ, невработеноста паднала на 5,5%. Странските инвестиции се зголемиле за 3 до 5 пати повеќе од претходно. Во Романија платите пораснале за 400%, во Бугарија платите претходно биле 244 евра, сега се 550 евра. Затоа се бориме и ние да ги достигнеме“, рече Премиерот Заев.

Ова како што рече тој, ќе се случува и во Македонија. Премиерот Заев истакна дека со отворање на европските фондови, ќе се почувствува директна финансиска поддршка за младите, за земјоделците, но и за сите важни сектори во општеството; здравство, социјала, комунална инфраструктура, образование.

„Тенденцијата на Европа е рамномерен развој насекаде на територијата на ЕУ. Сите земји кои се под 85% од просекот на развој на ЕУ, тие директно ги ползуваат сите фондови на ЕУ. И социјалниот и за земјоделие и кохезивниот фонд.

Ова нас не ни се отвара како можност после 5, 10 години. Буквално од 1 октомври го почнуваме скринингот, преговорите, а поглавјата ги отвораме во јуни 2019-та година – тоа се неколку месеци од сега. Со отворање на поглавјата, се отвораат фондовите и затоа не смееме да ја пропуштиме оваа историска шанса, додаде Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев.

Пред граѓаните на Демир Капија, Премиерот Заев зборуваше и за важноста на договорот со Грција, како и за фактот дека оваа генерација има привилегија, шанса, но и огромна одговорност за неколку дена, на 30 септември да донесе вистинска одлука за иднината на Македонија, но пред се за иднината на своите деца и внуци.

„Сега на 30-ти што и да направиме секако ќе влијае. Ако сме ЗА, ќе влијаеме за да ги отвориме сите можни перспективи. Ако сме против, јас сум убеден дека ќе ни биде жал. А тие што ќе бојкотираат – знам дека ќе се срамат. Тоа ти е како – какво семе ќе засадиме. Ако засадиме ЗА ќе никне убава лозинка, ќе даде убав род и богат плод. Ако засадиме ПРОТИВ, ќе никне една прачка која што нема да даде никаков род. Ако засадиме БОЈКОТ, ќе останат само трња и троскот“, заклучи Премиерот Заев повикувајќи ги граѓаните на Демир Капија в недела со кренати глави и со убава насмевка да гласаат ЗА европска Македонија.

 


Николовски: Патот кон ЕУ и НАТО ги отвора вратите за инвестиции на странските компании во земјоделството

Патот кон Европската Унија и НАТО ги отвора вратите за инвестиции од странските компании во македонското земјоделство, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на денешните средби со земјоделци и претставници од бизнис секторот во општина Босилово.

Само по поканата на НАТО за членка во Алијансата во јуни годинава, Македонија има најава за 50 нови инвестиции во агро-секторот. Во таа насока МЗШВ подготвува јавен оглас за доделување слободно земјоделско земјиште во државна сопственост за површина над 3 хектари. Огласот се однесува за реализација на нови инвестиции, како што се подигање нови насади и изградба на земјоделски комплекси. Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски од Босилово изјави:

 

 

– Огласот кој што се подготвува за доделување на државно земјоделство земјиште под закуп на три хектари ќе се однесува и на бизнис секторот односно на сите домашни и странски инвеститори коишто се заинтересирани за нови земјоделски капацитети. Условите под кои ќе се даваат површините е да се достави посебен деловен план за инвестиции и одреден број на вработувања. Нашата цел е секое слободно парче земја на државата да го ставиме во функција на земјоделците, на целокупната економија, и максимално да ги искористиме  сите потенцијали, изјави Николовски.

Усогласувањето со Европските регулативи и перспективата Македонија да стане членка во Унијата резултира и на приливот на директни странски инвестиции. Само во првото полугодие од годинава нивото на вкупните странски директни инвестиции во земјава изнесува 327 милиони евра, што е 3 пати поголем од истиот период лани.

МЗШВ активно работи и на мерки за зголемување на конкурентноста на земјоделските стопанства на домашниот и меѓународниот пазар. Следејќи ги европските препораки, МЗШВ поттикнува и формирање на земјоделските задруги и консолидација на земјоделско земјиште.

Членството на Македонија во ЕУ и НАТО ја прави земјата привлечна и сигурна за домашни и странски инвеститори. Тоа значи повеќе инвестиции и повисоки субвенции, стабилен пласман, поголем пазар, сигурен откуп и повеќе приходи за нашите земјоделци.

 


Министерката Шекеринска од Свети Николе: На 30 септември граѓаните ќе донесат вистинска одлука за иднината

Министерката Радмила Шекеринска денеска во Свети Николе разговараше со Светиниколчани за претстојниот референдум, а се сретна и со градоначалникот на општината.

„На 30 септември имаме шанса да обезбедиме Македонија да биде безбедна, стабилна држава, да не се грижиме за тоа дали ќе не биде, дали ќе ги зачуваме истите граници, дали ќе ја зачуваме стабилноста, но во исто време и да и гарантираме на нашата земја повеќе пари за патишта, повеќе пари за локална инфраструктура, подобро платени работни места, подобро образование и здравство. Ова се теми за кои мора да дискутираме и ова се теми на кои сите други држави кои станаа членки на НАТО и ЕУ, веднаш забележаа позитивни резултати“, рече министерката.

 

Шекеринска истакна дека референдумот на 30 септември е важен за да им се обезбедат истите привилегии на младите во Македонија, што ги имаат младите во земјите-членки на НАТО и ЕУ, да се обезбедат европските средства и фондови за државата и за општините. Министерката истакна дека вратите за нашата држава се отворени, факт кој го потенцираа сите светски политичари и влијателни луѓе кои ја посетија Македонија.

„Успеавме да ја отвориме вратата за Македонија, но дали ќе го преминеме прагот, дали ќе ги добиеме тие средства, дали ќе ги добиеме тие шанси зависи од граѓаните на нашата земја. Затоа повикот ми е до сите граѓани на Република Македонија, да го искористат своето право на глас, затоа што одлуката на 30 септември ќе ја донесат оние кои ќе излезат да гласаат“, рече Шекеринска.

Министерката повика граѓаните да го искористат демократското право на глас – за или против, и додаде дека Владата ќе го почитува мислењето на мнозинството граѓани кои ќе го искористат своето граѓанско право. „Сметаме дека на тој начин Македонија ќе стане и подемократска, но она што е најважно подобра земја, побогата земја, земја која што ќе создава шанси за своите млади“, заклучи министерката Шекеринска.

 


Спасовски: Да ја прифатиме подадената рака за влез во ЕУ и НАТО, секој глас ЗА носи повеќе странски инвестиции

Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски вчера се сретна со жителите на неколку населени места од општина Крива Паланка кадешто со граѓаните разговараше за процесот на интеграција и придобивките од влезот на Македонија во ЕУ и НАТО.

Присутните граѓани изразија огромна поддршка за остварениот напредок на Македонија во последната година и ги поздравија можностите што се отвораат со пристапувањето на Македонија во ЕУ и НАТО.

 

 

– Светските и европските лидери ни подадоа рака, се отворија вратите за влез во НАТО и ЕУ.  Имаме историска шанса да станеме рамноправен дел од најсилните светски сојузи и да ги живееме сите придобивки како и останатите членки на ЕУ и НАТО. Ова е историска шанса за нашата генерација да обезбедиме иднина за нас и нашите поколенија, посочи Спасовски.

Министерот Спасовски пред присутните зборуваше за придобивките од членството во ЕУ и НАТО, потенцирајќи ги можностите за повеќе странски и инвестиции, како и пристапот до нови фондови и развојни линии за поддршка на стопанството, земјоделството и инфраструктурата.

„Се наоѓаме во клучен период за нашата татковина, исправени сме на една недела од најважната одлука за нашата генерација, да избереме иднина наместо неизвесност, да избереме просперитет и европски можности и вредности. Секој глас ЗА на референдумот е глас за повеќе странски инвестиции, за нови работни места и повисоки плати, за инвестиции во инфраструктурата. Секој глас ЗА на референдумот е глас за напредок и развој, за пристап до нови фондови и поголема поддршка за земјоделството и стопанството. Затоа, на 30 септември да гласаме ЗА за нашата иднина“ – порача Спасовски.


Граѓански собири, трибини и средби со граѓани на Коалицијата ЗА европска Македонија во Демир Капија, Неготино, Свети Николе, Делчево, Карпош, Босилово, Македонска Каменица, Аеродром, Кисела Вода и Центар

Денеска (24.09.2018, понеделник) Коалицијата ЗА европска Македонија ќе одржи повеќе средби со граѓани, трибини и собири ширум земјата.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, ќе учествува на трибина со граѓани во Демир Капија, со почеток од 18:00 часот.

Потоа, премиерот ќе одржи трибина со граѓаните на градскиот плоштад во Неготино, со почеток од 20:00 часот.

(пренос во живо од овие настани ќе може да проследите на Фејсбук страницата на претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев како и на Јутјуб каналот на izlezi.mk)

Претходно, од 14:30 часот, министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе биде со граѓаните на Свети Николе, а во 19.00 часот ќе се обрати на трибина со жителите во општинската сала.

Од 14.45 часот, министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе се дружи со граѓаните на Делчево, а во 19.00 часот ќе учествува на трибина со граѓаните во кино салата.

Со почеток во 17.30  часот, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ќе се дружи со жителите на Карпош.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, од 13.40 часот, ќе остварува средби со стопанственици и жители во општина Босилово, а заменикот министер за животна средина Јани Макрадули ќе има трибина со жителите на село Саса во Македонска Каменица, во 17.30 часот.

Дополнително, од 17.30 часот, Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски ќе биде со граѓаните на општина Аеродром, а потпретседателот на СДСМ Петре Шилегов ќе биде во Кисела Вода и Центар.

Димитров и Анѓушев во Велес: На 30 септември ја отклучуваме вратата кон подобра иднина

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров вчера беа во посета на Велес каде што се сретнаа со граѓаните од градот и околината. Тие исто така имаа обраќања на граѓанска трибина пред велешкиот театар. Воедно одговараа и на прашања од присутните.

Министерот Димитров се осврна на фактот дека референдумот е надпартиски и е поголем од кариерите на сите политичари. Референдумот е прашање за европска иднина на Македонија. “На 30 ти септември силно ќе светне ден. Народот зборува преку гласање и затоа народот го прашуваме. Бегање од референдум е бегање од гласот на народот. Наша е оваа држава. Ова е завет за нашата генерација и имаме задача и должност да ја завериме независноста на Македонија.”

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев од родниот Велес порача дека гласот За на 30 септември е глас за економски стабилна и просперитетна иднина. “Бугарија која беше земја во развој на пониско економско ниво од Македонија го препозна моментот и влезе во Европска Унија пред нас. И додека таму растеа платите, растеше цената на метар квадратен, а ние што правевме – влеговме во политички превирања и дебати. Ние мора сега да ја искористиме шансата што ни се нуди, затоа што шансите не се повторуваат”. Тој порача граѓаните да излезат на гласање затоа што немаме млади за извоз, туку имаме млади кои ќе креираат производи за извоз.

Активностите на министерот Димитров продолжуваат денеска, во Делчево.


Премиерот Заев од Струмица: И НАТО и ЕУ носат економија и прогрес со повисоки плати, повеќе странски директни инвестиции и нови работни места!

„Струмица е во Европа, ајде Македонија да ја внесеме во Европа!“ ги повика своите сограѓани струмичани Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на граѓанскиот собир којшто се одржа на преполниот плоштад во Струмица зборувајќи за европската симболика којашто го краси струмичкиот плоштад на кој пред 11 години се поставени знамиња на земјите од ЕУ, на кој дефилираат гости и маски од европски земји на познатиот Струмички карневал и кој ја шири космополитската пораката на Гоце Делчев дека светот е место за културен натпревар меѓу народите.

Премиерот Заев се обрати пред струмичани на струмички дијалект и порача дека македонскиот јазик кој е богат со дијалекти ќе биде признаен во целиот свет и со членството на земјата во ЕУ и НАТО ќе биде и официјален јазик на Европската Унија.

„Нашиот јазик е богат со дијалекти и останува за век и веков. И после 30-ти во Народната гимназија „Јане Сандански“ ќе се учи на македонски јазик. И после 30-ти во Домот на културата „Антон Панов“ ќе се пеат песни на македонски јазик, ќе се промовираат книги на македонски јазик, ќе се играат македонски ора, ќе се промовираат претстави на македонски јазик. Пред споменикот на Гоце Делчев или пред споменикот на Благој Јанков Мучето или на претседателот Борис Трајковски ќе држиме уште говори на македонски јазик. Различно ќе биде тоа што нашиот македонски јазик ќе биде еден од официјалните јазици на Европската Унија.“ рече премиерот Заев во своето обраќање.

Зброувајќи за придобивките од членството на земјата во ЕУ и НАТО тој потенцираше дека интеграциите ќе придонесат кон развој на економија од која граѓаните ќе почувствуваат многу економски придобивки и подобар квалитет на живот.

„И НАТО и ЕУ носат економија. Носат поголеми плати и прогрес. Секаде во сите земји коишто станале членки на ЕУ и НАТО неколкукратно се зголемиле странските директни инвестиции. Во соседна Бугарија бројката на невработеност од 17.5% се намалила на 5.3%. Просечната плата од 244 евра, денеска е 530 евра. Во Романија платите се зголемиле за 400%. Биле создадени услови за достоинствен живот на граѓаните дома во својата земја. Огромни се придобивките и за земјоделците, и за нашата локална самоуправа, и за здравството и за образованието и за социјалната заштита.“ рече премиерот Заев кој ги повика струмичани на 30-ти септември да донесат одгворна одлука бидејќи како што рече тој историјата ја испишуваат оние ке преземаат акција.

На граѓанскиот собир во Струмица се обратија и атлетичарот и репрезентативец Ване Стојанов и претставникот на бизнис заедницата, Тони Костов кои зборуваа за важноста на историската одлука за членство на нашата земја во ЕУ и НАТО што ќе придонесе за забрзан развој на бизнисите и за подобрување на условите за развој на спортот во нашата земја.

Премиерот Заев од Гевгелија: Да не чекаме уште 27 години, да го фатиме возот што ја носи Македонија во Европа

– Сите ќе се радуваме на историската одлука на 30 септември. Сите сме свесни пред колку исправна одлука сме исправени. Ова е чест на нашата генерација. Знам дека имаме одговорен народ којшто води грижа за своите деца и за своите поколенија. Да не чекаме уште 27 години, да го фатиме возот што ја носи Македонија во Европа, порача премиерот Зоран Заев на граѓанската трибина во Гевгелија.

Тој рече дека македонскиот јазик заслужува да биде официјален јазик во ЕУ.

 

– Постигнавме договор но знаевме што мора да сочуваме, јазикот и идентитетот. И Грција ги призна. Таму во договорот стои македонски јазик. Знам дека е непријатно чувството со географската одредница, но ги знам придобивките. Овој референдум е важен како во 1991 година затоа што за век и веков треба да ја осигураме нашата Македонија. Имаме држава признаена од цел свет, во којашто живее мнозински македонски народ признаен од цел свет, којшто зборува македонски јазик признаен од цел свет. Ги постигнавме сите цели на нашите татковци и дедовци, додаде претседателот на СДСМ и премиер Заев.

Тој се обрати до младите и до родителите.

– Немојте да преспиете, зборувајте со вашите родители, баби и дедовци, имате право на добра иднина. Но и родители, важно е и ние да разговараме со сите. Не е исто нашите млади дали ќе ги имаат сите права како нивните врсници од Европа или ќе останат сами, изолирани. Ова од нас зависи., рече претседателот на СДСМ и премиер Заев.

Тој од трибината во Гевгелија се обрати и до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

– Рече денеска во Охрид дека немаат план за бојкотирање. Ако е така пријателе ајде направи уште еден чекор. И твоја е оваа Македонија. И ти имаш деца и јас имам деца. Во име на тоа што не може да се постигне подобар договор, во име на ЕУ и НАТО, приклучете се заедно да ја испишеме модерната историја на европска Македонија, повика претседателот на СДСМ и премиер Заев.

– На 30 септември секој граѓанин да стави тула во изградбата на иднината на европска Македонија. 30 септември е ден на новата модерна македонска историја да излеземе сите, заедно и да гласаме, за европска Гевгелија, За европска Македонија, порача претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, на граѓанската трибина во Гевгелија.